Непријатно им е и кај уролог и кај психолог, но статистиката е алармантна

Илустрација

Во ноември, месецот на машкото здравје тешко до термин кај уролог во јавното здравство. Прегледот е непријатен и би го избегнале, велат пациентите, но мора да се прави, апелираат докторите. Загрижува бројот на карциноми, но и на психолошки проблеми кај мажите, покажува официјалната статистика.

Во месецот посветен на машкото здравје, глобално наречен Моември, кога се апелира за преглед на простата, нема ниту еден слободен термин за преглед кај уролог во јавното здравство во следните три месеци, во поголемите градови, Скопје, Прилеп, Куманово, Велес и Битола. Ова го покажуваат податоците на платформата за закажување на прегледи Мој термин.

Во државата има околу 100 уролози, вели урологот доктор Оливер Станков, кој е и претседател на Балканското здружение на уролози. Според него, секогаш има гужва, ама во ноември, поради кампањата, има уште повеќе.

„Тоа значи дека е добро да постои Моември за луѓето да се сетат дека треба да отидат на контрола кај уролог. Можеби нема термини поради поголемиот интерес. Уролози има сосем доволно, меѓутоа многу пациенти се. Ако во една амбуланта има на пример три или четири уролози, тие имаат најмалку 100-120 пациенти дневно“, вели доктор Станков за РСЕ.

„Колку и да е непријатно, мора да се прави“

Уролог треба да посети секој маж над 45 години, а повеќето доаѓаат на 50 кога ќе почнат симптомите, забележува докторот.

Но, некои одат на уролог и порано.

Борис од Скопје бил еднаш, кога имал 30 години. Се надева дека нема да треба да оди никогаш повеќе, иако е свесен дека тоа е ризично.

„Бев приморан поради приватни здравствени потреби. Искуството беше непријатно и нешто што по своја волја никогаш не би го повторил и покрај тоа што сум свесен дека постои ризик по здравјето, a редовните прегледи се суштински за рано откривање на канцер“, вели Борис.

Ваков став делат и неговите пријатели.

„Вознемирени се кога мораат да го направат овој непријатен преглед. Да не се лажеме, живееме на Балканот и некако машкоста е екстремно приватна работа. Никој од оние што ги познавам не го смениле мислењето за уролошки преглед и покрај ноемвриските кампањи“, додава Борис.

Ректалниот преглед можеби е непријатен, ама таков е секаде и мора да се прави, вели урологот Станков.

Класичните и современите методи низ редовни прегледи помагаат во рано откривање. Кога некој има тумор, а нема симптоми, како што се случува кај некои типови на тумор на бубрег на пример, ова може да се открие на рутински преглед, при правење ехо, потсетува докторот.

Во 2023 година, на второ место во Северна Македонија, според примарното потекло на болеста, веднаш зад карциномот на дојка е карциномот на уринарен тракт и машки гениталии. Имало 933 новозаболени, а над 10.000 пациенти биле третирани. Ова го покажува статистиката на Клиниката за онкологија.

Загрижувачка статистика и за машкото ментално здравје

Болестите на простата не се најголемата грижа за мажите кога е во прашање нивното здравје.

Податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат потреба да се посвети поголемо внимание на менталното здравје кај мажите.

Бројот на мажи доминира меѓу пациентите со психоза лекувани во македонските болници во последните пет години. И лани имало повеќе нововорегистрирани случаи на психози кај мажи, според извештајот за Регистар на психози во Северна Македонија во 2023, објавен од ИЈЗ.

Инфографика - Болнички лекувани пациенти од психози 2019-2023, по пол

Во последните пет години во Северна Македонија се самоубиле три пати повеќе мажи отколку жени, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Инфографика - Број на самоубиства во Северна Македонија, по пол

„Некаде сè уште тоа е како одраз на слабост – бил слаб па затоа отишол, а не дека бил умен. Ако отидеме кај адвокат да се консултираме значи сме мудри, а ако отидеме кај психолог, тогаш сме слаби. Тоа е една предрасуда. Како на жените им е дозволено да плачат, да се жалат, да бидат депресивни, а на мажите не. Некаде ќе излезе...“, вели психотерапевт и специјалист по клиничка психологија, Станислав Петковски – Сашо.

Колку мажите бараат психолошка помош?

Скопјанецот Мартин последниве три месеци оди на психотерапија, ама речиси никој околу него не знае.

„Побарав психолошка помош поради тоа што не знаев како да се справам сам. Сè уште немам кажано на никого освен на девојка ми и покрај тоа што имам бенефит од психотерапијата. Не знам како ќе реагираат другите кога би соопштил. Додека некој не сподели прв јас не би зборувал на оваа тема“, вели 29-годишниот Мартин.

И 36-годишниот Стефан посетувал психотерапевт.

„Помислив дека само таму можеш да кажеш нешто без да бидеш осуден“, вели тој.

Мислејќи дека семејството сигурно ќе го разбере, но другарите можеби ќе го осудат, се изненадил од реакциите.

„Еден другар ми рече: ‘ej, и јас одам!’. Ама изгледа чекал јас да споделам прв“, се сеќава Стефан.

Но, Стефан и Мартин се едни од ретките мажи кои побарале помош од стручно лице.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

И на психолозите им треба психолог

На сесија кај искусниот психотерапевт Петковски, на пример, жените се три пати побројни.

„Toa e мачо балкански пристап, дека мажите се најпаметни, дека тие најмногу знаат. Дека тие хуманистичките науки, психологија, психијатрија, сè е тоа за луѓе што имаат вистински проблеми, ама не за советување“, вели Петковски.

Кога споделувањето на проблем е проследено со чувства, тоа е во спротивност со некои трансгенерациски воспитни методи, забележува Петковски.

Според него, „викањето“ на спортски натпревар со другарите, и не е така лошо бидејќи така луѓето се празнат од агресија и насобрана напнатост, но, тоа не е доволно.

„Заради тоа што не се насочени кон интроспекција, да почувствува што тој чувствува. Но, тоа е одраз и на едно конзервативно воспитување. Ние може да летаме во 21 век, ама достигот на технологија и цивилизација е едно, а она што си го влечеме како ластик генерации наназад е друго и кога ќе дојде во судир модерното со конзервативното, тогаш има проблем“, истакнува психологот.

Видете и ова: Сè помлади луѓе заболуваат од „болести за стари“

Според стресогената скала за македонските граѓани, која тој ја направил , проблемите во семејството се многу поголем стрес за мажот отколку за жената.

„Бидејќи жената со комшика, братучетка, сестра, мајка, ќе го зборува тоа и ќе се олабави, а мажот нема со кого да зборува и ќе оди на варијанта 'ж’та и шопска'“, вели Петковски.

На машкото здравје треба да се мисли редовно, а не само кампањски, заклучува тој.

„Тие ќе се прегледаат ако се, да речеме, ментално деконтаминирани. Ние можеме да инсистираме на машко здравје, но ќе биде кампања, ќе трае 15 дена, ехо од тоа уште 20 дена и толку. Пак сите ќе се закопаат во своите менталнитетни ровови“, посочува Петковски.

Според него, можеби преамбициозно е да очекуваме целосно будење на свеста. За тоа е важно е да има нови информаци и за да биде соодветно прифатено одењето на психотерапија, треба да биде и соодветно претставено.