Достапни линкови

Сè помлади луѓе заболуваат од „болести за стари“


Од здруженијата на пациенти предупредуваат дека опасно се спушта возрасната граница за болести за кои порано се мислело дека ги добиваат луѓе во поодмината возраст. Лекарите велат дека причини има многу, а една од нив е побрзата дијагностика поради што болестите порано се откриваат

Само осум години има најмладиот пациент со мултипла склероза(МС), дијагностициран на Универзитетската клиника за неврологија. Најмалиот пациент со јувенилен артритис е деветмесечно бебе. Канцер на дојка се добива и на 16 години.

Ова се податоци од здруженијата на пациенти, кои предупредуваат - опасно се спушта возрасната граница за болести за кои порано се мислело дека ги добиваат исклучиво луѓе во поодмината возраст.

Мултипла склероза е хронична, прогресивна, дегенеративна болест на централниот нервен систем, која со тек на време предизвикува траен инвалидитет.

„Најчесто, болеста се дијагностицира на возраст меѓу 20 и 40 години. Но, запрепастувачки е дека се почесто се појавува педијатриска мултипла склероза, онаа кај деца. До пред две години, најмладиот пациент ни беше 12 години“, вели Ана Карајанова Димитрушева, претседателка на Националното здружение за мултипла склероза.

Годишно во државава се дијагностицираат по 90 – 120 случаи со МС. Во моментов има над 1.500 луѓе во државава кои живеат со болеста, иако се претпоставува дека бројката на неоткриени случаи е многу поголема.

Д-р Бојан Бошкоски од Универзитетската Клиника за неврологија вели дека има веројатност мултиплекс склероза да се појави и на рана детска возраст, а редовно се дијагностира над 11 – 12 години. Според него, една од причините што се открива и кај деца е што болеста сега полесно и побрзо се дијагностицира, за разлика од порано.

„Критериумите за дијагноза се подобруваат, поголема е достапноста до магнетна резонанца. Постојат повеќе теории зошто се појавува болеста мултиплекс склероза. Една од последните е дека може да има поврзаност со Епштајн – Бар вирусот“, вели д-р Бошковски за РСЕ.

Надолу се поместува и старосната граница на млади девојки кои се борат со канцер на дојка. Ако порано просечната возраст на заболени жени била 50 години, сега онколозите лекуваат и млади пациентки на околу 20 години, па и помалку. Според информација од Здружението „Езра“, најмладата дијагностицирана пациентка има 16 години.

Околу 10 до 15 отсто од случаите со мозочни удари во земјава, се млади лица, односно пациенти од 18 до 50 години. Овој податок го истакна д-р Сања Џамбазова Зикова, на работилницата „Превенција од мозочен удар“ што во март година ја организира Факултетот за здравствени науки при Универзитетот на Југоисточна Европа.

„Додека кај повозрасната популација како традицонални ризик фактори се висок крвен притисок, дијабетес и слично, кај помладите луѓе не е откриена причината“, рече тогаш Џамбазова Зикова.

Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружение на матични лекари
Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружение на матични лекари

Д-р Лилија Чолакова – Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични лекари, вели дека во секојдневната пракса, сè помлади луѓе страдаат од висок притисок и од болести карактеристични за современиот начин на живот.

„Се спушта возрасната граница кај кардиоваскуларните болести, кај малигнитетот...државата треба да направи сериозни анализи зошто е тоа така. Млади луѓе забораваат затоа што со дигитализацијата не го користат мозокот, сменет е начинот на живот, луѓето се помалку ментално и физички активни. Стресот е важен фактор, голем дел од популацијата пие антидепресиви за да го помине денот, се случува нешто кај болестите што не било порано. Треба да се покренат сеопфатни кампањи за здрав живот“, вели Чолакова – Дервишова.

Извештај за здравјето на населението на Институтот за јавно здравје, во десетгодишниот период од 2010 – 2021 година, покажува и промени во стапката на морталитет на населението во Северна Македонија.

Според извештајот, и кај мажите и кај жените стапката на морталитет на возраст 0-64 години во периодот 2010 – 2019 година не бележи значајни промени, но во 2020 и 2021 година и кај двата пола се забележува значително зголемување.

Стапка на морталитет во Република Северна Македонија, 2010 - 20121
Стапка на морталитет во Република Северна Македонија, 2010 - 20121

XS
SM
MD
LG