- Иако министерот Бочварски вели дека неговото семејство не е во бизнисот со струја, сепак, компанијата „Техноинвест“ на неговиот татко Венцислав има и фирма “Техноенерџи“ за производство на струја и почнала постапка за урбанизирање на земјиште
- Поголемиот дел од земјиштето на кое се планира изградба на фабрика и фотоволтаична централа се во државна сопственост и подрачје на кое има археолошки локалитети.
- Од компанијата „Техноинвест“ не откриваат каков објект ќе градат од лесно загадувачка индустрија, ниту ја прецизираат големината на енергетскиот капацитет, кој може да биде до 10MW.
„Никој од моето семејство не влегол во бизнисот со струја“. Ова го изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во интервју за РСЕ во декември 2023 година, како одговор на прашањето поврзано со компанијата „Техно енерџи“ чија дејност е за производство на електрична енергија, а во која управител е неговиот татко Венцислав.
„Техно енерџи“ е компанија формирана во јануари 2023 година и е во сопственост на компанијата „Техноинвест“ од Штип. Како нејзини сопственици, пак, заведени се таткото и чичкото на министерот Бочварски, Венцислав и Владимир Бочварски.
Сепак, јавно достапен документ открива дека во периодот на основањето на „Техно енерџи“, фирмата мајка „Техноинвест“ започнува процедура за изработка на урбанистички план во штипското село Караорман за изградба на фотоволтаична централа и објект од лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија.
Проверката на парцелите во Агенцијата за катастар на недвижности покажува дека само 3 од вкупно 13 парцели кои се наведени во предлог урбанистичкиот план се во сопственост на двете компании.
Поголемиот дел од останатите парцели на кои се планираат двете инвестиции се во сопственост на Република Северна Македонија и се наоѓаат во подрачје на археолошки локалитети. Ова го покажува предлог планската програма за изработка на урбанистички план за локацијата на која инвестиророт „Техноинвест“ планира да гради.
Министерот Бочварски, син на сопственикот на овие две компании, Венцислав, вели дека компанијата сè уште не планира никаква инвестиција. Односно, дека тоа е урбанистички план со кој се предвидува да се урбанизира просторот каде што веќе постои компанија која работи повеќе од 30 до 40 години со свои капацитети. Тој тврди дека во план е да се направи бетонска база на компанијата.
„Се работи за дел од капацитети на компанијата која е во сопственост на моето потесно и пошироко семејство која егзистира долги години и таму се прави урбанистички план кој што сè уште не е донесен. Во однос на тоа што планира во иднина ќе треба да прашате во компанијата, јас ниту сум вработен таму, нити носам одлуки како и што ќе се работи. Но, она што можам да го кажам во овој момент е дека нити учествува таа компанија во бизнисот со струја, нити има проект за бизнис со струја“, одговори Бочварски.
Од општина Штип одговорија дека предлог урбанистичкиот план сè уште не е донесен и дека е во завршна фаза, односно ставен е на јавна анкета.
Предлог урбанистичкиот план е само почетна фаза во целокупната постапка до добивање на лиценца за производство на електрична енергија од Регулаторната комисија за енергетика. За изградба на фотонапонска електрана е потребно одобрение за градба. Имајќи предвид дека планираната фотоволтаична централа е со моќност до 10 MW, тоа значи дека надлежно за издавање на одобрението е токму Министерството за транспорт и врски, со кое сега раководи Благој Бочварски.
Дел приватно, дел државно земјиште по цена од 61 денар за метар квадратен
Катастарските парцели во Караорман на кои ќе се протегаат двата објекти - и фотоволтаичната електрана и бетонската база се вкупно 13 на број со површина од 4,6 хектари или колку десет фудбалски игралишта. Од нив, само три се во сопственост на компаниите „Техноинвест“ и „Техно Енерџи“.
Од општината Штип велат дека ако Советот го изгласа предлогот, компанијата „Техно Енерџи“ ќе може да се го искористи законското право да си докупи државно земјиште, затоа што сега поседува 30,9 проценти од градежната парцела.
