Вести
Џафери: Набавување возила на лизинг е пракса, трошоците се помали

Набавувањето на возила на лизинг, според техничкиот премиер Талат Џафери, носи помалку трошоци од купувањето нови автомобили.
По информацијата дека за набавката на 45 возила на лизинг од страна на Владата, во изјава за медиумите Џафери рече дека ова не е никаква новина туку пракса која постои повеќе години
„Претпоставувам дека е направена според соодветни анализи од претходниот период. Лизингот е поевтин од купувањето на возила, имајќи предвид дека за периодот на лизинг, гаранцијата и одржувањето на возилото е на давателот на услугата а не на побарувачот. Во тој контекст, одржувањето би било поскапо доколку овие возила по пет години би останале во користење на институцијата, изјави премиерот.
Според него, оваа постапка не може да се врзе со предизборниот период, бидејќи станува збор за редовна активност која мора да се спроведе.
„Постапката зависи од периодот на заменливост, затоа што претходните договори се врзани или за времетраење или за помината километража. Не може ова да се врзува ова со моментот на изборите, затоа што договорот мора да се спроведе, имајќи предвид дека тоа е редовна активност, и изборните активности не може да бидат пречка при нивно спроведување“, додаде Џафери.
Претходно и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи одговараше на новинарски прашања за набавката посочувајќи дека станува збор за редовна програма и оти реалната реализација на набавката ќе биде во ноември.
„Тоа е во среднорочниот план, се знае на колку километри се менуваат службените возила и не се набавуваат сега. Мислам дека би требало во ноември да бидат набавени кога реално ќе се случи реализацијата, но бидејќи е во редовниот план за набавки, во програмите, независно на изборниот процес, државата и институциите функционираат“, рече Битиќи.
И вицепремиерот го дели ставот на премиерот, дека лизингот носи помалку трошоци и затоа тврди дека тоа „е најупотребуваниот механизам за службени возила во цел свет“.
За набавката на возила на лизинг која ја прави Службата за општи и заеднички работи при владата, понудите треба да се отворат на 27 март. Се бара возилата да бидат на дизел и од минимум 2.000 кубни сантиметри моторна зафатнина.
види ги сите денешни вести
Повеќе европски држави ја повикаа Унгарија да ги ревидира мерките кон ЛГБТ+ лицата

Белгија и уште 16 земји од Европската Унија објавија заедничко соопштение во кое изразуваат „длабока загриженост“ поради кршењето на основните права на ЛГБТ+ лицата во Унгарија и ја повикуваат да ги ревидира новововедените мерки и да се усогласи со своите меѓународни обврски.
„Длабоко сме загрижени поради неодамнешните правосудни и уставни амандмани кои ги кршат основните права на ЛГБТКЈУ+ лицата, усвоени од унгарскиот парламент на 18 март и 14 април 2025 година, по другите анти-ЛГБТ+ закони веќе воведени во претходните години“, пишува во соопштението објавено на Х, потпишано од, меѓу другите, Шведска, Австрија, Франција, Германија и Словенија.
Како што се посочува, „под изговор за заштита на децата“, овие правосудни амандмани дозволуваат воведување парични казни за учесниците и организаторите на настани како што се годишните прослави на гордоста, дозволуваат употреба на софтвер за препознавање лица на такви настани и забрана на такви настани.
„Загрижени сме поради импликациите на ваквите мерки врз слободата на изразување, правото на мирно собирање и правата на приватност“, пишува во објавата.
Во неа се додава дека потписниците се „загрижени“ од развојот на настаните кои, како што се вели, „се спротивни на основните вредности на човековото достоинство, слобода, еднаквост и почитување на човековите права, како што е наведено во член два од Договорот за Европската Унија“.
Исто така се посочува дека почитувањето и заштитата на човековите права и основните слободи на сите луѓе, вклучувајќи ги и ЛГБТ+ лицата, се составен дел од припадноста на европското семејство и дека тоа е одговорност и преземена обврска на земјите членки на ЕУ и европските институции.
Унгарија се повикува да ги ревидира овие мерки и да осигури дека човековите права и основните слободи на сите нејзини граѓани се почитуваат и се заштитени и се усогласени со меѓународни обврски.
Исто така, се истакнува дека посочените земји ја делат загриженоста на Европската комисија во врска со ова и ја повикуваат Комисијата да ги искористи алатките на владеењето на правото што ѝ се на располагање во случај Унгарија да не ги ревидира овие мерки на соодветен начин.
ОН: Израел ги игнорира „фундаменталните принципи на човештвото“ во Газа

Високиот претставник на ОН за човекови права, Фолкер Турк, изјави дека воените акции на Израел во Појасот Газа повеќе не се опфатени со принципот на самоодбрана според меѓународното право.
„Зборуваме за протерување кое е многу, многу сомнително“, изјави Турк за австриското радио, осврнувајќи се на ефектот од војната врз цивилното население.
„Она што го видовме во последните месеци нема никаква врска со почитувањето на основните принципи на човештвото. Навистина не можете да најдете повеќе зборови за да опишете што се случува“, изјави Турк.
Тој порача дека пријателите на Израел, мора да извршат огромен дипломатски притисок врз земјата за да го промени своето однесување.
Израелската армија неодамна изјави дека ја продолжува својата војна против палестинската исламистичка група Хамас со проширување на воената зона и повикувајќи ги жителите на повеќето места во јужниот дел на Појасот Газа да го напуштат регионот. Хамас е прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и од Евопската Унија.
Според властите во Газа предводени од Хамас, војната во Газа одзеде повеќе од 53 000 палестински животи.
Таа беше предизвикана од најлошиот масакр во историјата на Израел, извршен од терористи од Хамас и други групи на 7 октомври 2023 година. Околу 1200 луѓе беа убиени, а повеќе од 250 беа земени како заложници во Појасот Газа.
Уапсен е поранешниот близок соработник на екс премиерот на Грузија, Иванишвили

Поранешен близок соработник на основачот на грузиската владејачка партија, Биѕина Иванишвили, е уапсен во близина на границата со Ерменија, соопштија властите, неколку месеци откако тој тајно избегал од земјата за време на кривична постапка за која вели дека е политички мотивирана.
Во соопштението од 27 мај, Државната безбедносна служба на Грузија соопшти дека Ѓорѓи Бачиашвили бил приведен еден ден претходно откако добила, како што наведува, анонимна дојава за неговото местоположба.
Фирмата на британскиот адвокат Роберт Амстердам изјави дека Бачиашвили „се соочува со непосреден ризик од тортура“ по она што го нарече негово „присилно враќање“ во Грузија, каде што судот во Тбилиси го осуди за проневера и перење пари, осудувајќи го во отсуство на 11 години затвор кратко време по неговото бегство.
Повеќе од една деценија, Бачиашвили беше близок соработник на Иванишвили, милијардерот и бизнисмен кој беше премиер во 2012-13 година откако неговата партија „Грузиски сон“ победи на изборите и сè уште се смета за де факто владетел на јужнокавкаската земја.
Но, двајцата се скараа и во 2023 година беше покренат случај против Бачиашвили, поранешниот шеф на суверен фонд за богатство основан од Иванишвили, врз основа на изјава од поранешниот премиер.
Обвинителите го обвинија Бачиашвили за злоупотреба на речиси 40 милиони долари криптовалути, а тој беше ослободен со кауција од 2,5 милиони лари (912.000 американски долари) во јули 2023 година. Тој успеа да избегне надзор и избега од Грузија на почетокот на март оваа година.
Во интервју објавено во „Гардијан“ на 26 март, Бачиашвили рече дека бил „десна рака“ на Иванишвили пред да се скараат.
Тој тврдеше дека Иванишвили „ќе ја жртвува земјата, секој интерес за негова лична благосостојба и безбедност“.
Во изјавата од „Амстердам и партнерс“ се тврди дека Бачиашвили „бил цел на интензивирана кампања на политички прогон оркестрирана од Биѕина Иванишвили“.
Засега нема коментар од Иванишвили.
Гаши: Мнозинството е стабилно, ќе работиме со полн капацитет

Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска (27 мај) посочи дека мнозинството останува стабилно и оти Владата и парламентарното мнозинство ќе работат со полн капацитет.
„Мнозинството е стабилно. Нема никаква дилема околу тоа дали имаме мнозинство, се работи за преминување на една од политичките партии во опозиција, но гледате дека неколку пратеници остануваат дел од „Влен“. Мислам дека Владата и парламентарното мнозинство ќе работат со полн капацитет“, изјави Гаши одговорајќи на новинарско прашање, пред почетокот на Балканскиот Самит на Алумни Асоцијацијата.
Прашан кога ќе се избере новиот министер за здравство, Гаши одговори дека најпрвин премиерот треба да го предложи новиот министер, тој предлог да биде ставен на дневен ред и потоа ќе биде доставен до сите пратеници во Собранието.
„Како што знаете, и по Закон и по Деловник, предлогот доаѓа од Владата. Премиерот треба да предложи нов министер. Кога ќе дојде на дневен ред предлогот, тој предлог веднаш во Собранието ќе биде доставен до сите пратеници и ќе ја ставиме на првата наредна седница“, посочи Гаши.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити информираше дека се работи на предлозите за министри и дека тие деновиве ќе бидат доставени до Владата. Како што истакна Меџити, се комплетира листата и со членови на Владата и со заменици и со други позиции.
Првиот вицепремиер смета дека Азир Алиу е најдобар предлог за министер за здравство, како и дека новиот директор на Центарот за управување со кризи од Вреди може да го надмине темпото на работа на досегашниот Стојанчер Ангелов.
Меџити информира и дека вчера (26 мај) 10 членови од Алијанса за Албанците на чело со Арбен Фетаи се вклучиле во претседателството на Вреди. На синоќешниот состанок на партиското централно претседателство избран е Аднан Азизи за шеф на штабот, тој елаборирал за формираниот тим и за отворањето штабови во сите градови каде Вреди претендира за локалните избори.
Несогласувањата во коалицијата ВРЕДИ почнаа пред повеќе од еден месец кога Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии во ВРЕДИ го обвинија за соработка со опозициската ДУИ и одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.
Двајца мигранти се критично повредени во судир во близина на Сараево

Двајца мажи кои биле повредени во судир меѓу мигранти во камп во близина на Сараево се во опасност, објави Министерството за внатрешни работи (МВР) на сараевскиот кантон на 27 мај.
Според полицијата, од шесте повредени мажи, кај пет биле констатирани сериозни телесни повреди, додека за еден маж лекарите не коментирале за степенот на повредите.
Двајца мажи чии животи се во опасност се во Клиничкиот центар во Сараево.
Меѓу повредените се еден Пакистанец и пет Авганистанци.
Полицијата изјави дека во текот на ноќта неколку лица биле испрашувани како сведоци.
Во службените простории на Полициската управа на Кантонот Сараево моментално има неколку лица со статус на осомничени.
Кампот Блажуј е еден од четирите прифатни центри за мигранти во Босна и Херцеговина. Според податоците од Меѓународната организација за миграција (ИОМ), на почетокот на мај, во овој камп имало околу 320 лица од вкупно околу 540 во четири кампа.
Во исто време, Хјуман рајтс воч на 26 мај предупреди дека третманот на притворените мигранти во Босна и Херцеговина (БиХ) треба да предизвика загриженост кај владите кои размислуваат за испраќање дополнителни мигранти во земјата.
Процедуралните одложувања, ограничениот пристап до адвокати и загриженоста за условите и пристапот до услугите ги ставаат мигрантите во опасност, соопшти ХРВ во соопштението од 26 мај.
Како што пишува ХРВ, владата на Обединетото Кралство ја предложи БиХ, заедно со Србија и Албанија, како потенцијални локации на Балканот за центар за враќање. Барателите на азил од други земји чии барања се одбиени ќе бидат испратени таму, додека да се организира нивното враќање во нивните земји на потекло или во други трети земји.
Упадот на возило во група навивачи на Ливерпул не се истражува како тероризам

