Додека револтот во јавноста расте, оние кои јавно пред камери и со медицински хелихоптер го испратија 19-годишниот Леонид Индов од Скопје на рехабилитација во Виена не чувствуваат одговорност откако Фондот за здравствено осигурување(ФЗОМ) го одби како неосновано барањето од семејството лекувањето да е на товар на државата.
„Државата се откажа од него, но ние нема да се откажеме. Нема ништо поважно во моментов освен да се обединиме и да му помогнеме на Леонид“, повикуваат граѓаните на социјалните мрежи.
Според образложението од ФЗОМ, лекувањето се смета како специјализирана медицинска рехабилитација за која Фондот не одобрува пари. Затоа, граѓаните масовно се мобилизираа да ги соберат потребните 140.000 евра за Леонид да го продолжи престојот во рехабилитацискиот центар во Виена, истиот ден кога неговиот татко алармира дека Фондот ги одбил.
Видете и ова: Пациенти отсега ќе се транспортираат и со медикоптерМитко Бојмацалиев, заменик министер за внатрешни работи во техничката влада, е еден од функционерите кој беше на испраќањето на Леонид за Виена. Бојмацалиев за Радио Слободна Европа вели дека не чувствува дека пациентот е злоупотребен за промоција на летот со новиот медицински опремен хелихоптер.
„Имавме барање од семејството за медицински транспорт. По одобрение од ГОБ „8 септември“ дека медицинскиот дел може да се изведе, ние успешно го спроведовме летот и тој беше бесплатен за семејството. Ние бевме таму за да кажеме дека прв пат по 33 години е изведен меѓународен медицински лет и дека тоа постои како можност за граѓаните да го користат ако имаат потреба. Јас бев да им посакам среќен лет на пилотите и на екипажот. Имавме фотографии и снимки, но на нашите фотографии и видеа никаде не се гледа пациентот. Во никој момент не сме кажале кој е пациентот и која е причината за летот“, изјави Бојмацалиев за Радио Слободна Европа.
Не е само Леонид - родителите на Јани 66 дена спиеле на паркинг
Вкупно 66 дена спиевме во кола, на паркинг во Лариса (Грција) за да останат повеќе пари за Јани. Година и два месеци детето се лекува таму, цело време со донации. Продаваме што можеше да се продаде и без памет сум што ќе правам кога ќе мора да се вратиме во Неготино оти за два месеци ќе останеме без пари.
Ова за Радио Слободна Европа го вели Васил Иванов, татко на 19 годишниот Јани, кој пред година ипол се повреди во Грција и оттогаш е неподвижен.
Јани е еден од околу десетина млади луѓе, исто како Леонид, на кои им треба рехабилитација, најчесто по повреда на рбетен столб или по мозочен удар. Северна Македонија не може да им пружи модерна рехабилитација на овие пациенти, ниту пак можат на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) да ја добијат во странство.
Искуствата на овие две семејства, но и на десетици други, покажува дека во Северна Македонија нема ниту центар, ниту обучен кадар, ниту современи роботски апарати кои можат да им помогнат на вакви пациенти.
„Јани лежеше и на КАРИЛ. Таму му се отвори декубитална рана што и по година ипол не може да се затвори. Бевме и во Козле. Вториот ден почна да се гуши поради несоодветно постапување со трахеостомата (отвор на вратот за да може да диша). Ниту една институција не може да не прими поради состојбата, а надвор не не праќаат. Не можат така да си играат со пациентите. Манипулираат со народот за да не дадат пари за лекување“, вели Васил.
Лекарите од „Козле“ му дале документ со препорака да го носи синот во странство, Фондот го одбил. Васил вели, двата документи, и двата од доктори ја покажуваат целата контрадикторност на системот кој не функционира кога државата треба да даде пари за некој чиј живот зависи од таа рехабилитација.
Во тој затворен круг на релација доктори - центри за рехабилитација - Фонд, единствен излез се донациите од граѓаните, преку кои овие луѓе спасот го бараат надвор од државата.
„И јас сакам да си седам во својата држава, а не да патувам по 300 километри подалеку. Имам уште едно малолетно дете, и нему му треба грижа. Но, тука чаре за нас нема“, вели Васил.
Маја Манолева, заменик министерка за здравство во техничката влада денеска изјави дека во државата има можност за роботска рехабилитација.
Овој апарат беше промовиран во декември 2023 година и е единствен таков во Северна Македонија.
„Бидејќи сум специјалист по физикална медицина и рехабилитација, знам дека во тие правилници не постои основ за одобрување на лекување во странство за рехабилитација. Тоа е едната работа и втората работа којашто исто така би сакала да ја напомнам, а којашто никој овие денови не ја споменува е дека Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација, од којашто јас дојдов на позицијата заменик министер во последниве 4-5 месеци веќе работи со најнова најсовремена апаратура за роботска рехабилитација којашто им овозможува на тешките неподвижни пациенти да го вратат процесот на одење“ изјави Манолева при посетата на Здравствен дом Тетово.
Зошто ФЗОМ не одобрува рехабилитација во странство?
Во законите и во правилниците по кои работат Фондот медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување за во странство - не постои како опција. Според информации на РСЕ, законите и правилниците се околу 20 години стари и се менувани се повеќе пати. Но, оваа рехабилитација никогаш не се одобрувала на товар на ФЗОМ, ниту пак имало иницијатива тоа да се смени.
Според информациите на РСЕ, за вакви долготрајни рехабилитации во странство на ФЗОМ му е потребен поголем буџет, и покрај тоа што е една од институциите во Северна Македонија што располага со најмногу пари.
Радио Слободна Европа испрати прашања до Фондот - која година точно се донесени законите и правилниците за лекување во странство по кои работат, со кои точно здравствени установи ФЗОМ има склучено договор за медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување, колку барања за ваква рехабилитација се поднесени до нив и зошто не се смени овој Правилник, со оглед дека има осигуреници со потреба од ваков вид рехабилитација.
До објавувањето на текстот, одговори не добивме.
Видете и ова: Битка на два фронта - со болеста и со здравствениот системВчера, по реакцијата на семејството на Леонид, од ФЗОМ соопштија дека брањето на осигуреното лице Б. И. од Скопје, за неговото дете Л.И. за упатување на лекување во странство се одби како неосновано зошто не се работи за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување.
„Медицинската рехабилитација како продолжено болничко лекување, Фондот за осигурените лица ја обезбедил во здравствените установи во Р.Северна Македонија со кои склучил договор. Според Законот за здравственото осигурување, осигуреното лице може да користи болничко
лекување во странство со одобрение на Фондот, само ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во државата, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување“, соопштија од ФЗОМ.
Кој пред камери го испрати Леонид за промоција на хелихоптерот?
Видеото од настанот по повод хеликоптерскиот транспорт на 6 февруари е објавено на официјалниот Јутјуб канал на Министерството за внатрешни работи (МВР), со наслов „реализиран прв меѓународен лет за медицински транспорт со хеликоптер на МВР“. На настанот присуствуваа заменик-министерот на МВР, Митко Боцмајлиев, Сашо Тасевски, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), како и Христијан Костов, директорот на ГОБ „8-ми септември“.
На 6 февруари, во попладневните часови, Министерството за здравство на Фејсбук објави неколку фотографии од настанот со кратка изјава на тогашниот министер Фатмир Меџити.
„На Леонид му посакувам брзо закрепнување и што поскоро враќање кон секојдневните животни активности. Верувам во позитивен исход! Горд сум што за прв пат овозможивме медицински хеликоптер да транспортира пациенти, а денеска и за прв пат со меѓународен лет медикотерот успешно да транспортира пациент надвор од државата”, изјави Меџити.
Сепак, на сајтот на Министерството за здравство не можат да се најдат информации за овој настан.
Исто така на 6-ти февруари во утринските часови, Боцмајлиев со наслов – „Историски прв меѓународен лет за медицински транспорт со хеликоптер на МВР“, објави неколку официјални фотографии од настанот, додека неколку часа подоцна го сподели и промотивното видео од реализираниот прв меѓународен лет за медицински транспорт со хеликоптер на МВР.
Од Министерството за здравство велат дека нивната улога била согласно потпишан Меморандум за соработка со МВР и дека тие не вршеле никаква промоција на овој настан.
Осумнаесетгодишниот Леонид Индов летото 2023 година доживеа тешка несреќа на летување во Грција што предизвика сериозна повреда на рбетниот мозок. Тој е ученик во математичко-информатичката гимназија во Скопје и сега требаше да биде четврта година. Има повеќе интернационални успеси, а добил и прво место на меѓународен натпревар НАСА за развој на апликации.
Видете и ова: Хуманоста побрза од институциите за лекување во странствоИ ревизорите открија слабости во одобрувањата за лекување во странство
Државниот завод за ревизија во ревизорскиот извештај за работата на Фондот во 2019 година укажа на слабости во делот на постапките за обезбедување на здравствени услуги на осигурените лица во странство.
Ревизорите открија дека Фондот не воспоставил соодветен систем на следење, ниту пак се прават анализи на ефектите од лекувањето во медицинските установи во странство и во земјата во кои е реализирано одобреното лекување на осигурениците и успешноста на истото; ФЗО нема изработено листа на болници за успешноста во лекувањето на различни дијагнози која ќе послужи како основ за упатување на лекување на идни осигуреници, ниту пак е изработен акт врз основа на кој ќе се врши изборот на овие медицински установи.
Исто така, ДЗР утврди и случаи на упатување на осигурени лица на лекување во здравствени установи без претходна консултација со осигуреникот, и тоа во установа без специјалност во третман на болни лица поврзано со состојбата во која се наоѓал пациентот, при што не е дадено образложение за причините за извршената промена ниту пак на кој начин медицинската документација потребна за давање понуда стигнала до оваа здравствена установа.