Домаќинствата летово може да добијат поевтина струја и плус уште еден час евтина тарифа, најавува Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси (РКЕ). Причина за тоа е континуираниот инвестициски бум во фотоволтаични централи, кој влијае врз значително намалување на увозот на струја.
Но, и покрај тоа што голем дел од парите што државата обично ги дава за увоз на струја, сега одат кај производителите од фотоволтаични централи, тие велат дека реализацијата на овие проекти не оди лесно.
Според оние со кои разговаравме, смислата во инвестиција во фотонапонска централа се губи поради долг временски период до почнувањето со работа, продажба на електрична енергија и поврат на инвестицијата, главно поради пречки во процедурите за добивање дозволи и лиценци.
Горан М. е инвеститор во фотоволтаична централа со моќност до 1 мегават во близина на Скопје, објаснува дека од започнување на ваков проект како идеја, па до целосно завршување на постапката за изградба, инвеститорите треба да соберат околу 40 документи: одобренија, согласности, проекти, дозволи и лиценци, за кои вели дека институциите не ги издаваат навремено поради преоптовареност со работа или недостаток на стручен кадар.
„Оваа рамка се движи меѓу 2 до 3 години, што за инвеститорите, кои во најголем број се поддржани од банките, претставува голем проблем со повратот на средства и камати. Инвестицијата ја губи смислата поради долгиот временски период до почнувањето со работа и продажбата на електрична енергија и поврат на инвестицијата“, вели Горан М.
Видете и ова: Инвестициски бум во соларна енергија, ќе го запре ли увозот на струја?Каде одат големите проекти?
Инвеститорите велат дека проблем е и што големите фотонапонски централи со моќност над 1 мегават часови, државата ги дава на странски инвеститори, што според нив е погрешен чекор од аспект на национална енергетска стратегија.
„Истите би требало да се поделат на националните приватни поголеми економски оператори кои би виделе бенефит со намалување на трошоците, а државата со стабилизација на мрежата и производството. Иако е примамливо како инвестиција, во бизнисот со продажба и производство на струја во реалното искуство, не е толку лесно за реализација“, вели Горан М.
Но, и покрај тврдењата на производителите за тешкотии за добивање на лиценци, од Регулаторната комисија за енергетика велат дека голем број на лиценци за фотоволтаични централи се издадени во текот на минатата, но и во 2024 година.
Поради тоа увозот на струја е намален на рекордни 2,74 проценти во 2023 година, за разлика од околу 30 отсто колку што изнесувал со години наназад.
Производство на струја од фотоволтаици е зголемено за 300 проценти, велат од РКЕ.
Видете и ова: Меѓународни кредитори со 4 милијарди евра ќе го помагаат откажувањето од јагленНамалување на цената за домаќинствата
Намалениот увоз на струја поради производството на фотоволтаичните централи наскоро може да ги намали и цените за домаќинствата.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски за Радио Слободна Европа вели дека во моментов прават анализа која треба да покаже дали постои можност да се прошири евтината тарифа на струјата за еден час, односно до 16 часот, бидејќи сега е од 13 до 15 часот, но и генерално да има намалување на цената на струјата.
„Зголемувањето на евтината тарифа го правиме за да се искористи евтината цена на електричната енергија во тие периоди. Исто тако, со тој сигнал што го испраќаме до ЕСМ и до ЕВН Хоум, да купуваат електрична енергија во тие периоди, особено ЕВН Хоум, ние ќе обезбедиме и пониска цена на електрична енергија која сосема е возможно да ни обезбеди и намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата“, вели Бислимовски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.
Во моментов евтината тарифа на струјата е од 13 до 15 часот. Досега утврдувањето на цената на струјата се правеше еднаш годишно и требаше да биде на крајот на годината, но сега новата цена на струјата Регулаторната комисија ќе ја донесе крајот на јуни и тогаш ќе се знае дали и колку ќе има намалување на цената на струјата. Дополнително охрабрувачки за РКЕ е тоа што се очекува увозот да биде низок и во текот на целата 2024 година.
Видете и ова: ЕСМ отвора рудник за јаглен наместо да се затвораат термоелектраниКако до енергетска независност?
Сепак, според експертите со кои разговаравме, намалениот увоз на струја, не значи и поголема енергетска независност на државата, како што вели Давид Ношпал - магистер по електротехника и информациски технологии, но и сопственик на компанија за изведба и одржување на фотонапонски централи.
Според него, иако има намалување на увозот на струја на 2,74 проценти, тоа е само „краткорочно задоволство“. Изградбата на голем број на големи фотонапонски централи кои не се во државна сопственост, туку приватни инвестиции на домашни и странски компании, вели Ношпал, не може да се смета дека е домашно производство и со тоа нема финансиски поврат и развој.
„Она што е потребно за државата и граѓаните е да се зголеми производството од обновливи извори со домашен капитал, капацитивно највеќе во хидро и фотонапонски централи, но истите да се применуваат и како производители со реверзибилно складирање на енергија и користење на истата во потребните часови“, вели Ношпал.
Напливот на инвестиции во фотоволтаици особено се случува во изминативе две години, кога е инсталиран капацитет од над 600 мегавати.
Неодамна пропадна и најновиот план за изградба на хидроелектраната Чебрен, кој се планираше да биде во јавно-приватно партнерство. Земјата треба да ги спроведе и донесените енергетски закони и да ја спроведе зелената транзиција за ослободување од јаглен. Тоа значи дека ќе треба да ги затвори електраните на јаглен РЕК Битола и РЕК Осломеј, кои се клучни за стабилноста на мрежата.
Ношпал смета дека македонското производство сè уште не е стабилно и не е доволно. Тој додава дека намалување на цената на струјата за домаќинствата може да биде оправдано, само ако трошоците за производство се намалени, на пример поради пад на цените на горивата или зголемено користење на поевтини обновливи извори и според него ова може да се случи само доколку се користи домашно произведена енергија во целиот период, бидејќи таа е поевтина од берзанската.
Видете и ова: Струја или храна - што ќе никне на плодните земјишта?РКЕ од март годинава усвои и регулатива со која се дозволува соларните централи да инсталираат батерии за складирање на струјата.
Батериите се важен сегмент во производството на струја од соларните електрани, бидејќи тие произведуваат во периоди од денот кога има сонце, а во тие периоди цените на берзите често се пониски поради големата понуда и малата побарувачка и струјата што ја произведуваат не може да се потроши целосно.
Така, струјата оди во неповрат, а со батериите ќе може да се складира и потоа да се искористи во периодите кога нема сонце и кога е тоа потребно и да се продаде по подобра цена.