Отворањето на кластерот фундаментални вредности од македонските преговори со Европската Унија е на само чекор до вас, само уште да се донесат уставните измени на кои што Северна Македонија се согласи дека ќе ги направи. Оваа порака од Брисел во Скопје ја донесе претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен. Таа посочи дека целта е јасна, да се отвори кластерот од преговорите што е можно побрзо.
„Ние ќе помогнеме да се спроведе обврската што Северна Македонија ја презеде како суверена земја во секој дел од патот. За мене тоа е мошне важно, работам колку што можам за да можеме да ги отвориме преговорите за кластерот фундаментални вредности, тоа е нашата краткорочна цел засега и уставните промени треба да се разработат“, изјави таа.
Фон дер Лајен претпладнево пристигна во земјава, од Албанија, која минатата недела го отвори првиот кластер од преговорите со Европската Унија, откако Скопје не го исполни условот за втора меѓувладина конференција, а тоа е вметнување на бугарската заедница во уставната Преамбула.
Македонската Влада бара од Брисел да се измени условот, односно важењето на уставни промени со кои Бугарите ќе влезат во Преамбулата да имаат одложено дејство, односно тие да важат по завршувањето на преговорите, или пак, да се обезбедат европски гаранции дека нема да има наметнување на нови услови од Бугарија во преговарачкиот процес.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со Фон Дер Лајен истакна дека неговата влада е исправена пред многу предизвици.
„Но, очекуваме Европската Унија заедно со нас да помогне во изнаоѓањето на начини како да го продолжиме нашиот европски интегративен пат, истовремено уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите на кои што почива самата ЕУ“, “,изјави Мицкоски.
Тој додаде дека од ЕУ очекува да биде препознаен македонскиот напредок и да постапува фер.
Младите никогаш нема да ни простат
Но, ниту Мицкоски ниту Фон дер Лајен не беа конкретни во одговорите каков е планот со уставните измени, дали воопшто е прифатливо за Брисел барањето на Мицкоски за одложено дејство.
Видете и ова: Европска (не)перспективност пред посетата на Урсула фон дер ЛајенФон дер Лајен му се обрати на премиерот Мицкоски со две пораки, првата беше дека проширувањето ќе остане врвен приоритет за Европската комисија (ЕК) во следните пет години, а втората е дека не треба да ги разочара младите.
„Младите луѓе никогаш нема да ни простат ако не одговориме на овој предизвик. Затоа треба да направиме Северна Македонија да биде дел од ЕУ“, изјави Фон дер Лајен.
До крајот на годинава 52 милиони евра од Планот за раст
Откако во Европската комисија на 23 октомври беа одобрени реформските агенди на шестти земји од регионот кои се поврзани со Планот за раст за Западниот Балкан, Фон дер Лајен денеска ги сподели и информациите во кои сегменти ќе се влеат во македонската економија.
Првата транша што треба да пристигне во земјава до крајот на годинава изнесува 52 милиони евра од вкупно планираните 750 милиони евра. Нејзините очекувања се дека Планот за раст ќе испорача конкретни резултати за македонските граѓани, како што е на прмер единствената зона на плаќање во ЕУ, со која ќе се олесни преносот на парите помеѓу Северна Македонија и ЕУ .
Дополнително таа потсети и на заедничкиот инвестициски план на Унијата со Западен Балкан, за кој како што вели по четири години откако е воспоставен дава добри резултати. Тој план се однесува на таканаречената енергетска транзиција кон еко-енергија, за кој, како што вели, Фон дер Лајен веќе мобилизира 1,7 милијарди евра во инвестиции во Северна Македонија.
„Во Северна Македонија обновливите извори претставуваат една четвртина од производството на енергија и затоа сакаме да го зголемиме овој капацитет. Ги имаме Осломеј и електраната во Битола кои треба да работат на соларна енергија и ветерниот парк Богданци. А исто така инвестираме и во чист транспорт за подобра поврзаност во регионот и со Европа“, вели таа.
Видете и ова: Државата си плаќа „казни“ за непотрошени кредитиСпоред неа од стратешко значење се и проектите за железничкиот коридор 8 со кој земјава ќе се поврзе со Албанија и Бугарија, како и коридорот 10 кој минува од Грција кон Будимпишта, но низ Северна Македонија.
„Овие инвестиции ќе ја претворат Северна Македонија во клучен транспортен центар и тоа ќе донесе сериозни придобивки за луѓето“, вели Фон дер Лајен.
Според последната изјава на министерот за европски прашања Орхан Муртезани европските 750 милиони евра Планот за раст предвидени за Северна Македонија се очекува 250 милиони евра да бидат доделени како како грант, или неповратни средства за инвестициски проекти. Додека останатите 500 милиони евра ќе се обезбедат преку заем со почеток на отплата од 2034 година.
Од овие 500 милиони евра во заем, 250 милиони евра ќе бидат наменети за реализација на реформите како буџетска поддршка, а преостанатите 250 милиони ќе бидат за капитални инвестициски проекти.
Претседателката на Европската комисија од Скопје замина за Босна и Херцеговина каде што е планирано да ги посети подрачјата погодени од поплавите. Таа во Србија, на 25 октомври, ќе се сретне со претседателот и премиерот на Србија. Претседателката Урсула фон дер Лајен на 26 октомври ќе ја заврши својата четиридневна балканска турнеја со посетата на Косово и Црна Гора.