ЕУ препорача конкретни реформи на Судскиот совет, но, кој ќе ги спроведе?
Како одговор на низата скандали и проблеми кои го потресоа Судскиот совет изминатиов период, ЕУ, од септември ja анализираше неговата работа и даде низа мерки кои треба да бидат спроведени за да се зголеми независноста, одговорноста и ефикасноста на ова тело. Без имплементација на овие мерки, ЕУ не гледа како земјата ќе ги спроведе потребните реформи во правосудството.
Во Извештајот е наведено дека ЕУ препорачува спроведување на 40 мерки, за кои евро-амбасадорот Дејвид Гир наведе дека дел се краткорочни, а дел среднорочни и долгорочни. За спроведување на 23 од нив, потребни се уставни и законски измени, додека 17 може да ги спроведе самиот Судски совет.
Мерките вклучуваат структурни реформи во Судскиот совет, промена на мандатот на членовите, измени на процесот на селекција на членовите, унапредување на практиките за транспарентност, зголемување на финансиската независност на телото и вклучување на цивилното општество во изборот на членовите во мониторингот на неговата работа.
„Потребна е итна акција да се адресираат овие проблеми, бидејќи правосудството се наоѓа во критична точка“, изјави Гир.
Критиките кон Судскиот совет за политички влијанија и притисоци беа наведени и во Извештајот на Европската комисија во ноември, а слични забелешки имаат и САД, како и домашните невладини организации.
Состојбите во правосудството се добро познати, предложени мерки има, но, засега нема политичка волја за реализација.
Игнорирање на серија написи за малверзации во Државна лотарија
Неполни два месеца по истражувањата на РСЕ за Државна лотарија, надлежните институции не откриваат – дали и со која динамика се движи предистрагата која Управата за финансиска полиција ја отвори за Државна лотарија, откако беше јавно прозвана од Обвинителството да постапува.
Основниот јавен обвинител од Скопското обвинителство, Гаврил Бубевски, рече дека ги следи објавените написи за Државна лотарија, но, ни посочи одговори да бараме од Финансиската полиција.
На 2 ноември, објавивме дека освен во Државна лотарија, инспекторите на Финансиската полиција, влегоа и во „Хеј ДООЕЛ“, компанијата која и рента деловни простории на Државна лотарија, за што склучиле и договор на 10 години во вредност од над 2,6 милиони евра.
РСЕ се обрати и до Управата за финансиска полиција барајќи нови информации и одговори на прашањата - кои се дејствија ги имаат преземено досега. Дали освен договорот за закуп на деловни простории од над 2,6 милиони евра, евентуално ја прошириле предистрагата и кон склучените договори за јавни набавки во Државна лотарија. Одговор нема.
Покрај договорот за закуп, РСЕ во серија стории ги истражуваше и тендерите во Државна лотарија кои ги добиваат лица кои се блиски или роднини на сопственикот на компанијата „Арбериа Десигн“.
Од надлежните истражни органи засега, како и за многу други случаи, има само изговори и развлекување додека не се заборави.
Партиски вработувања преку заобиколување и одложување на законите
Властите и поранешни и сегашни, главно имаат игнорантски однос и кон препораките од ЕУ за реформи во јавната администрација и прекинување на практиката на партиски вработувања. Наоѓаат разни форми сѐ да биде според закон, а тоа често оди преку агенции за привремени вработувања.
„Јавна тајна е кој се вработува преку агенции за привремени вработувања. Преку нас ги вработуваат нивните, од штаб, од партија. Тие имаат веќе избрани луѓе, ние само треба да ги спроведеме процедурите за сѐ да биде законски“, ни рече сопственик на Агенција за привремени вработувања во Скопје, кој сакаше да остане анонимен.
Предвидено е со Закон да се забранат привремените вработувања во јавниот сектор, но, власта реши законот да важи од 2025-та година, односно, по изборите.
Во меѓувреме, на сајтот e-nabavki.gov.mk услуги од овие агенции бараат 15 институции. Меѓу нив се Македонската академија на науките и уметностите, министерствата за финансии, за правда, за труд и социјална политика, Општина Битола, Клиника за ревматологија, градинки, јавни претпријатија...
Вкупно 180 реализирани договори за привремени вработувања имало само во тековната 2023 година, покажуваат податоците од електронскиот систем за јавни набавки.
„Овој тип на вработувања особено се интензивираат пред избори и остава простор за сомнеж дека ова е еден начин да се придобие гласачкото тело“, ни изјави Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на Центар за управување со промени.
10 години игнорирање на изгорениот објект на Пошта во Скопје
Шест директори и две влади не „собраа“ ни сили ни пари за обнова на објектот на Пошта, кој изгоре пред една деценија, симболот на градот од пост-земјотресно Скопје. Тотално е запуштен и во него расте трева.
Овој објект се најде на листата на седум најзагрозени споменици и локалитети на листата на Еуроностра. Меѓународните експерти заклучија дека објектот на централната Пошта во Скопје е од витално значење за бруталистичкото архитектонско наследство во Скопје и општо во Европа.
Ветувања за реконструкција и огласи за тендери во овие десетина години има неколку. Првиот тендер е во времето на Рафиз Алити од ДУИ, во јули 2013 година за испитување на бетонската конструкција на опожарената зграда и го добива Градежниот институт АД Македонија Скопје, во вредност од 5 илјади евра.
Пет месеци по пожарот на Бирото за јавни набавки беше објавен и оглас за реконструкција на објектот во кој беше посочено дека ќе се направи адаптација на просторот со најави дека шалтерскиот дел од фоајето ќе има нова функција. Беше најавена и реконструкција на уништениот мурал. Договорот за јавната набавка го доби фирма од Мала Речица „ Дон Хаус“ во вредност од 190 илјади евра, но на Бирото за јавни набавки го нема документот за тоа што се е предвидено со тој тендер и дали е воопшто реализиран.
Потоа, следуваат уште неколку тендери со разни фирми, се сменија и неколку директори, но ништо не е направено, а одговорност нема.
Сега, директор на Пошта е Бујаре Абази, кадар на Алијанса за Албанците. Таа за Радио Слободна Европа изјави дека Македонска пошта нема доволно пари за сама да го реконструира опожарениот објект, затоа што, како што е проценето дека за да се врати во функција шалтер салата се потребни од пет до десет милиони евра.
Во меѓувреме, Пошта тоне во долгови. „Македонски пошти“ ја завршиле 2022-та година со загуба од над 3.7 милиони евра, додека во 2021-та загубата била над 2.8 милиони евра. Според податоците од Министерството за финансии, заклучно со септември годинава ад Пошта е задолжена 2,1 милион евра.
За потсетување: За изгорената Пошта, во судски процес беше докажано дека причината за пожарот е човечки фактор. Затворска казна од две години доби внукот на тогашниот директор Рафиз Алити, Арменд Фазлиу, вработен како шеф на кабинет на својот вујко.
Алити, во овој судски процес како претставник на Пошта се откажа од кривичниот прогон и од материјални побарувања од Фазлиу.
Руски дипломат, осомничен шпион – набљудувач на ОБСЕ на изборите во Србија
Александар Студеникин (49 годишен) беше наведен како советник во постојаната мисија на Русија во ЕУ во Брисел, кога тој и уште 18 руски дипломати беа означени како персона нон грата во април 2022 година по целосната инвазија на Русија на Украина.
ЕУ соопшти дека руските дипломати на црната листа учествувале во активности „против интересите и безбедноста на ЕУ и нејзините земји-членки“.
Сега Студеникин е меѓу групата од 30 набљудувачи на избори на ОБСЕ за парламентарните и локални избори во Србија на 17 декември.
Во медиумските извештаи претходно се тврдеше дека Студеникин бил вработен во Руската надворешна разузнавачка служба, позната како СВР. Висок европски функционер со пристап до доверливи информации, за РСЕ, исто така, изјави дека Студеникин работи за СВР, иако самиот Студеникин негира какви било врски со разузнавачки служби.
Српските избори доаѓаат во време на зголемен притисок врз Белград од западните влади да воведе санкции кон Москва поради руската агресија во Украина. Владејачката Српска напредна партија и претседателот Александар Вучиќ ја одржаа својата коалиција со партиите кои се сметаат за силно проруски, додека про-ЕУ опозиција се бори да стекне популарност во земјата каде што мнозинството од населението ја гледа Русија како пријателска нација.
Три „незгодни“ прашања за власта и опозицијата пред изборите во Србија
Усогласување на надворешната политика и продолжување на патот на Србија кон Европската Унија или „редефинирање на односите“ со Западот и свртување кон Исток? Продолжување на дијалогот со Косово или отфрлање на европскиот план? Погледнете како одговараат на овие прашања учесниците во изборната трка за пратенички места во српскиот парламент. Вонредните парламентарни избори во Србија ќе се одржат в недела на 17 декември 2023.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Моторот е слобода, тоа е една пасија. Меѓутоа тоа е сериозен ангажман, пред сѐ од безбедносен аспект, од култура на однесување. Сепак, моторите и моторџиите се учесници во сообраќајот и треба да се има вистински однос од моторџиите кон другите и обратно. Се разбира има правила, прописи кои треба да се почитуваат, има кодекси на однесување кои не се пишани во правилата но треба да се почитуваат во името на безбедноста за да се намали ризикот“, вели Драган Малиновски, во ова издание на поткастот „Зошто?“
Вашиот пребарувач не подржува HTML5