Достапни линкови

Болницата „8 Септември“ има лекари и опрема, ама нема лекови за болните од канцер


ГОБ „8 Септември“- Скопје
ГОБ „8 Септември“- Скопје

Три регионални онколошки центри и посебно одделение во поранешна Воена болница во Скопје требаше да го растоварат напливот на пациенти во Клиниката за онкологија. Но, зошто регионалните центри речиси не работат, а бројот на болни од канцер во 2023 година достигна речиси 100.000?

Пациенти болни од канцер уште не можат да се лекуваат во Градската општа болница „8 септември“ (поранешна Воена болница), иако владата пред една година даде согласност и тука да се отвори онколошко одделение - за првпат во историјата на болницата. ГОБ „8 септември“ има лекари и простории, ама нема пари за лекови за болните, вели Христијан Костов, директор на болницата.

Пред околу два и пол месеци болницата пратила барање до Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) да им се одобри буџет од околу 20 милиони денари за онколошки лекови за 2024 година.

„Направивме дневна болница за хемотерапија. Имаме две амбуланти и двајца лекари - онколози. Пративме еден физичар и двајца рентген технолози во Сремска Каменица, најголемиот онколошки центар во Србија, да се едуцираат за работа со новиот акцелератор (апарат за болните од карцином). Чекаме или лекови или пари за лекови“, изјави Костов за Радио Слободна Европа.

Клиника за онкологија – драматичен крик за помош од државата
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:21 0:00

ОД Фондот за здравствено осигурување велат дека уште се анализира барањето на ГОБ „8 Септември“.

„ За да се утврди обемот на потребните средства, по извршената анализа, ќе следува состанок со претставници на здравствената установа за утврдување на лековите и нивните количини кои ќе треба да се набават за да се димензионира и финансиски изрази зголемувањето на надоместокот. Додека се заврши оваа постапка установата може да изврши набавка на лековите, а додека доспеат фактурите за плаќање, Фондот ќе ја заврши анализата, ќе го утврди потребниот обем на средства и ќе го зголеми надоместокот за висината на проценетата вредност на потребните лекови за до крај на тековната година“, велат од ФЗОМ.

ГОБ „8 септември“ е една од болниците што требаше да преземе третина од пациентите од Клиниката за радиотерапија и онкологија, која сега ги лекува пациентите од цела Северна Македонија.

Најавувајќи ја оваа можност, поранешниот премиер Димитар Ковачевски го претстави акцелераторот уште на 8 септември 2022 година и рече дека овој апарат е прв од таков тип во регионот, со врвна технологија за третман на малигните заболувања и се очекува да биде ставен во функција до крајот на годината.

По две години, не функционираат ниту апаратот ниту онколошкото одделение.

Зошто не работат регионалните онколошки центри?

Покрај ГОБ „8 септември“, онколошки одделенија има и во Клиничката болница во Битола и во болниците во Штип и во Тетово. Но, наместо да се лекуваат најблиску до дома, и пациентите од овие региони одат во Скопје.

Емилија Атанасовска од Делчево на секој 21 ден доаѓа во Скопје како придружба на член од семејството за хемотерапија.

„Патуваме од Делчево. Го прескокнуваме Штип како клинички центар каде имам информација дека може да се прима терапијата но не враќаат, не знам зошто. Се случува да чекам буквално и по 6-7 часови. Пациентите повраќаат по пат, им се лоши, не се издржува. И здрав човек да помине толкав пат не е лесно, не пак пациенти кои примаат хемотерапија“, изјави Атанасовска за Радио Слободна Европа.

Виолета Клисарова, директорка на Клиника за радиотерапија и онкологија - Скопје
Виолета Клисарова, директорка на Клиника за радиотерапија и онкологија - Скопје

Виолета Клисарова, директорка на Клиниката за онкологија во Скопје, вели дека овие регионални центри се комплетно неискористени и нефункционални.

„Од друга страна имаат обезбеден специјалистички кадар, а во Битола има и инсталиран радиотерапевтски апарат за кој мислам дека нема интерес да проработи со години наназад. Дури имаат и листа на специфични лекови, кои ние тука ги администрираме, но имаат симболичен број пациенти. Тетово и Штип речиси и не примаат онколошки пациенти, евентуално за некоја симптоматска терапија или некаков контролен преглед“, вели Клисарова.

Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија - Скопје
Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија - Скопје

На Клиниката за онкологија во Скопје во 2023 година се лекувале околу 8. 200 пациенти само од градовите Битола, Штип и Тетово, без да се сметаат и пациентите од другите населени места околу нив.

Битола: Има специјалисти и лекови, но пациентите ги праќаат во Скопје

Лекари од Клиниката за онкологија во Скопје велат дека Клиничката болница во Битола има лекови за пациенти болни од канцер како што има и во Скопје, но наместо таму да ги лекува, битолската болница ги препраќа пациентите во главниот град.

Болницата во Битола има доволно персонал за да лекува болни од некои видови канцер, вели Елизабета Ивановска, директорка на болницата. Има четворица онколози, четворица радиолози и еден физичар. Терапија се набавува еднаш годишно и ја има доволно.

Во оваа болница има и апарат - акцелератор, за кој Државниот завод за ревизија објави дека со години стои неупотребен. По укажувањето на ревизорите, Министерството за здравство дало дел од опремата, но апаратот уште не работи. Се чека КТ-стимулатор.

Апаратот беше набавен уште во 2012 година и чинеше 1,6 милиони евра.

Клиничка болница - Битола
Клиничка болница - Битола

„Најчесто во Скопје препраќаме пациенти со канцер на дојка и на дебело црево. Ги праќаме тие за кои доктор специјалист ќе оцени дека треба да се лекуваат во терциерна установа“, вели Ивановска за Радио Слободна Европа.

Вкупно 2.200 пациенти со канцер од Битола во 2023 година се лекувале на Клиниката за онкологија во Скопје.

Од друга страна, во болницата во Битола во јануари и февруари 2024 година имало 506 пациенти кои примале хемотерапија и 708 амбулантски прегледи, покажуваат податоците од оваа болница.

Штип: Само еден онколог за цел регион

Клиничка болница во Штип требаше да биде регионален центар за лекување на болните од рак од источниот дел на Северна Македонија, кој би опслужувал околу 250.000 граѓани.

За таа цел, уште пред 16 години (во 2008 година) почна да се гради објект каде требаше да биде биде поставен апаратот за зрачна терапија и пациентите да добиваат хемотерапија. Градежните работи требаше да се одвиваат заедно со изградбата на нова Клиничка болница, која целосно е заглавена и работите се стопирани. Поради тоа беше раскинат договорот со фирмата - изведувач на работите, грчки „Интракат“.

Затоа, штипска онкологија функционира само како амбуланта за прегледи и за дневна болница. Болницата има само еден специјалист онколог-радиотерапевт, единствен во цел источен регион. Тука се третираат пациенти со карцином на простата, дел од пациентите со карцином на дојка и карцином на дебело црево.

Не располагаме со соодветните апарати за подготовка и апликација на венска хемотерапија, ниту пак е инсталиран апаратот на зрачна терапија. Услови има само за таблетарна (хормонска и хемотерапија) и субкутана (хормонска) терапија , како и субкутана биолошка терапија за пациентки со карцином на дојка, и тоа со ограничен буџет. Моментално не постојат соодветни просторни , материјални и чевечки ресурси за оптимално функционирање“, одговорија од Клиничката болница - Штип за Радио Слободна Европа.

Околу 1.500 пациенти само од градот Штип во минатата 2023 година се лекувале на Клиниката за онкологија во Скопје.

„Нашиот став е јасен и очигледен - повеќе од неопходно е таканаречените регионални центри да станат вистински онколошки центри каде пациентите од соодветниот регион би добиле квалитетен и навремен онколошки третман. То тоа би се поштедиле од патување во Скопје, а би се намалил и напливот на пациенти во Универзитетската клиника за онкологија“, велат од штипската болница.

Тетово: Одделение има од пред еден месец, нема лекови

Болницата во Тетово пред еден месец отвори онколошко одделение, вели Шпресим Ферати, директор на болницата.

Тука работат двајца онколози.

„Бројот на онколошки пациенти кај нас не е голем бидејќи немаме средства да третираме такви пациенти. Се обративме до ФЗОМ пред Нова Година и баравме дополнителни 14 милиони денари за онколошкото одделение“, изјави Ферати за Радио Слободна Европа.

Според него, минатата година болницата располагала со буџет од 2 милиони денари за лекување на болни од канцер.

Во 2023 година околу 4.500 пациенти од Тетово се лекувале на Клиниката за онкологија во Скопје.

Тоа што на хартија има регионални центри за пациенти од канцер, а во пракса не функционираат, прави голем притисок врз Клиниката за онкологија.

Поранешниот министер за здравство, Фатмир Меџити, најавуваше стратегија во чиј фокус е добивањето онколошка терапија во регионални центри. И поранешниот министер Венко Филипче најавуваше дека бункерот за акцелераторот во Штип ќе биде готов до 2020 година. Следната година, изговорот беше дека ковид-пандемијата го одложила сето тоа, со што дојде и најавата дека бункерот ќе биде готов до крајот на 2021 или почетокот на 2022 година. Објектот и денеска не е завршен.

Клиниката во Скопје претесна за сите пациенти

Поради нефункционирањето на регионалните центри, Клиниката за онкологија станува претесна за се поголемиот број пациенти со канцер. Во 2023 година тука се третирани рекордни 96.000 пациенти.

До крајот на 2024 година се очекува и бројот на новозаболени да надмине над 5.000 пациенти, што исто така ќе биде рекорд.

Клиника за радиотерапија и онкологија - Скопје
Клиника за радиотерапија и онкологија - Скопје

Во меѓувреме,трае истрагата на Јавното обвинителство за можни злоупотреби со набавка на скапи лекови на Клиниката за онкологија, за повеќе кривични дела за периодот од 2017 до 2022 година.

Истрагата е за два клучни аспекти. Едниот е дека биле набавувани лекови на реверс, без објавување тендери односно во нетранспарентни постапки. На ваков начин се создавале вишок лекови и терапии. Вториот аспект, е што се препишувале повеќе од потребни лекови на име на пациенти. Истрагата понатаму треба да утврди каде завршил вишокот.

За измами во служба се гонат двајца поранешни директори и тројца лекари онколози. Обвинителството досега нема информации дека вишокот лекови завршувал во Косово, како што објавуваа медиумите.

XS
SM
MD
LG