„Земјиштето во сопственост на Р. Македонија може да биде предмет на дооформување во случаите кога барателот е сопственик на најмалку 30% од градежната парцела. Напоменуваме дека процентот се зема од вкупната површина на градежната парцела, не од површините на катастарските парцели“, се вели во одговорот од општината Штип.
Според тарифникот за продажба на државно земјиште, компаниите ќе можат од општината Штип да го докупат 69,1 процент од плацот по цена од 61 денар за метар квадратен. Тоа значи дека за неколку илјади евра ќе може да купи неколку илјади метри квадратни државна земја.
Од компанијата „Техноинвест“ која е партнер на „Техно Енерџи“ во овој проект, не одговорија на прашањата на РСЕ дали започнале процедура за окрупнување на земјиштето, ниту пак колку од соседните парцели планираат да купат, како и на тоа каква фабрика е во план да се изгради.
Законот за градежно земјиште предвидува можност за продажба на државно земјиште за дооформување на парцели. Исто така, инвеститорот може да потпише договор за долготраен закуп со Владата или да добие концесија за користење на земјиште.
„Кога градежното земјиште се отуѓува со непосредна спогодба за оформување на градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација, а лицето има во сопственост повеќе од 30% од градежната парцела и ако со планот на таа градежна парцела не се предвидува изградба на објекти од јавен интерес утврден со закон“, стои во член 68 од законот.
Таков беше случајот и со дооформување на парцели со непосредна продажба на компанијата „Сол Груп 5“, во чија сопственост фигурира и сопругата на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Во март минатата година, Владата ја задолжи општина Радовиш да и продаде земјиште на „Сол Груп 5“ во радовишкото село Раклиш за да дооформи градежна парцела за изградба на фотоволтаична централа со капацитет од 1,8 мегавати.
И парцелите во сопственост на фирмите претходно биле државни
Од вкупно 13 парцели наведени во предлог урбанистичкиот план, само три се водат на имињата на компаниите „Техноинвест“ и „Техно енерџи“. Поголемиот дел од другите се во државна сопственост.
Информацијата до која дојде РСЕ - дека и трите парцели кои сега се водат на името на „Техноинвест“ и „Техно енерџи“ биле во сопственост на државата, решивме да ја провериме и преку прашања до компанијата „Техноинвест“ и во Агенцијата за катастар на недвижности.
Од „Техноинвест“ не одговорија кога и како ја стекнале сопственоста на трите парцели во катастарската општина Караорман и дали претходно ги имале со право на користење, па потоа државата им ги продала.
Но, потврдата за информациите на РСЕ стигна од Агенцијата за катастар. Од оваа институција, го добивме на увид историјатот на катастарската парцела 1655 во катастарската општина Караорман во Штип.
Во 2003 година, оваа катастарска парцела со површина од 25.699 метри квадратни на која се наоѓале и неколку објекти во сопственост на државата, биле дадени со право на користење на фирмата „Техноинвест“ и врз основ на Договор за трансформација на право на користење градежно земјиште со договор од 2003 година склучен со Министерството за транспорт и врски. Во тоа време министер за транспорт и врски бил Абдулхалим Касапи од ДУИ во владата на тогашниот премиер Бранко Црвенковски.
Во 2022 година, односно после речиси после 20 години е направена промена во Агенцијата за катастар, а како носители на правото на сопственост се запишани Република Македонија со 303 метри квадратни и „Техноинвест“ на чие име се впишани со 25.494 метри квадратни.
Истата 2022 година, со физичка делба, од единствената катастарска парцела 1655 се издвојуваат три посебни парцели.
1655/1 со површина од 19.099 метри квадратни и 1655/2 со површина од 6.267 метри квадратни се запишуваат во имотен лист на „Техноинвест“. Додека парцелата 1655/3 со површина од 303 квадратни метри влегува во имотниот лист на Република Северна Македонија.
Фабрика и фотоволтаична централа во подрачје на археолошки локалитети
Во предложената планска програма пишува дека планскиот опфат е надвор од опфатот на урбанистичка документација за КО Караорман и КО Караорман вон град и нема дефинирано намена на земјиштето.
Во однос на вкупната планирана моќност на фотоволтажната централа е наведено дека ќе биде под 10 MW, иако не е прецизирано точно колку ќе изнесува.
Компанијата „Атриум студио“ која е ангажирана од „Техноинвест ДОО“ за изработка на предлог планската програма, наведува дека на подрачјето на катастарската општина Караорман, има регистрирани споменици на културата.
Компанијата изработувач на документот посочува дека при изработката на планска документација од пониско ниво, треба да се изработи точната позиција на веќе утврдени локалитети со културно наследство и да се применат мерки за негова заштита.
„На анализираното подрачје на катастарската општина, евидентирани се следните локалитети: КО Караорман - Варница-Крушка, осамен ранословенски наод, на левиот брег на Брегалница непосредно до североисточната страна на селото најден e керамички сад, рачно работен и со груба текстура, типичен примерок од најраниот словенски период-7-ми век... Доколку при изведување на земјаните работи се наиде на археолошки артефакти, односно дојде до откривање на материјални остатоци со културно-историска вредност, потребно е да се постапи во согласност со постоечката законска регулатива, односно веднаш да се запре со отпочнатите градежни активности и да се извести надлежната институција за заштита на културното наследство“, се вели во предлог урбанистичкиот план.
Само новата енергетска фирма посочена во имотниот лист на Бочварски
Во анкетниот лист на министерот Бочварски, во делот имот на родители е заведен основачкиот дел на фирмата за електрична енергија „Техно Енерџи ДОО“ каде што сопственик е „Техноинвест“.
Компанијата „Техноинвест“ не е заведена децидно во истиот анкетен лист, туку под имот на родители е наведено поседување на удели во хартии од вредност во три фирми. Не е заведена паричната вредност ниту во кое акционерско друштво. Според документите од Централен Регистар, Венцислав Бочварски поседува 49 проценти во фирмата „Техноинвест ДОО Штип“.
Фирмата „Техноинвест доо Штип“ е основана 1993 година, а таткото на министерот, Венцислав Бочварски влегол во сопственичката структура во 2015 година. Останатите 51 процент се во сопственост на чичкото на министерот, Владимир Бочварски. Нејзината основна дејност е специјализирани градежни работи.
Завршната сметка на фирмата „Техноинвест“ покажува дека во 2022 година остварила добивка од 45 илјади евра, додека 2021 година ја завршила со добивка од 35 илјади евра. За изминатава 2023 година, завршните сметки сè уште не се доставени до Централниот регистар, рокот е до крајот на месецов.
Откако ќе ги заврши сите бирократски процедури, градежната „Техноинвест“ која е сопственик на фирмата за производство на струја „Техно Енерџи“ ќе може да заработува од македонското сонце.
Македонското сонце „произведе“ околу 1.800 лиценци за струја
„Македонското“ сонце кое произведува дури 280 сончеви денови годишно, во очи им „засветка“ и на македонските политичари чии синови, ќерки, сопруги, кумови и сватови решија да го искористат неговиот потенцијал и да влезат во бизнисот со производство на струја од сончева енергија.
Во друштвото „роднини на политичари“ кои отворија фирми за производство на струја од фотоволтаици се синовите на поранешниот премиер од СДСМ Зоран Заев, Душко, на лидерот на ДУИ Али Ахмети, Шкумбин, како и синот на неговиот сопартиец Муса Џафери, Арјанит кој на јавноста и стана познат откако физички го нападна претседателот на РКЕ, Бислимовски. Во ова друштво е и сопругата на доскорешниот премиер Ковачевски, Елена. Ним ќе им се придружи и таткото на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, Венцислав.
Во светската потрага по енергенси по руската инвазија врз Украина од февруари 2022 година, не изостана и Северна Македонија. Од тогаш, не запира процесот на основање на компании за производство на електрична енергија преку фотоволтаични централи, кои подоцна и добиваат лиценци од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
„Секој работен ден имаме нови 1,5 MW вклучени на електро-енергетскиот систем во нашата држава “, изјави на 26 јануари Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
На веб страницата на РКЕ може да се пронајдат околу 1.800 пробни, привремени, продолжени или трајно издадени лиценци за производство на електрична енергија.