Пораки за забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија (ЕУ), одржувањето на мирот и добрососедските односи, продлабочување на регионалната соработка и доближување до единствениот европски пазар, преовладуваа во фокусот на Самитот на шефовите на држави и влади од земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
Настанот се одржа денеска (13 јуни) во Скопје со што се заокружи едногодишното претседавање на Северна Македонија со ПСЈИЕ. Претседателството земјава го презеде од Црна Гора, а во јули ќе го предаде на Албанија.
Шефовите на овие три држави од т.н. тројка одржаа заедничка прес-конференција.
„Свесни сме дека постои замор од проширувањето, но постои уште поголем замор од чекањето. Затоа во својство на претседавачи со ПСЈИЕ ги охрабрувам европските партнери да останат доследни, кредибилни и принципиелни кон европската идеја и кон големата визија за обединет и отворен континент. Не е доволно да велите дека ЕУ е недовршена приказна, недовршена симфонија, без Западниот Балкан туку треба во оркестарот да го вклучите и Западниот Балкан. Треба и тој ноти да пишува и да може да учествува во европските работи“, рече претседателката на Северна Македонија и домаќинка на Самитот, Гордана Сиљановска Давкова.
Видете и ова: Скопје домаќин на Самит на шефовите на држави и влади од југоисточна Европа
„ЕУ да ја зајакне динамиката во регионот“
Европската визија, потенцираше таа, не одржува во демократска кондиција, прави да сме фокусирани на реформите и помага на европски начин да ги затвораме отворените билатерални прашања.
„Проширувањето е влог во мирот, во безбедноста, во стабилноста, во просперитетот. Затоа процесот на пристапување мора да се заснова на меритократија – на заслуги, и на доследно спроведени реформи. Затоа ЕУ мора да ја зајакне пристапната динамика во регионот, присутноста и кредибилноста во процесот“, рече Сиљановска Давкова.
Забрзување на европските интеграции и унапредување на регионалната соработка биле двата приоритети на кои се фокусирала и Црна Гора во претседателството пред Северна Македонија, потенцираше црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.
„Важно е одлучно да останеме на курсот на демократскиот развој и владеењето на правото бидејќи само така нашите општества може да напредуваат во можноста што ја дава разбудениот ентузијазам и новиот моментум што го имаме во Брисел за проширување“, рече Милатовиќ.
Неговиот албански колега, Бајрам Бегај порача дека Албанија како иден претседавач ќе остане проактивен поддржуван на регионалната соработка.
„Албанија ќе се фокусира на серија на приоритети за членството во ЕУ, економската стабилност, зелена и дигитална агенда, туризмот, културата.“, рече Бегај.
Без билатерална средба на Сиљановска Давкова со грчкиот министер
Очите на македонската јавноста при денешниот Самит, пак, повеќе беа свртени кон тоа какви пораки ќе си разменат новата претседателка Сиљановска Давкова и министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, кој само на неколку часа допатува во Скопје.
Ова беше прва посета на висок грчки функционер по низата прозивки меѓу Скопје и Атина околу Преспанскиот договор кои започнаа со некористењето на уставното име од страна на новата претседателка Сиљановска Давкова на нејзината инаугурација во Собранието на 12 мај.
Видете и ова: Скопје и Атина пак „се фатија“ за иметоМеѓутоа, билатерална средба помеѓу двајца немало. Сиљановска Давкова рече дека на грчкиот министер му доцнел летот, а во обраќањето што го имал на Самитот преовладувале пораки со регионален карактер.
„Пораките му беа регионално обоени – дека треба да си помагаме, да градиме владеење на право, да го почитуваме меѓународното право, дека треба да продолжиме таму каде многу јасни определби има уште од Солунскиот самит. Атмосферата беше пријатна, пријателска. Мислам дека ние луѓето од Балканот кога е потребно умееме да се разбереме“, рече претседателката на Северна Македонија.
Во однос на употребата на уставното име, пак, Сиљановска Давкова не отстапи од претходните ставови.
Порача дека како човек има право на слобода на мислата и на изразување и не мисли дека така го крши Уставот. Уставното име, нагласи, го користи во официјалната употреба.
