Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвара предмети за набавката на осум хеликоптери за Армијата вредна 230 милиони евра и за набавката 22 амбулантни возила преку тендер на Министерството за здравство, потврди Татјана Димитровска, претседателка на комисијата, за Радио Слободна Европа.
„Отвораме предмети на сопствена иницијатива, по допрен глас од медиумите, за актуелни случаи пред избори. Двата предмети за набавките на хеликоптерите и на амбулантни возила, со 13 други предмети, значи имаме 15 предмети поврзани со изборниот процес“, изјави Димитровска.
Овие предмети се поврзани со забрани за тоа што смеат, а што не смеат да прават функционерите и институциите по 14 февруари, денот кога претседателот на Собранието, Јован Митрески, ги распиша претседателските и парламентарните избори закажани за 24 април и за 8 мај.
Забраните се определени во Изборниот законик и во Законот за спречување на корупцијата и ги регулираат условите за нови инвестиции, вонредни исплати, вработувања....
Реакции во јавноста предизвика и тендерот на Службата за општи и заеднички работи, со кој Владата планира да потроши 1,6 милиони евра за изнајмување 45 нови автомобили. Понудите треба да се отворат на 27 март, поради што овој тендер засега не е на „радарот“ на Антикорупциска комисија.
Има ли „лов во матно“ во тендери пред избори
Владата по седницата на 12 март соопшти дека Министерството за одбрана ќе набавува повеќенаменски транспортни хеликоптери, со договор влада со влада, меѓу Владата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Италија.
За оваа набавка информираше министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на брифинг со новинарите минатата недела (14.3). Таа тогаш рече дека постапката за изборот на компанијата е почната по оглас објавен во 2019 година.
Хеликоптерите се од италијанскиот производител „Леонардо хеликоптерс“. Договорот со компанијата треба да биде потпишан до крајот на март. Целата испорака треба да биде завршена заклучно со 2028 година.
На конкурсот за избор на компанија пристигнале четири понуди. Покрај „Леонардо хеликоптерс“ имало и понуди од германско-француски конзорциум, компанија од САД и од Канада.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара власта да ја стопира оваа набавка, велејќи дека „надвор од секое нормално делување е СДСМ и ДУИ да вршат избор на тендер од 230 милиони евра на неколку недели пред избори, во период на техничка влада“.
„Купувањето опрема за АРМ е работа која СДС и ДУИ имаа 7 години да ја прават, а не на два месеци пред избори да трошат 250 милиони евра“, соопштија од партијата.
Петровска изјави дека набавката е согласно законската регулатива, при што се поминати сите потребни чекори.
„Процедурата апсолутно нема да биде повлечена, законот не е прекршен, таа ќе биде спроведена до крај затоа што набавуваме опрема којашто е потребна на македонската Армија и која е дел од планот за модернизација“ изјави Петровска од Тетово(17март 2024).
Вториот предмет пред антикорупционерите е тендер на Министерството за здравство за набавка на 22 амбулантни возила.
Во емисијата на „360 степени“ беше објавено дека на тендерот се пријавиле само двајца понудувачи, но со драматично различни понуди во цената. Поевтината била дисквалификувана и е избрана поскапата
„Фирмата што не ги исполнила барањата на тендерот на Министерството за здравство е, всушност, истата која неодамна победила на тендерот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, која купи седум амбулантни возила и ги подари на скопската Итна помош. Возилата кои ги купи ЕУ и возилата кои сака да ги купи Министерството се разликуваат незначително во медицинската опрема, но разликата во цена е огромна“ објави „360 степени“.
Според овој медиум, едно возило купено од Министерството за здравство ќе чини околу 90 илјади евра без ДДВ. Возилата што ги купи и донираше ЕУ, иако имаат незначително помалку медицинска опрема, чинеле драматично поевтино – по околу 63 илјади евра.
И да не се утврди корупција, прашањето е зошто сега се оди со вакви тендери, вели поранешниот антикорупционер Драган Малиновски за РСЕ.
„Исклучокот што го има во Законот за спречување корупција, кога набавките се однапред планирани, секогаш ни се повторува токму пред избори. Прашањето е дали сите тие набавки треба да се планираат за пред избори“, изјави Малиновски.
Незаконски вработувања и злоупотреби на државни ресурси
Меѓу 13-те предмети во Антикорупциска комисија, поврзани со изборите, има и предмети за незаконски вработувања, вонредни исплати на додатоци на плата, предвреме почната кампања, ангажирање лица за договор на дело.
Тоа го правеле државни и јавни институции, јавни претпријатија, општини, кажа претседателката на ДКСК за РСЕ, но не сподели детали за предметите.
Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, изјави дека има две опомени, за вицепремиерот Артан Груби, за користење службени возила за партиски цели.
Грковска рече дека досега не е добиен доказ за други вакви случаи.
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека државни ресурси се користат и за кампањата за втор мандат на Стево Пендаровски, актуелен претседател на Северна Македонија. Според ВМРО-ДПМНЕ, вицепремиерот Бојан Маричиќ со службено возило дошол да се потпише за кандидатурата на Пендаровски, а „и самиот Пендаровски се појави на промоција на проект кој нема никаква врска со неговите досегашни надлежности и искористи службено возило за да оди на отворање на штаб на СДС“.
Малиновски, пак, смета дека е крајно време да се воспостави и политичка култура за нешто што со закон е регулирано уште пред 20 години - да не се користат државни возила или канцеларии за партиски потреби.
„Убеден сум оти политичарите мислат дека тоа природно им припаѓа. Како и намерно да сакаат да манифестираат моќ“, вели Малиновски.
Привремени вработувања пред избори
Во меѓувреме, четириесетина општини, градинки, училишта, јавни претријатија,склучија договори за привремени вработувања со Агенции за привремени вработување по 14 февруари, денот на распишување на изборите.
Уште 20-тина државни и јавни инстотуции успеале во истиот период и да ги реализираат договорите за вработувања. Меѓу нив се општините Тетово, Кавадарци, Вевчани, Гостивар, Сопиште, МТСП, Јавното претпријатие „Дрисла“ и други, покажуваат податоците од Електронскиот систем за јавни набавки.
Проблемот е што привремените вработувања немаат третман на вработување, па сомнежите се дека оваа форма се користи да се згрижи партиската војска на државни јасли.
Законот за спречување на корупција и судир на интереси и Изборниот законик укажуват дека од денот на донесувањето на одлуката за распишување до денот на завршувањето на изборите, не може да
почне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови на нови објекти во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, канализација и други објекти или на училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, врз основа на закон во тековната година.
Почнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.
Парламентарните и претседателските избори ќе се одржат на ист ден, на 24 април. Кампањата за претседателските избори на 24 април почнува на 4 април и трае до 22 април, кога почнува предизборниот молк кој трае до 24 април. Изборната кампања за парламентарните избори почнува на 18 април и ќе трае до 6 мај.