Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема информации за евентуална средба со бугарскиот претседател Румен Радев во Будимпешта, но дека е подготвен да седне и да разговара на состанокот на Европската политичка заедница на 7 ноември.
Претходно, дел од медиумите објавија дека унгарскиот премиер Виктор Орбан, ќе го искористи Самитот на Европската политичка заедница за да ги седне на заедничка маса македонскиот премиер Христијан Мицкоски и бугарскиот претседател Румен Радев или новиот премиер доколку до тогаш заврши процесот за избор на нова влада во Бугарија од изборите закажани за 27 октомври.
„Доколку постои иницијатива за таква средба и на 7 ноември и на 17 октомври и на 27 октомври, јас сум подготвен да седнам и да разговарам. Не мора да биде тоа Будимпешта, може да биде било каде да седнеме да разговараме да најдеме решение кое ќе биде решение на долг рок и кое ќе гарантира Копенхашки критериуми, ќе гарантира права, ќе гарантира успех во процесот на преговори“, рече Мицкоски.
Премиерот повтори дека не прифаќа диктати.
„Но, доколку дојде таква иницијатива од господинот Орбан на 7 ноември, подговен сум дури и порано, било кога, да седнам да разговарам, врз основа на аргументи, не на диктат“, изјави Мицкоски.
Во однос, пак, на писмото кое премиерот Мицкоски најави дека планира да ги испрати до европските лидери со цел да ги информира за македонските позиции во продолжувањето на процесот на интеграција кон Унијата, кажа дека тоа се уште не е готово.
Тој рече дека содржински што ќе има во писмото, во голема мера ќе зависи од тоа што ќе го слушне на средбите кои следните денови ќе ги има во Берлин.
„Писмото е во подготовка, патувам утре во Берлин има состанок на Берлинскиот процес, ќе разговарам со голем број од европските политичари и сакам пред да го испратам писмото и содржината, да имам уште малку повеќе јасна слика за тоа до каде можеме и што можеме да направиме“, изјави Мицкоски.