Достапни линкови

Кризата ја зголемува употребата на јаглен, расте и ризикот по здравјето


Полска - Чад и пареа од електраната Белчатов
Полска - Чад и пареа од електраната Белчатов

Властите во Полска ја укинаа забраната граѓаните да ги загреваат домовите со јаглен поради војната во Украина. Со тоа се зголеми аерозагадувањето, но и ризкот врз здравјето. Во Македонија, нема прецизни податоци за употреба на јаглен во домаќинствата. Загадувањето од јагленот повеќе доаѓа од енергетскиот сектор.

Семејството Ткачук во 2018 година се пресели од полскиот град Краков во селото Олпини во потрага по почист воздух. Четири години подоцна, кога поради војната во Украина запреа испораките на руски гас во Полска, локалните власти ја одложија забраната за печките за греење, а аерозагадувањето во Олпини се зголеми за четири пати.

„Тие велат „чадот никогаш не повредил никого“. Па, не е смешно. Не е смешно, затоа што ако само погледнете кај соседите, во секоја куќа по некој умрел од рак“, вели Јулија Ткачук – уметница и мајка на три деца.

Нејзиниот петгодишен син веќе има астма, а нејзиниот постар син е на лекарска проценка за неговите тешкотии со дишењето.

Но, откако во април рускиот гас беше прекинат поради спорот за плаќање, полската Влада предводена од партијата Законот и правдата (ПиС) ја укина двегодишната забрана граѓаните да го горат загадувачкиот јаглен или лигнит со слаб квалитет, којшто не може ефикасно да се филтрира во домашните шпорети.

ПиС ги олабави ограничувањата и за продажба на отпад од јаглен кој може да биде многу загадувачки, враќајќи ја Полска во деновите пред 2018 година кога правилата за јагленот беа заострени во борбата против смогот.

Лидерот на ПиС Јарослав Качински на жителите на Нови Тарг – кој е меѓу градовите со најнизок квалитет на воздух, дури им рече дека можат да горат што сакаат, иако посочи дека тоа може да биде „штетно“.

„Треба да гориме сè, освен гуми или слични работи, бидејќи за жал ова се случува овде. Не се штетни работи. Едноставно кажано, Полска треба да се загрее“.

Војната во Украина ја зголеми употребата на јаглен
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:09 0:00

Јагленот е високо ризичен за здравјето

И додека покрај Полска, и други европски земји, како Германија и Унгарија, согоруваат лигнит за да ги задржат светлата, експертите велат дека употребата на јаглен дома е она што има најголемо влијание врз здравјето поради повисоките количини жива и сулфур што ги содржи.

54-годишниот земјоделец Казимиерз Кујавски пристигна во депото во Роговиец за да купи лигнит, велејќи дека е тешко и скапо да се купи поквалитетен црн јаглен.

„Луѓето палеле лигнит во печки. Ако се дозволи лигнит, никој не треба да има ништо против него“, вели Кујавски.

Околу 80 отсто од јагленот што го користат граѓаните на Европската унија за загревање домови се согорува во Полска. Владата вели дека укинувањето на забраната за лигнит и јаглен со најнизок квалитет е поврзано со војната во Украина и треба да биде привремено, а неговото влијание врз квалитетот на воздухот ќе биде проценето по зимата.

Во Полска, количината што обично е потребна за загревање на еден дом во текот на зимата е три тони црн јаглен, што може да чини од 10.000 до 12.000 злоти (2.240 - 2.690 долари). За споредба, просечната месечна плата изнесува нешто помалку од 5.000 злоти по оданочувањето.

Лигнитот чини околу една десетина од цената на јагленот. 21.000 тони беа продадени во првите четири недели, откако во октомври јагленот стана достапен за домашните корисници, соопшти полската компанија за електрична енергија и рударство „Polska Grupa Energetyczna“.

Но, здравствените последици од согорувањето на лигнитот се потенцијално полоши поради повисоките количини жива и сулфур што ги содржи, изјави професорот на Краковскиот универзитет АГХ Пјотр Клечковски кој специјализирал заштита на животната средина.

„Како резултат на присуството на сулфур, овие пареи со жива полесно ќе се врзат и многу полесно ќе влезат во нашите бели дробови. Тоа се многу лоши вести“, вели Клечковски.

Тој проценува дека може да има околу 1.500 предвремени смртни случаи оваа зима само во провинцијата Малополска, каде што живее Семејството Ткачук како резултат на суспендирањето на забраната за застарени печки.

Македонија – малку податоци за јагленот во домовите

Во Македонија, нема значителна употреба на јаглен во домаќинствата. Истражувањето на УНДП „Скопје се загрева“ е меѓу ретките кое дава податоци дека 750 домаќинства во главниот град користат јаглен за загревање.

„Претпоставувам дека во регионите каде што има рудници на јаглен, има повеќе домаќинства коишто се греат. На пример, јас имам видено дека во Вевчани има домаќинства што се греат на јаглен, во Битола исто така. Сепак, доминантното користење на јаглен во земјава е во термоелектраните“, вели за РСЕ Невена Смилевска - координатор за праведна енергетска транзиција на Западен Балкан од граѓанската организација „ЦЕЕ Бенквоч“.

Битола е градот во чија близина се наоаѓа големата термоелектана РЕК Битола, која произведува голем процент од електричната енергија во државата, но здравјето на граѓаните е под ризик од согорувањето на јагленот.

Најголем проблем се емисиите на сулфур диоксид, а истражувањето на Институтот за јавно здравје за ефктите на аерозагадувањето во Битола, покажуваат дека 15 отсто од смртноста кај населението се должи на аерозагадувањето.

Професор Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје, на меѓународна конференција во Битола во јули оваа година, објасни дека тоа значи оти има 15 отсто надминување на лимитот поставен од Светската здравствена организација (СЗО), но и на лимитот утврден од Европската унија, кој е нешто помал.

Мерењето на овие проценти, вели Ѓорѓев, се врши затоа што тоа се случаи кои може да се спречат - со акции можеме да спасиме животи, вели тој, и затоа е потребна мотивација за еко-акции кои не треба да ги организираат само политичарите, туку и граѓаните, стопанските објекти, интерсекторско организирање на акции кои ги има во планот на овој проект.

„Треба да се знае дека новите препораки на СЗО се уште построги и затоа аерозагадувањето треба да биде приоритет број еден што треба да се решава, без оглед на други проблеми во заедницата“, посочи Ѓорѓев.

Бавна енергетска транзиција

Термоелектраната ТЕЦ Битола е под надлежност на државата и е една од најголемите загадувачи, но истовремено многу важна за енергетиката во земјата.

Со години ТЕЦ Битола, но и ТЕЦ Осломеј - која во меѓувреме се трансформира струја да произведува од сонце наместо од јаглен, се најголем извор на сулфур диоксид во земјата, со емисии кои повеќекратно ги надминуваат законски дозволените нивоа.

Енергетската стратегија која ја усвои државата, од една страна предвидува напуштање на јагленот со затворање на термоелектраните, но во меѓувреме требаше да се случи и модернизација на постројките кои со години чекаат на поставувањето филтри.

„РЕК Битола сега има Дозвола за управување со оперативен план. Сите сме свесни дека имаме потреба да инвестираме во филтри, на десулфуризација. Тоа беше предвидено, но поради пандемијата и заради енергетската криза тоа доцни. Но, таа потреба не е од сега. Ова требало да се направи пред 20, 30 години“, вели Нуредини.

На почетокот на 2021 година македонската Влада соопшти дека приоритет ќе бидат инвестиции за гасификација и изградба на ветерни паркови, фото-напонски централи, како и изградбата на хидро-централата „Чебрен“, како дел од процесот на енергетската транзиција на земјата.

Беше кажано дека десулфуризацијата и декарбонизацијата на земјата се планира да биде направена до 2026 година, а дека ТЕЦ Битола ќе биде модернизирана до 2023 година.

Смилевска објаснува дека ТЕЦ Битола мора да работи со сите инсталирани технологии за контрола на емисиите. Треба да се постават електростатски филтри за прашина, де-сулфуризатор и да се реконструира првиот блок за намалување на емисиите на азотни оксиди, вели таа.

Дополнително на овие големи инвестиции, објаснува Смилевска, треба да има и континуиран мониторинг на емисиите од оџаците, повремен мониторинг на фугитивните емисии од рудниците и пепелиштето, намалување на емисиите од рудникот со прскање на вода, касетно складирање на пепелта и пошумување на кругот на целиот комплекс, особено во појасите коишто граничат со населените места.

„Во ваков случај ќе се намали загадувањето и тоа ќе биде согласно европските директиви“, вели Смилевска.

Но, прашањето за модернизација на ТЕЦ Битола останува отворено, исто како и спроведувањето на Зеленото сценарио на Енергетската стратегија во кое пишува дека ТЕЦ „Битола“ треба да биде затворена до 2028 година.

Министерот Нуредини вели дека на земјата ѝ е потребна енергетска транзиција од употреба на јаглен и инвестиции во употреба на обновливи извори на енергија.

„Нешто што е многу важно за државата и на кое ние како Министерство работиме, е на хидроцентралта Чебрен за „утре“ да имаме обновлив извор на енергија. Без Чебрен, нема да имаме баланс во државата. Јас сметам дека ова требало да биде направено пред 20 години, но сега во крајна процедура да ја завршивме евалуацијата на понудите за да го потпишеме договорот“, вели Нуредини.

Ќе се намали ли индустриското загадување?

И додека се чека модернизацијата, РЕК Битола останува меѓу по-опасните постројки по здравјето на луѓето во регионот.

Намалувањето на индустриското загадување се очекува да се случи и со донесувањето на новиот Закон за индустриски емисии во Собранието.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини вели дека законот е подготвен по одржаните јавни расправи со граѓанските организации.

„Законот сега е во процедура и за неколку недели ќе биде спремен и доставен до Собранието. Идејата е да се усогласиме со директивите на ЕУ и приватниот сектор да биде спремен, но и ние како институции да бидеме подготвени за овој нов закон.

Речиси секоја година се надминати нивоата пропишани во законодавството од загадувањето со јагленот. Податоците на граѓанските организации како Бенквоеч покажуваат дека нивно доведување во законските граници би можело да се спречат стотици предвремени смртни случаи од рак, респираторни и кардиоваскуларни заболувања.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG