Достапни линкови

Прегорев од работа, ќе ми дадете ли боледување?



Илустрација
Илустрација

Не е синдром на „прегореност“ од работа или „burnout“ сѐ што „гори“, но луѓе со симптоми на исцрпеност има сѐ повеќе. Светската здравствена организација го класифицира како синдром и матичен лекар може врз основа на оваа дијагноза да отвори боледување. Кој бара помош заради исцрпеност од работа?

Ако се потврди дека имате состојба на витална исцрпеност од работа или „burnout“ , според меѓународната класификација на болести МКБ10, која ја применува и македонскиот здравствен систем, матичниот лекар може да ви отвори боледување.

„Оваа дијагноза е дефинирана во глава 21 како поголема група на фактори кои влијаат на здравствената состојба во Правилникот за критериуми на привремена спреченост од работа. За оваа дијагноза избраниот матичен лекар може да даде боледување до 7 дена без примена на критериуми, а со извештај од специјалист до 15 дена. Според овие критериуми над 15 дена нема основ за продолжување на боледување“, велат од Фондот за здравствено осигурување за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Тие немаат увид во боледувањата до 15 дена бидејќи се издаваат од матичните лекари, a за нив не се бара согласност од лекарските комисии. Од комисиите се бара согласност само за боледувања над 15 дена.

Доктор Бојан Трајковски кој работи како матичен лекар последниве три години, вели дека ниту еден негов пациент досега не отворил боледување на оваа основа.

Бојан Трајковски, матичен лекар
Бојан Трајковски, матичен лекар

„Состојбата 'burnout' постои како дел од македонскиот шифрарник, под шифра Z73.0 и се води како исцрпеност од работа. Досега не сум отворил вакво боледување затоа што постои одреден дијагностички минимум кој јас како лекар морам да го исполнам, па одредени пациенти посоодветно ги заведуваме со друг тип на шифри, со цел да немаме компликации при самото боледување“, вели Трајковски.

Светската здравствена организација (СЗО) не го класифицира таканаречниот „burnout“, односно прегорувањето од работа како медицинска состојба, туку како синдром кој е „резултат на хроничен стрес на работното место кој не е успешно контролиран“.

Кои се симптомите?

Симптомите знаат буквално да онеспособат еден човек и затоа треба да се препознае на време и да се делува, апелираат експертите.

„Честопати луѓето не го препознаваат според начинот на кој гледаат во симптомите. Си велат, имам анксиозност, имам нешто друго. И така не се свесни дека одредени симптоми доаѓаат токму поради некакво професионално согорување и затоа работата на себе е толку важна“, вели психологот и психотерапевт, Тиана Ивановска, која со синдромот на професионално согорување често се среќава во нејзината пракса.

И студентката по Психологија, Александра Атанасова, не била свесна дека го има, додека не не се отворила темата за време на работилница за ментално здравје на која присуствувала.

„Кога почнав да зборувам сфатив дека го имам бидејќи бев во еден период кога си давав премногу обврски, а не можев сите да ги исполнам. Работилниците ми помогнаа за тоа како да почнам да го спречувам. Ако продолжев да си ги наметнувам тие обврски и уште и да прифаќам други, јас уште повеќе ќе западнев во тој синдром и затоа научив да кажувам: „Не!“, изјави студентката.

Светска здравствена организација: Симптоми на синдромот „burnout“
Светска здравствена организација: Симптоми на синдромот „burnout“

Кој страда најмногу?

Матичниот лекар Трајковски забележува дека најподложни на „прегорување“ се луѓето кои работат во тешки услови, во ноќни смени и имаат сериозен стрес на работа, која бара активност речиси 24/7.

„Здравството е една од најчесто погодените области. Исто така и ИТ секторот, оние кои делуваат во сегментот на одржување на сериозни мрежи, интернет и слично се под сериозно голем стрес“, вели Трајковски.

Матичните лекари даваат совети за менување на начинот на живот и исхрана, но кога тоа не помага, ги советуваат пациентите да одат на психолошко или психијатриско советување.

Не е „burnout“ сѐ што „гори“

Најголем процент од „прегорените“, за жал се млади, заклучува доктор Трајковски.

„Мислам дека југословенскиот начин на функционирање на повозрасните, не им дозволува да ја препознаат тежината на работата и да се пожалат на проблемите што ги имаат. Кај младите е поразлично. Сепак, имаат отворени литератури, гледаат, слушаат, имаат интернет, буквално сѐ е достапно, па многу полесно и побрзо ги препознаваат симптомите и се обраќаат за помош“, вели матичниот лекар.

Психотерапевтката Ивановска, потврдува дека младите се посвесни, но истакнува дека некогаш само мислат дека „прегореле“.

„Младите се посвесни, но особено Генерацијата Зет која јас често ја анализирам, има една изразито помала толеранција на фрустрација. Честопати препознаваат прегорување во некој природен процес на стекнување на отпорност. Многу е важно да препознаеме дали нешто е навистина 'burnout' или е само еден вид на дискомфорт во работниот процес кој кај нас креира една отпорност кон фрустрација“, додава Ивановска.

За да се потврди дека некој има синдром на „прегорување“, потребно е специфично лекарско испитување, како психолошко, односно психијатриско, посочува доктор Трајковски.

„Тоа мора да се направи за да не тврдиме 100 % дека зборуваме за 'burnout'. Потребно е да се исполнат 5-6 критериуми. Најчесто кај нас, во Македонија, најголем број од пациентите кога ќе дојдат во таква ситуација, боледувањето најчесто се отвора или со тип на дијагноза како анксиозно-депресивно растројство или анксионост“, вели докторот.

Психотерапевтката Ивановска се согласува дека најважно е стручно лице да разграничи за каква состојба станува збор и смета дека потребно е да се користат повеќе дијагностички алатки, тестови и клинички интервјуа за да се дојде до вистински заклучок.

Како е во регионот и во светот?

Вработените во Црна Гора не можат да земат боледување поради синдром на исцрпеност на работа, или „прегорување“, како што е дефинирано од СЗО, бидејќи црногорскиот здравствен систем тоа не го препознава. Договорено е тој да се применува во земјите членки од јануари 2022 година, потврди за црногорскиот сервис на РСЕ, Мина Брајовиќ, шеф на канцеларијата на СЗО во Црна Гора.

Од земјите во регионот, Босна и Херцеговина го промени своето законодавство и го вклучи овој синдром во каталогот на болести, додека Србија, иако е членка на СЗО, не ја промени легислативата која би ја вклучила исцрпеноста на списокот. Во Хрватска, која е членка на Европската унија, исто така не е променет регистарот на болести, а проблемот со исцрпеноста е евидентиран како дијагноза на стрес.

Истражување на Волстрит журнал од 2019 година покажа дека 46 отсто од работниците во САД постојано чувствуваат стрес, додека во март следната година оваа бројка се искачила на 60 отсто.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG