Наместо да завршат во противпожарните бригади, опремата која ја купила Дирекцијата за заштита и спасување од минатата година уште чека амин за да биде распределена. Станува збор за две набавки на ДЗС за опремување на 14 територијални противпожарни бригади со 40 изолациски дишни апарати и 20 термални камери за рано откривање на шумските пожари.
Договорот за изолациските дишни апарати е склучен на 28 април 2023 година, додека за термалните камери на 27 ноември 2023 година. Противпожарната опрема веќе е набавена, но, не и распределена.
Тоа го потврдува и командирот на противпожарна служба на град Скопје, Звонко Томевски, кој за РСЕ посочува дека од заштитната опрема со маски досега немаат добиено ништо.
„За дишните апарати имав сознанија дека се набавени. Доставив и барање до Дирекцијата за заштита и спасување во неколку наврати за да се распределат, ама не сме добиле никаков одговор – ниту позитивен ниту негативен. Дишните апарати требаше да ги добиеме уште минатата година, но, се уште нема ништо. За термалните камери прв пат слушам. И механизмите за цивилна заштита како помош е во магацините, останува нефункционална наместо да се подели по единиците. Со таа опрема најдобро би располагале противпожарните единици бидејќи се први на терен. Тие додека се соберат нивните тимови додека дојдат, изминува време и потоа се е доцна“, вели Томевски за РСЕ.
Што е набавено?
Двете јавни набавки опфаќаат 40 изолациски дишни апарати за заштита од пожари и 20 термални камери за рана детекција на пожари, наоѓање на жаришта и опција за употреба на пониски и повисоки температури.
Според податоците објавени на Бирото за јавни набавки, договорот за купувањето на овој вид заштитна опрема изнесува 4.999.896 денари или 81.299 евра. Единечна цена е 105.930 денари или 1.722 евра.
Договорот за 20 термалните камери е склучен на сума од 4.997.300 денари или 81.265 евра. Станува збор за моделот Флир модел К2. За една камера е предвидено да се плати сума од 249.865 денари или 4.063 евра.
РСЕ на 21 март направи онлајн проверка на пазарот на термални камери. Ист ваков модел на камера Флир К2 на веб сајтот на производителот Флир на интернет може да се најде и за единечна цена од 1.499 евра. Доколку, пак, се наполни кошничката со 20 камери за нарачка, вкупната сума која би ја платиле изнесува 29.980 евра, без вклучен транспорт, царински давачки и данок.
Оваа сума само за камерите без давачките е за 2,7 пати поевтина од она што скопската компанија Тангента 2.0, која воедно била и единствен понудувач на тендерот, ги набавила за Дирекцијата за заштита и спасување.
Директорот на институцијата Максути, сепак, смета дека камерите не се преплатени.
„Не, дури се и меѓу поевтините. Реално најдобрите термални камери се меѓу 8000 – 9000 евра па нагоре. Не верувам дека може да се најде поевтино. Малце оператори има кои можат да ги понудат во државата и тоа се странски производи, не се наши“, вели Максути.
Комисија наскоро - распределба по избори
Законот за пожарникарство пропишува дека Дирекцијата за заштита и спасување формира посебна комисија за одобрување за набавка на противпожарна опрема и средства за гасење пожари. Неа ја сочинуваат пет членови – двајца членови од Дирекцијата, еден претставник од Министерството за финансии и градоначалниците на Скопје и Штип, Данела Арсовска и Иван Јорданов.
Оваа петчлена комисија носи предлог до Дирекцијата за заштита и спасување за распределба на противпожарната опрема. Потоа, на предлог на Дирекцијата, владата носи конечна одлука каде ќе заврши она што е набавено.
Но, Комисијата не заседавала повеќе од половина година, вели за РСЕ штипскиот градоначалник Иван Јорданов.
„Кога треба да сме присутни на состанок не известуваат. Досега не сме имале информација или комуникација дека треба да имаме состанок со комисијата. Кога не информираат одиме. Подолг временски период немаме таква комисија. Ние како членови на комисијата не одредуваме кога ќе имаме состаноци. Последен пат кога имавме состанок записникот беше да се одреди она што ќе се набавува што е потребно за територијалните единици. Зошто досега не е распределено не знам“, изјави Јорданов.
Првиот човек на ДЗС, Беким Максути вели дека досега комисијата не се состанала бидејќи чекале дополнителна нова транша на изолациски дишни апарати, кои веќе се набавени. Максути тврди дека чекале тие да стигнат, за да не мора Комисијата да се состанува повеќе пати, бидејќи како што вели „проблем е што тешко можат да се состане“.
„И оваа година набавуваме опрема. Чекавме нова транша, за брзо ќе имаме состанок, ќе одлучиме на кои територијални единици ќе се распределат и врз основа на записник на комисијата која ќе заседава за брзо ќе ги распределиме со одлука на влада. Но, поради изборите може таа одлука да биде спроведена и после изборите. Не е дека директорот не сака, директорот поминува одлуки на влада и прераспределува опрема по доброволните друштва секој месец по една или две. Тоа можам да го тврдам со документи“, вели Максути.
На прашањето зошто го игнорирале барањето на противпожарната бригада на град Скопје да им бидат доделени изолациски дишни апарати, Максути одговара „од скопската ги бараат сите што не е возможно, бидејќи има и други единици кои имаат потреба“.
Проблемите во бригадите си тлеат
Противпожарните бригади во земјава имаат недостиг и на кадар и на нова опрема за гасење пожари. Деталното истражување на Центарот за граѓански комуникации од јуни 2023 година покажа дека на ниво на држава недостигаат 340 пожарникари, а возилата што ги користат се стари во просек по 27 години.
Половината од вкупно 284-те противпожарни возила кои ги регистрира истражувањето на ЦГК се постари од 30 години.
Во однос на екипираноста, помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава. Покрај Скопје, недостиг на пожарникари што има и во Куманово, Битола, Тетово.
Во пожарите што ја зафатија државата во последните три години изгореа десетици илјади хектари шума. Во 2020-та година, штетата е проценета на 21 милион евра, во 2021 година – 38 милиони евра, додека за 2022 година, нешто помалку од два милиони евра. Во период од три години, штетите од пожарите достигнаа 61 милион евра.