Педесет и тригодишен Британец на 26 мај со минибус се заби во толпа навивачи на Ливерпул кои ја славеа титулата на градот во Премиер лигата, при што беа повредени повеќе од 45 лица, додека навивањето се претвори во вресоци на ужас.
Се верува дека уапсениот возач е единствениот вмешан, а инцидентот не се истражува како терористички чин, соопшти полицијата.
Амбулантни возила однесоа 27 лица во болница, вклучувајќи двајца со сериозни повреди, а уште 20 лица беа згрижени на местото на настанот поради полесни повреди, изјави Дејв Кичин од Службата за брза помош на Северозападниот округ.
Најмалку четири деца се повредени.
Четири жртви, меѓу кои и едно дете, беа заробени под комбето, а пожарникарите мораа да го кренат возилото за да ги ослободат. Болничарот на велосипед исто така бил погоден, но не е повреден.
„Тоа фрли многу темна сенка врз она што беше радосен ден за градот“, рече претседателот на Градскиот совет, Лиам Робинсон, доцна вечерта на прес-конференција.
Кога парадата заврши, сив миниван скршна на рутата на парадата и се удри во море од навивачи облечени во црвени шалови, дресови и други сувенири на Ливерпул. Видео на социјалните мрежи покажува како комбето удира во маж, фрлајќи го во воздух, пред да се удри во поголема толпа, каде што се пробива низ групата и турка тела по улицата пред да застане.
„Беше екстремно брзо“, рече Хари Рашид, кој беше со сопругата и двете мали ќерки додека минибусот поминуваше покрај нив.
„На почетокот слушнавме само звуци од луѓе како паѓаат од хаубата на автомобилот.“
Рашид рече дека толпата се стрчала во паркираното возило и почнала да ги крши прозорците.
Стотици илјади навивачи на Ливерпул излегоа да ја прослават победата на тимот во Премиер лигата оваа сезона и рекордната 20-та титула во првата лига.
Питер Џонс, кој допатувал од островот Ман, вели дека слушнал автомобил што удира во толпата и видел најмалку шест луѓе на подот.
„Слушнавме брзо бипкање напред, автомобил прелета покрај мене и мојот пријател, луѓето го бркаа и се обидуваа да го запрат, прозорците беа скршени одзади. Потоа се удри во луѓе, полицајци и медицински лица трчаа покрај нас“, рече Џонс.
Полицијата соопшти дека спроведува опсежна истрага за да утврди што довело до судирот и ги замоли луѓето да не шпекулираат или споделуваат „вознемирувачка содржина на интернет“.
Полицијата го идентификуваше осомничениот како бел маж, објавувајќи го соопштението за да спречи дезинформациите да ги преплават социјалните медиуми.
Премиерот Кир Стармер ги нарече сцените ужасни и ја пофали храброста на спасувачите.
„Секој, особено децата, треба да може да ги слави своите херои без овој ужас. Градот има долга и горда историја на обединување низ тешки времиња. Ливерпул е обединет и целата земја е со Ливерпул“, рече Стармер.
Овој пат, навивачите со знамиња се спротивставија на влажното време за да ги наполнат улиците и да се качат на семафорите за да ги гледаат играчите на Ливерпул, кои беа на покривот на два автобуса на кои пишуваше „Повторно нашите“.
Неколкучасовната поворка опкружена со силно полициско присуство се движеше по патеката долга 16 километри и низ море од црвен чад и дожд. Огномет експлодира од зградата „Ројал Ливер“ во срцето на градот.
Тимот во кратко соопштение изјави дека нивните мисли и молитви се со погодените. Премиер лигата издаде слично соопштение во кое изразува шок од „ужасните слики во Ливерпул“.
Српската напредна партија се откажа од блокада на судот во Нови Сад

Претседателот на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ, изјави дека по разговорот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се откажал од идејата активистите и таа партија да ја блокираат зградата на судот во Нови Сад.
Тој за телевизијата „Балкан њузмакс“ изјави дека Вучиќ му посочил дека нивната блокада „ќе ја отежни работата на судот уште повеќе, кој треба да одлучува и за други важни случаи за граѓаните“.
На 20 мај, лидерот на Прогресивната партија, Милош Вучевиќ, изјави дека партијата ќе ги повика своите членови и граѓани да го блокираат судот во Нови Сад од 26 мај, за да бидат ослободени од притвор четворица членови на СНС, уапсени за физички напад врз студенти.
Тој го изјави ова по одлуката на Апелациониот суд за ослободување на тројца активисти кои се обвинети за обид за уривање на уставниот поредок во домашен притвор.
Таа судска одлука беше донесена во времето на блокадата на судската зграда од страна на студентите во блокада и граѓаните кои бараа ослободување на активистите, сметајќи ги за политички затвореници.
Идејата дека „напредњаците“ треба да го блокираат и судот ја поддржа и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој доаѓа од СНС.
Вучиќ, сепак, еден ден подоцна изјави дека не бил во право, наведувајќи дека реагирал со голем гнев на одлуката на Апелациониот суд во Нови Сад да го замени притворот со домашен притвор за тројца активисти од Нови Сад.
За преостанатите тројца активисти, Апелациониот суд ја врати одлуката за притвор на повторно одлучување во Првостепениот суд, кој повторно одреди притвор во траење од 30 дена.
Сега се очекува одлуката на Апелациониот суд по жалбата против таа одлука за притвор.
Во тој период, студентите и граѓаните што протестираат не се откажуваат од блокирањето на судот.
Протестите и блокадите се во тек во Србија од ноември, кога 16 лица загинаа при падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад.
Учесниците на протестот, предводени од студентите во блокадата, бараат утврдување на одговорноста за страдањето на луѓето во Нови Сад и распишување вонредни парламентарни избори.
Африм Фидани е нов претседател на Врховен суд

