Околу две недели по доаѓањето на власт на премиерот Христијан Мицкоски (24 јуни 2024 год), јавни обвинители влегле во Министерството за финансии. Причината била „допрен глас“, обелодени вчера на брифингот со новинарите Државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Според него ова се случило поради тоа што премиерот и претставници на власта десетина денови претходно објавувале информации дека има дупка во државниот буџет од околу 200 милиони евра.
Државниот обвинител и уште двајца обвинители влегле во финансии и објасниле на тогаш новата министерка Гордана Димитриевска Кочовска дека ќе треба да ги запленат сите компјутери за да отворат истрага.
„Тогаш и објаснивме на министерката што е институтот „допрен глас“ и и беше укажано за начинот на кој можеме да постапиме. Министерката кажала на повисоко ниво и толку. Ако постапувавме за 10 минути ќе се блокираше државата. Лесно е политичари и медиуми нешто да објават и кажат, но не секогаш е возможно да се постапи по допрен глас. Државното обвинителство секогаш постапува во рамки на своите надлежности и цени дали има елементи на кривично дело “, рече Коцевски.
Видете и ова: Отчет на Обвинителството: Црни листи, Онкологија...Обвинителите реагираат зошто само нив ги прозиваат
Законот за кривична постапка на Северна Македонија само еднаш го споменува правото за постапување по допрен глас, и тоа во делот на „Предистражна постапка“ и членот кој е за повод за поведување кривична постапка.
„Јавниот обвинител и правосудната полиција за сторено кривично дело дознаваат со непосредно забележување, по допрен глас или по примена кривична пријава“, пишува во законот.
Според обвинителите токму овој член јасно укажува дека не само државното обвинителство туку и МВР и Финансиската полиција се надлежни да отвораат истраги ако дознаат, слушнат или медиумите објават нешто што е сомнително и можно кривично дело.
Според шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски секој што постапува од областа на кривично дело треба да постапува по допрен глас, а тоа се Финансиска полиција, Царинската управа, криминалистичката полиција.
„Тие имаат техника, тактика, методика, криминалистичка логика за да состават содржајна кривична пријава. Е кога тоа нема да се случи, а не секогаш се случува, тогаш обвинителството влегува во приказната. Најповикано е обвинителството кога има неактивност на полицијата. Не дека бегаме од одговорност, не ми е таа идејата. Не е проблем да отвориме истрага, но после што правиме, ние пак ќе треба да ги повикаме полицајците. Законот за кривична постапка е за сите, сите се исти“, рече Бубевски.
Видете и ова: Автопатите на „Бехтел и Енка“ заглавуваат и во судовиСпротивно на ова професорот по кривично право на Правниот факултет Гордан Калајџиев, смета дека сепак обвинителството е она кое прво треба да реагира во ситуации кога се објавуваат сомнежи за некакво кривично дело.
„ Не може да се вадат на полиција. Точно е дека полиција има одговорност за случаи за кои ќе дознае од друго место, а кои не се дојдени веќе до обвинителството. Но штом стигнува глас и до обвинителството ако намириса дека има случај има должност да го покрене случајот, мора да презеде некоја иницијатива. Да дека законот е флексибилен, но во принцип за поважни работи се смета дека обвинителството само треба да ги набљудува од поблиску“, вели Калајџиев.
Инаку по „допрен глас“ се смета секое отворање на предистрага или истрага која не доаѓа со поднесување пријава. Сомнежи може да им се отворат на правосудните органи ако сами дознаат нешто или пак најчесто кога медиумите пишуваат за корупција и криминал кои се од поголем јавен интерес.
Од Обвинителството сметаат дека останатите органи се целосно пасивни и покрај тоа што на располагање имаат многу повеќе механизми, ресурси и вработени.
Радио Слободна Европа испрати прашања до МВР и Финансиската полиција, но од таму не одговараат на прозивките од Обвинителството.
Видете и ова: Институциите на потег за функционерите на американската „црна листа“Предмети по допрен глас за луѓето на „црнате листа“ на САД
Последен предмет кој Обвинителството го отвори по допрен глас е откако Амбасадата на САД објави дека Артан Груби, поранешен вицепремиер од ДУИ и апелацискиот судија Енвер Беџети се ставени на „црната листа“ на Стејт департментот.
Образложението е дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков за предметот „Таргет - Тврдина“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство(СЈО), а се однесуваше на масовното прислушување. Обвинителстовто пак вчера најави дека ќе ги истражува сите кои биле вклучени во подмитувањето.
Годинава на американската „црна листа“ се најдоа поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и актуелниот градоначалник на општината Карпош, Стевчо Јакимовски.
Минатата година беа ставени поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, бизнисменот Орце Камчев, бизнисменот Сергеј Самсоненко и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
На оваа листа тие им се придружија на експремиерот Никола Груевски и на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Според Коцевски отворени се предмети за речиси сите луѓе кои се на „црната листа“ на САД, а во фаза на судски процеси се оние за Јакимовски и Мерко.
„ За сите лица кои се споменати има постапки, еве на пример за Кочо Анѓушев беше во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, но знаете дека со носење на измени на Кривичен закон и член 353 многу предмети ни пропаднаа. Во тој дел од наша страна се е преземено. Сепак мора да знаете дека доказите тешко се добиваат’“, вели Коцевски.
Инаку и Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова повика Обвинителството да постапува по допрен глас во ваквите ситуации бидејќи ако не се реагира тогаш се толерира беззаконието.
Видете и ова: Обвинителството започна истрага за лица на црната листа на САДГодишно околу 4 % истраги се по допрен глас
Во годишниот извештај за работата на обвинителствата се вели дека во 2023 година „Значителен е бројот на постапки по допрен глас, односно по сопствена иницијатива или непосредно забележување на јавните обвинители“. Од сите постапки кои се отворени 3,8% случаи се по допрен глас.
„Оформувањето на предмети на овој начин останува на речиси исто процентуално ниво во однос на 2022 година, кога процентот на поведени постапки по допрен глас беше 4% од вкупниот број, што укажува на важноста на овој инструмент за јавното обвинителство“, пишува во извештајот.
Преточено во бројки тоа значи дека во 2023 година по сопствена иницијатива Јавното обвинителство отворило 641 додека претходната 2022 година се отворени 771 предмет.
Сепак во извештаите нема поодделно колку од овие предмети завршиле со поднесување на обвинение.
Според медиумските написи, често може да се види дека обвинителството отворило предмети по допрен глас. Оние кои беа посочени и на брифингот со новинарите се истрагата за случајот онкологија за злоупотреба при лекување на пациенти болни од рак, за која обвинителството посочи дека привршува.
Исто така отворена е и истрага во организиран криминал после пожарот во модуларната болница во Тетово каде загинаа 14 луѓе, истрагата е за набавка на болниците од тој тип во 17 градови, но епилог нема.
За сега не се знае ниту исходот за изборот на надзорот при изградбата на автопатите кои ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“. Истрагата беше отворена по допрен глас, но сега е целосно предадена во МВР, рекоа вчера од Обвинителството.