„Не мислам дека неупотребувањето на уставното име може да предизвика проблеми. Да ве потсетам и сите документи и тие што ги потпишувам, сите кои излегуваат од кабинетот на претседателот се со уставното име. Тоа е во рамки на меѓународното право и на Уставот“, рече Сиљановска Давкова.
Во Скопје беше и заменичката на Герапетритис, Александра Пападопуло. Со неа билатерална средба имаше министерот за надворешни работи во заминување Бујар Османи. Со Герапетритис, пак, тој имал само телефонски разговор.
И Османи, претходно во текот на денот зборуваше за односите со Грција велејќи дека се надева дека новата власт во Скопје ќе го почитува Преспанскиот договор и Уставот. Тој оцени и дека суштината на Преспанскиот договор, и Скопје и Атина ја имаат исполнето – Грција за поддршка на евроатлантската интеграција, а Северна Македонија за прашањето за уставните измени и имплементација на името.
Видете и ова: Османи: Двете страни ја имаат исполнето суштината на Преспанскиот договорПретседателката ја чека новата влада за да излезе со став за Украина
Неизбежна тема на регионалниот настан во Скопје беше и Украина. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ја спомена уште на почетокот на своето обраќање велејќи дека „Европа се соочува со сериозни економски и безбедносни предизвици, има војна на европско тло, а европскиот проект е мировен проект“.
Сепак, не сакаше да даде став дали поддржува испраќање на оружје за Украина, но нагласи дека земјава се однесува во согласност со европската политика.
„Ве молам да почекате за одговорот. Постојано повторувам дека одлуките врзани за меѓународната политика треба да бидат заеднички. Очекувам идната недела да се формира владата, да видам кој ќе биде министер за одбрана и за надворешни работи. Мислам дека секогаш треба да настапуваме како дуо во надворешната и безбедносната политика. Ако нешто ви значи, на Самитот во Берлин ние се однесувавме и настапувавме во духот на европската надворешна и безбедносна политика“, им одговори Сиљановска Давкова на новинарите.
Видете и ова: Лидерите на Г7 договорија заем за Украина од замрзнатите руски средства
Избран нов генерален секретар на СРС
На Самитот на шефовите и државите од ПСЈИЕ, му претходеше министерски состанок во рамки на овој процес, со кој претседаваше министерот Бујар Османи.
„Успехот кој го постигнавме ги надминаа дури и нашите очекувања“, рече Османи по завршувањето на состанокот претходно во текот на денот.
Задоволството тој го темелеше на тоа што 13-те земји учеснички во ПСЈИЕ постигнаа консензус за две прашања. Првото, е што се договорија Амар Капетановиќ од Босна и Херцеговина да биде нов генерален секретар на Советот за регионална соработка (РСР), извршно тело на ПСЈИЕ. На оваа позиција досега беше Мајлинда Брегу која изминативе три години беше вршител на должност бидејќи државите не можеа да постигнат консензус. Вториот консензус, пак, е за усвојување на заедничка декларација.
Видете и ова: Османи: Амер Капетановиќ е кандидат за наследник на Мајлинда Брегу во Советот за регионална соработка13-те земји кои се дел од ПСЈИЕ односно РСС се: Северна Македонија, Грција, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Молдавија, Романија, Словенија и Турција.
Покрај споменатите високи гости во Скопје, дел од делегациите од останатите земји учеснички на денешниот настан беа претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу и претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ; министрите за надворешни работи на Србија – Марко Ѓуриќ и на Турција – Хакан Фидан; заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов; државните секретар на МНР на Молдавија – Сергеј Михов и на Романија – Даниела Гитман; како и амбасадорите на Словенија – Грегор Прескер и на Хрватска – Нивес Тигањ.
Учесници на Самитот имаше и од Европската Унија – заменик-управниот директор во Европската служба за надворешни работи на ЕУ, Марко Маковец и претставничката од Европската Комисија, Ана Везироглу.
ПСЈИЕ како форум за регионална соработка беше основан во 1996 година и ги вклучува сите земји од југоисточна Европа. Неговите главни цели се унапредување на политичката и безбедносната соработка, поттикнување на економската соработка и проширување на соработката во областа на човековите права, демократијата и правдата.