Судскиот совет денеска го избра врховниот судија Африм Фидани за претседател на Врховен суд на Република Северна Македонија.
Фидани беше избран за претседател со 8 гласа за и пет против. Кандидат беше и претходната претседателка на Врховен суд, Беса Адеми, кој доби само два гласа.
Дискусијата помеѓу членовите на Судскиот совет при изборот беше во насока на тоа дека поранешната претседателка Беса Адеми затаила во својата работа, додека, за судијата Африм Фидани посочија дека не сметаат дека е истакнат судија, но, имал конкретен акционен план со точно утврдени временски рамки кои се во насока да се подобрат состојбите.
Фидани е судија на Врховен суд од 2017 година.
Согласно кратката биографија објавена на веб-страната на судот, по завршување на средно училиште и отслужување на воениот рок, во 1985 година Фидани се запишува на Правниот факултет на Приштинскиот универзитет.
Во 1989 година дипломира на Правниот факултет. Од 1990 до 1996 година работи во просвета на работни задачи – правно административни. О
д 1996 до 2005 година работи во Државниот инспекторат за труд на Република Македонија, како републички инспектор за труд област на работни односи.
Од 2005 до 2007 година е секретар на Општина Врапчиште. Од 2007 до 2011 година е адвокат со седиште во Гостивар. Од 18 јули 2011 година е избран за судија во кривичниот оддел на Апелациониот суд Скопје.
ЕУ се надева дека меѓународните партнери ќе го зголемат притисокот врз Москва

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изрази надеж дека меѓународните партнери ќе го следат европскиот пример и ќе го зголемат притисокот врз Русија поради војната во Украина.
Нападите врз Киев се ужасни, Русија очигледно го зголемува притисокот врз Украина, рече Калас пред почетокот на денешната седница на Советот на ЕУ за надворешни работи во Брисел.
„Од нас зависи да извршиме притисок врз Русија, за Москва исто така да посака мир“, додаде таа.
Таа додаде дека ЕУ е подготвена да го зголеми притисокот против Русија и оти се надева дека другите меѓународни партнери ќе ја следат.
Минатата недела таа соопшти дека ЕУ одобрила нови санкции за руската страна и подготвува дополнителни мерки, кои се очекува да вклучат намалување на горната граница на цената на руската нафта на меѓународните пазари и ограничувања за развојот на гасоводот Северен тек.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно упати остра критика кон неговиот руски колега Владимир Путин поради гранатирањето на Украина во последните денови, пишувајќи дека Путин е „полуден“, „непотребно убива многу луѓе“ и оти „ракети и дронови се лансираат кон градови во Украина, без никаква причина“.
Убедлива победа на партијата на Мадуро на парламентарните избори во Венецуела

Владејачката Обединета социјалистичка партија на Венецуела (ОСП), предводена од претседателот Николас Мадуро, убедливо победи на вчерашните парламентарни избори, соопшти Националниот изборен совет.
Партијата на Мадуро го задржа апсолутното мнозинство во Националното собрание, освојувајќи 82,68 отсто од гласовите.
Истовремено, на локалните избори социјалистите на Мадуро обезбедија 23 од 24-те гувернерски места во венецуелските држави, со исклучок на државата Кохедес, каде победи кандидат на опозицијата.
Ова е намалување во однос на изборите во 2021 година, кога опозицијата победи во четири држави.
Изборите беа обележани со длабоки поделби меѓу опозициските партии, кои го оспоруваат режимот на Мадуро и неговата коалиција „Голем патриотски блок“.
Опозициските лидери ги повикаа граѓаните да се воздржат од гласање во знак на протест против официјалните резултати од претседателските избори во јули минатата година, за кои тврдат дека ги добиле.
Според претседателот на изборната комисија, Карлос Кинтеро, 8,9 милиони граѓани гласале за 258 пратенички мандати и гувернери на 24 држави, што е слична излезност како во 2021 година, иако право на глас имаат 21 милион Венецуелци.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете