Достапни линкови

Вести

ОН: Правото на чиста животна средина е основно човеково право

Илустративна фотографија - загадување во Кина.
Илустративна фотографија - загадување во Кина.

Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) во петокот на 8 октомври го изгласа признавањето на правото на безбедна, чиста, здрава и одржлива животна средина како основно човеково право.

Со 43 гласови „за“ и нула против е усвоена резолуција за чиста животна средина, во која исто така се повикуваат државите да ги зголемат напорите за подобрување на животната средина, додека четири држави членки: Кина, Индија, Јапонија и Русија беа воздржани.

Со втората резолуција донесена со 42 гласови наспрема еден против, воспоставен е „специјален известувач“ кој меѓу другото ќе следи „како штетните ефекти од климатските промени, вклучително и ненадејните катастрофи, влијаат врз целосното и ефикасно уживање на човековите права“.

Русија беше против оваа резолуција, а Кина, Еритреја, Индија и Јапонија беа воздржани.

На дводневната седница на Советот кој има 47 членови, се гласаше и за известувачот за човекови права во Авганистан, одлука против која гласаше Пакистан.

види ги сите денешни вести

Додик: Me повикаа да дадам изјава за поткопување на уставниот поредок

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик

Милорад Додик, претседателот на Република Српска (РС), во објава на социјалните мрежи изјави дека Обвинителството на Босна и Херцеговина го поканило да дојде во петок, на 7 март, за, како што наведе, да даде изјава „како осомничен за уривање на уставниот поредок“.

Обвинителството на БиХ се уште не ја коментира оваа информација.

Додик во објава на мрежата Икс изјави и дека нема да одговори на поканата.

Обвинителството на Босна и Херцеговина претходно денеска (6 март) соопшти дека оваа судска институција води истрага од декември 2024 година поради постоење основи на сомнение дека е сторено кривично дело „напад врз уставниот поредок“.

На 27 февруари, Собранието на РС усвои четири неуставни закони, откако претседателот на РС Милорад Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење функција.

Тој претходно беше прогласен за виновен за непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит и потпишување указ за прогласување на закони кои Шмит претходно ги поништи, со кои се обиде да го спречи спроведувањето на одлуките на Уставниот суд на БиХ и на Високиот претставник на територијата на РС.

Што усвои Парламентот на РС?

Со законот за непримена на законите и забраната на активности на вонуставните институции на БиХ, усвоен на 27 февруари во ентитетот на РС, ја забранува работата и дејствијата на Судот и Обвинителството на БиХ, државната Агенција за истраги и заштита (СИПА) како и на високиот судски и обвинителски совет на БиХ кој ги именува судиите и обвинителите во државата.

Меѓу законите е и оној за посебен регистар и транспарентност на работата на непрофитните организации, колоквијално наречен „закон за странски агенти“, кој по примерот на рускиот закон воведува строга контрола врз работата на граѓанскиот сектор во РС.

Едностраниот прекин на јурисдикцијата на државата БиХ на дел од нејзината територија не е во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина.

Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Денис Беќировиќ, претседателот на Претставничкиот дом на БиХ, Денис Звиздиќ и заменик-претседателот на Домот на народите на БиХ, Кемал Адемовиќ денеска (6 март), поднесоа жалба до Уставниот суд на БиХ, барајќи официјална проверка на уставноста на овие закони.

Судири меѓу полицијата и демонстрантите пред градското собрание на Белград

Поглед од внатрешноста на влезот во градското собрание на Белград по инцидентите, 6 март 2025 година
Поглед од внатрешноста на влезот во градското собрание на Белград по инцидентите, 6 март 2025 година

Демонстранти со јајца и црвена боја ја гаѓаа зградата на градското собрание на Белград, каде што се одржа седница, на која, меѓу другото, беа усвоени ребалансот на буџетот за градските јавни комунални претпријатија и деталните урбанистички регулациски планови за градот.

Како што јави репортерот на Радио Слободна Европа (РСЕ), дошло до судир меѓу полицијата и демонстрантите.

Ѓорѓе Микетиќ од Иницијативата „Мостот останува“ (Мост остаје) во изјава за РСЕ рече дека полицијата привела петмина активисти на иницијативата.

Засега нема официјална информација од српското Министерство за внатрешни работи (МВП) за бројот на приведените.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека полицијата пристигнала пред зградата на белградскиот парламент „кога била повикана од вработени во таа институција за да се зачува јавниот ред и мир“.

Тој на седницата на српскиот парламент рече дека „полицијата не малтретирала граѓани и не ги идентификувала“.

„Дојдовме како полиција, бевме поканети од Градското собрание да го одржуваме јавниот ред и мир. Ние не одлучуваме кој влегува во зградата. Претпоставувам дека некој што е советник може да влезе, но никој не смее да внесе опасни предмети во зградата“, рече Дачиќ.

Во меѓувреме, ситуацијата пред градското собрание е смирена, јавува репортерот на РСЕ.

Улицата се уште е блокирана за сообраќај, полициски кордон се уште ја обезбедува зградата на Собранието, додека внатре во зградата има и полицајци.

Претставниците на иницијативата „Мостот останува“ и опозициските политичари ги повикаа насобраните да протестираат пред полициската станица во општината Нов Белград, каде што сметаат дека полицијата ги одвела приведените активисти.

По уривањето на настрешница во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени, во градовите ширум Србија се одржуваат протести на чело со студенти кои три месеци ги блокираа факултетите, барајќи одговорност за смртта.

Студентите бараат и кривично гонење на одговорните за нападите врз нив и граѓаните за време на протестите.

Голем број основни и средни училишта им се придружија на учениците во прекинот на наставата.

Власта ги осудува блокадите и протестите, тврдејќи дека се исполнети барањата што студентите ги негираат и продолжуваат со блокадите и протестите.

Зеленски им се заблагодари на лидерите на ЕУ за помошта и истакна дека Украинците „не се сами“

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, украинскиот претседател Володомир Зеленски и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Брисел, 6 март 2025 година
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, украинскиот претседател Володомир Зеленски и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Брисел, 6 март 2025 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на европските лидери за „силната поддршка“ што и ја дадоа на Украина, нагласувајќи дека тоа значи дека неговата земја не е сама во борбата против руската инвазија.

„Останавте со нас цело време. Ние не сме сами и вие му дадовте силен сигнал на украинскиот народ, кој тоа го цени“, рече Зеленски на самитот што се одржува во Брисел.

По кризните состаноци во Париз и Лондон, европските лидери сега се собираат во Брисел на „специјален самит“ на кој ќе се фокусираат плановите за масовно зајакнување на одбраната, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Во нацрт-заклучоците, во кои имаше увид РСЕ, се споменува зајакнување на воздушната одбрана, артилерија и „способност за длабоки прецизни напади“.

Самитот, кој се одржува на 6 март, првпат беше најавен на 27 февруари, како одговор на брзите дипломатски случувања. Сепак, оттогаш, темпото дополнително се забрза - по тензичната средба на Трамп и Зеленски во Овалната соба, по што Вашингтон ја замрзна воената помош за Украина.

Клучна точка ќе биде планот наведен од шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 4-ти март, наречен План за вооружување на Европа.

Фон дер Лајен денеска рече дека Европа и Украина се на „пресвртница“.

„Европа се соочува со јасна и присутна опасност и затоа мора да биде способна да се заштити, да се одбрани. Мора да ја ставиме Украина во позиција да се заштити себеси и да се залага за траен и праведен мир“, им рече таа на новинарите во Брисел.

Планирано е земјите-членки на ЕУ да потрошат до 800 милијарди евра за одбрана. Нацрт-заклучоците од самитот, кои ги виде РСЕ, во голема мера го поздравуваат планот, поставувајќи ја основата за подетални планови што треба да бидат одобрени на следниот состанок на Европскиот совет на 20-21 март.

Четворица загинати и триесетина ранети во руски напад на Криви Рих

Последици од воздушниот напад врз украинскиот град Криви Рих
Последици од воздушниот напад врз украинскиот град Криви Рих

Четири лица загинале, а 31 се повредени во руски ракетен напад врз украинскиот град Криви Рих, кој се случил доцна синоќа. Спасувачките екипи денеска (6 март) продолжија со потрагата по преживеани под урнатините.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нападот погодил хотел во кој неодамна се сместиле хуманитарни работници од Украина, САД и Велика Британија.

„Спасувачката операција во Криви Рих траеше цела ноќ. Балистичка ракета го погоди хотелот, а непосредно пред ударот таму се сместиле хуманитарни волонтери. Среќа во несреќа е што тие успеале навреме да ги напуштат собите. За жал, четири лица загинаа. На семејствата на загинатите им изразувам длабоко сочувство“, напиша Зеленски на Телеграм.

Според гувернерот на Днипропетровската област, Серхиј Лисак, 14 од повредените се во тешка состојба. Украинските спасувачи соопштија дека досега извлекле 19 преживеани од под урнатините.

Освен хотелот, оштетени се 14 станбени згради, пошта и 12 продавници. Во друг руски напад со дрон врз североисточниот град Суми, загина едно лице, а оштетен е магацински комплекс.

Украинската армија соопшти дека Русија во текот на ноќта истрелала две балистички ракети и 112 дронови врз Украина. Напади со беспилотни летала погодиле и енергетска инфраструктура во регионот на Одеса, каде што се повредени двајца цивили.

Јандроковиќ: Ја имате поддршката од Хрватска на патот кон ЕУ

Претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ и претседателот на македонското Собрание Африм Гаши, Скопје, 6 март 2025 година
Претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ и претседателот на македонското Собрание Африм Гаши, Скопје, 6 март 2025 година

Ја имате нашата поддршка и понатаму да истраете на евроинтегративниот пат и да ги решите препреките, добро е да се оствари сојузништво во рамки на НАТО и ЕУ, истакна претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ на заедничка прес-конференција со претседателот на македонското Собрание Африм Гаши.

„Вие знаете дека Република Хрватска е силен поддржувач на Република Северна Македонија. Знам дека се соочувате со проблеми. Знам дека вашето членство во НАТО беше исполнето со препреки, и дека се уште се соочувате со одредени препреки кон патот на ЕУ. Можам да кажам дека членството во ЕУ има геополитичко значење. Тоа донесува сигурност. Се разбира, на тој пат вашата земја ќе мора да помине низ процес на реформи што е добро затоа што и Хрватска го помина тоа“, рече Јандроковиќ кој престојува во официјална посета на Скопје.

Ве охрабрувам, нагласи спикерот на хрватскиот Сабор, да продолжите на тој пат, да дадете се од себе затоа што тоа, како што рече, ќе биде во корист на државата.

„Реформите донесоа многу позитивни ефекти во општеството. Имаме инвестиции, зголемено ниво на вработеност. Имаме најпозитивни општествени промени. И затоа и ве охрабрувам да продолжите на тој пат да дадете се од себе затоа што тоа ќе биде во корист на државата. Ќе обезбеди подобра економија и подобар животен стандард. Без разлика на препреките и на пречките коишто се некогаш неправедни вие ја имате нашата поддршка на тој пат“, истакна тој.

Јандроковиќ потенцираше дека политичките односи меѓу нашите две држави се извонредни, исто како што е економската соработка бидејќи, како што рече, стоковата размена меѓу двете држави постојано расте.

Македонскиот спикер Гаши нагласи дека во фокусот на нивниот состанок било зајакнувањето на меѓупарламентарната соработка преку заедничките парламентарни групи кои се формирани во двата законодавни дома. Тој истакна дека размената на искуства, идеи и идентификацијата на полињата за соработка се клучни чекори во зајакнувањето на заедничките односи.

„Силно верувам дека Хрватска е примерот од кој можеме да научиме како да ги спроведеме реформите и интегративниот процес во ЕУ. Потсетувам дека двете земји во истата година го потпишаа Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, а денес Хрватска веќе 12 години е полноправна членка, додека за жал, Северна Македонија заостанува во овој процес поради добро познатите пречки. Свесни сме дека има уште работа реформи што треба да се спроведат и прашања кои треба да се решат. Но со сојузници како Хрватска и другите од ЕУ веруваме дека овој процес ќе биде успешен за нас исто како што беше и за Хрватска“, рече спикерот Гаши.

Оваа средба, како што потенцира Гаши, исто така била одлична можност да потврдиме дека сојузништвото со Хрватска е уште посилно преку соработката во рамките на НАТО каде што двете земји активно учествуваат во мисиите за зачувување на мирот и безбедноста, како заеднички демократски вредности.

Турција е подготвена да испрати војници во Украина „доколку има потреба“

илустрација
илустрација

Турција ќе биде подготвена да распореди војници во Украина како дел од поширока мировна мисија „доколку тоа е потребно“, изјави во четврток (6 март) извор од турското Министерство за одбрана.

„Прашањето за придонес во мисијата ќе биде оценето со сите релевантни страни доколку се смета дека е неопходно за воспоставување на регионалната стабилност и мир“, рече изворот.

Неговите изјави дојдоа додека лидерите на Европската Унија се среќаваат со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Брисел за да бараат начини за зајакнување на одбраната и на Украина и на Европа, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја суспендираше воената помош за Киев и размената на разузнавачки информации за да му помогне во борбата против руската инвазија.

Париз и Лондон веќе изразија подготвеност да распоредат војници во Украина за да се осигураат дека евентуалниот иден прекин на огнот ќе се зачува, без да кажат каква улога ќе имаат тие војници.

Зајакнувањето на европската одбрана доби на итност откако Трамп јасно ја изрази својата желба брзо да ја заврши тригодишната војна во Украина преку директни преговори со Москва.

Членката на НАТО, Турција се обидува да одржи добри односи со двата нејзини соседи во Црното Море по руската инвазија пред три години и два пати беше домаќин на директни разговори со цел да се стави крај на војната.

Путин го назначи Александар Дарчиев за нов амбасадор во Вашингтон

Александар Дарчиев
Александар Дарчиев

Рускиот претседател Владимир Путин денеска го назначи високиот дипломат од кариера Александар Дарчиев за нов руски амбасадор во САД, со задача да работи на приближување меѓу двете земји.

Руското Министерство за надворешни работи минатата недела објави дека на состанокот на руската и американската делегација во Турција, САД го одобриле назначувањето на Дарчиев, кој досега беше шеф на одделот за Северна Америка на руското МНР.

Русија нема амбасадор во Вашингтон откако претходниот амбасадор Анатолиј Антонов ја напушти функцијата минатиот октомври.

Шеесет и четиригодишниот Дарчиев служеше два дипломатски мандати како службеник во руската амбасада во Вашингтон и како амбасадор на Русија во Канада од 2014 година до 2021 година.

Захарова: Макрон дава изјави што се „надвор од реалноста“

Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи
Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи

Русија го критикуваше францускиот претседател Емануел Макрон за обраќањето оваа недела во кое тој размислува за проширување на француското нуклеарно одвраќање на европските партнери и укажа на можноста за испраќање европски трупи во Украина за спроведување на мировниот договор.

Во говорот пред француската нација во средата, Макрон ја нарече Русија „закана за Франција и Европа“ и рече дека Французите се „легитимно загрижени“ поради тоа што САД ќе ја променат својата позиција за конфликтот во Украина под водство на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Тој секој ден дава апсолутно контрадикторни изјави“ што се „одвоени од реалноста“, рече портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова за Макрон.

Захарова го спореди со Оле Лукоје, митско суштество во бајката на Ханс Кристијан Андерсен, кое држи чадори над заспаните деца.

„Го слушав сето ова, го погледнав и сфатив на кого ме потсетува - нуклеарниот Оле Лукоје“, рече таа.

Истакнувајќи дека Франција е уникатно позиционирана во Европа благодарение на нејзините способности за нуклеарно одвраќање, Макрон додаде дека е отворен за разговори за проширување на таа заштита на европските сојузници, по „историскиот“ повик на веројатно следниот германски канцелар Фридрих Мерц да го прошири тој заштитен чадор.

Мерц, чија конзервативна партија победи на парламентарните избори, минатиот месец рече дека сака дискусија за нуклеарните капацитети со Франција и Велика Британија, кои се единствените нуклеарни сили во Европа покрај Русија.

Франција и нуди разузнавачки информации на Украина

Францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорну
Францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорну

Франција и нуди разузнавачки информации на Украина, изјави денеска (6 март) министерот за одбрана, Себастиен Лекорну, еден ден откако Вашингтон соопшти дека го прекинува споделувањето разузнавачки информации со Киев, во обид да го засили притисокот врз украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Имаме разузнавачки ресурси што ги користиме за да им помогнеме на Украинците“, изјави Лекорну за радио станицата Франс Интер и додаде:

„Нашето разузнавање е суверено... со наши сопствени капацитети“, изјави францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорну за радиото Франс Интер.

Директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, вчера изјави дека САД го „паузирале“ споделувањето разузнавачки информации со Украина по драматичното нарушување на односите меѓу Киев и Белата куќа.

Лекорну, исто така, рече дека резервите на нуклеарно оружје на Франција, развиени во раните денови на Студената војна и дизајнирани да бидат независни од тогашните доминантни сили Вашингтон и Москва, се доволни.

Американскиот претседател Доналд Трамп и лидерот на Украина Володимир Зеленски имаа јавна расправа во Овалната соба минатата недела, по што главниот сојузник на Украина ја суспендираше клучната американска воена помош.

Трамп упати „последно предупредување“ до Хамас за ослободување на заложниците

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп упати „последно предупредување“ до палестинската милитантна група Хамас, барајќи ослободување на сите заложници и враќање на израелските тела, или ќе се соочи со тешки последици.

Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.

“Ослободете ги сите заложници сега, не подоцна, и веднаш вратете ги сите мртви тела на луѓето што ги убија, или ГОТОВО е за вас“, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.

„Му испраќам на Израел сè што му е потребно за да ја заврши работата, ниту еден член на Хамас нема да биде безбеден ако не постапите како што велам“, напиша Трамп.

„Ова е вашето последно предупредување!“, додава Трамп, повикувајќи ги лидерите на Хамас да го напуштат Појасот Газа додека се уште имаат можност.

Првата фаза од прекинот на огнот во израелската војна против палестинското движење Хамас во Газа истече во очекување на продолжувањето на преговорите за втората фаза, а привремениот прекин на огнот, инициран од САД, неформално е продолжен до 30 март.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG