Достапни линкови

ЕСМ отвора рудник за јаглен наместо да се затвораат термоелектрани


Северна Македонија планира да отвори нов рудник за јаглен среде поставените амбициозни цели за енергетска транзиција. Со ова државата ги игнорира меѓународните обврски и домашните стратегии и планови, но уште еден рудник во Пелагонискиот регион значи комплетна негрижа за здравјето на граѓаните кои страдаат од чести канцерогени заболувања, реагира граѓанската организација „Еко свест“.

Владината компанија за производство на електрична енергија – Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) планира да отвори нов рудник за јаглен во Пелагонија на површина од 7,8 километри квадратни, што е по големина скоро колку постојниот коп во Суводол, битолско.

Намерата е јагленот да се ископува од наоѓалиштето Живојно во наредните 14 години на површински коп за снабдување на РЕК Битола, а пресметките на ЕСМ покажуваат дека се очекува оттаму да се извадат 23,6 милиони тони јаглен.

Намерата за отворање на нов рудник во Пелагонија доаѓа во време на намалени резерви на јаглен во рудниците Суводол и Брод-Гнеотино од каде се копа јаглен за РЕК Битола, но истовремено и кога државата усвои бројни стратегии и меѓународни документи за декарбонизација на енергетскиот сектор.

Со усвојувањето на Енергетската стратегија во февруари 2020 година, Северна Македонија стана прва земја на Западен Балкан која наведе конкретни датуми за напуштање на јагленот и затворање на термоелектраните. Со усвојувањето и на другите стратешки политики, тоа во најдоброто сценарио треба да се случи пред 2030 година.

Термоелектрана РЕК Битола во моментов е најголемиот енергетски капацитет, произведувајќи во просек од 45 до 50 проценти од струјата во земјата, но и еден од најголемите загадувачи како извор на прашина и сулфур диоксид од илјадници тони годишно.

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова вели дека плановите за отворање на новиот рудник во наоѓалиштето Живојно дошле поради енергетската криза, која државата ја чинело многу пари за увоз на струја и за набавка на јаглен од Косово за потребите на РЕК Битола и другите термо електрани во државата.

Според Шукова, опцијата за отворање на рудникот се уште стои, но посочува дека државата паралелено е насочена и кон производство на струја од обновливи извори на енергија.

„Таму активностите не се започнати и ние како Министерство тогаш предложивме да не се опфати целиот терен, тоа е една поголема површина од каде може да се копа јаглен, да се насочи (ЕСМ) кон една помала површина и таква постапка спроведовме, со помала површина. Ако државата увиди дека во наредните неколку години има повторно проблем со електрична енергија, ќе одиме на поголемиот опфат. Во моментов одиме со помал опфат и ги промовираме, го поддржуваме производството на електрична енергија од обновливи извори“, вели Шукова во интервју за Радио Слободна Европа кое го емитуваме в неделата 24 Септември.

Во документот со кој ЕСМ го известува Министерството за животна средина и просторно планирање за намерата да го отвори рудникот, се вели тоа е поради можност да се ублажи енергетската криза.

Од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко евст“, велат дека земјада отвора рудинк и покрај тоа што во 2021 година стана дел од PPCA (Powering past coal alliance) со што се обврза да ја прекине употребата на јаглен за производство на електрична енергија до 2027.

Исто така, поставени се амбициозни климатски цели за намалување на нето емисиите на стакленички гасови за 82 проценти до 2030 зацртани во Стратегијата за климатска акција и Националните придонеси кон клима.

Во 2018 земјата пристапува кон државите во коалицијата за висока амбиција и како прва од државите потписнички на енергетската повелба, а истата година пристапува и кон Декларацијата за праведна трансформација на регионите со јаглен.

„Но, и покрај сите овие меѓународни заложби и она што е напишано во постоечката стратегија за енергетика, земјата планира отварање на нов рудник за јаглен во Живојно. Игнорирање на меѓународните обврски и ветувања и домашните стратегии планови е комплетно несериозно, меѓутоа уште еден рудник за јаглен во Пелагонискиот регион и долгорочно продолжување на работата на РЕК Битола значи комплетна негрижа за здравјето на граѓаните од овој регион кои и онака страдаат од чести канцерогени заболувања“, велат од „Еко свест“

Од организацијата посочуваат дека во моментов за државата се достапни повеќе фондови за енергетска транзиција и обезбедување на економски раст на регионите со јаглен по затворање на термоелектраните и дека тие можат да се искористат за исполнување на амбициозните цели на државата.

И покрај стратешките заложби Северна Македонија постепено да го напушта јагленот и да произведува енергија од ветер и сонце, податоците покажуваат дека земјава во моментов е на второ место меѓу државите од Западен Балкан по користење на јаглен за производство на струја.

Новиот рудник за јаглен се планира да се изгради во општина Новаци, во југоисточниот дел на Пелагониската котлина во близина на Македонско - грчката граница. Наоѓалиштето се наоѓа на оддалеченост од околу 30 километри од градот Битола.

Зависноста од јаглен на енергетскиот сектор продолжува, додека термоелектраните во државата не ги исполнуваат стандардите за животна средина. Граѓаните на Битола и Кичево живеат во екстремно загадување, кое ги чини стотици загубени животи годишно, како што покажуваат бројни истражувања и анализи. Од друга страна, замјата е претпоследна на листата кога станува збор користење на обновливи извори во производството на струја.

Неодамнешните истражувања на невладината организација „ЦЕЕ Бенквоч“ покажуваат дека електраната Битола е меѓу најопасните во регионот според здравствените влијанија што ги предизвикува и дека ако се намалат нејзините емисии ќе се избегнат речиси 300 смртни случаи годишно во Северна Македонија.

Државата се заложи и презема обврски за декарбонизирање на енергетскиот сектор и затворање на термоелектраните преку усвојување на документите како Стратегијата за развој на енергетиката, Зелената агенда за Западен Балакан и Софиската декларација.

Со европската Зелена агенда, државата се обврзаа да спроведе мерки за загадувањето и климатската криза како земјите во ЕУ, бидејќи целта е до 2050 година да биде постигната климатска неутралност на целиот европски континент.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG