Достапни линкови

Скопје домаќин на Самит на шефовите на држави и влади од југоисточна Европа


Со министерски состанок започнаат денешните активности во Скопје
Со министерски состанок започнаат денешните активности во Скопје

Земјите од ПСЈИЕ во Скопје постигнаа консензус за идниот генерален секретар на СРС и за заедничка декларација од ПСЈИЕ. Меѓу гостите во Скопје се претседателите на Албанија, Косово, Црна Гора, но и шефот на грчката дипломатија што е прва посета на висок грчки претставник по реакциите на Грција кон новата власт околу Преспанскиот договор.

Со состанок на министрите за надворешни работи во претпладневните часови и Самит на шефови на држави и влади попладне на 13 јуни во Скопје, Северна Македонија го заокружува едногодишното претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Строгиот центар на главниот град од утрото е блокиран за сообраќај поради пристигнувањето на претставниците на 13-те земји учеснички во процесот. Повеќето од делегациите, не ги предводат претседателите или премиерите, туку други државни функционери и дипломати. Овој самит во Скопје се одржува додека се очекува формирање на нова влада по парламентарните избори на 8 мај.

„Успехот кој го постигнавме ги надминаа дури и нашите очекувања“, рече министерот за надворешни работи и претседавач со ПСЈИЕ Бујар Османи по завршувањето на министерскиот состанок, кој е прв дел од денешните активности во рамки на оваа регионална платформа.

Тој прес-конференцијата ја одржа заедно со заменик-министерката за европски и надворешни прашања на Албанија, Артемис Мало. И двајцата испратија пораки дека регионалната соработка е неопходна, но потребно е и заокружување на евроинтеграциите за земјите од регионот.

Османи изрази задоволство што во Скопје се постигнал консензус за идниот генералсен секретар на СРС и за заедничка декларација на земји учеснички во ПСЈИЕ
Османи изрази задоволство што во Скопје се постигнал консензус за идниот генералсен секретар на СРС и за заедничка декларација на земји учеснички во ПСЈИЕ

Задоволството од резултатот од министерскиот состанок Османи го темелеше на тоа што 13-те земји учеснички во ПСЈИЕ постигнаа консензус за две прашања. Првото, е што го номинираа Амар Капетановиќ од Босна и Херцеговина за нов генерален секретар на Советот за регионална соработка (РСР), извршно тело на ПСЈИЕ. На оваа позиција досега беше Мајлинда Брегу која изминативе три години беше вршител на должност бидејќи државите не можеа да постигнат консензус. Вториот консензус, пак, е за усвојување на заедничка декларација.

Двете работи ќе треба да се усвојат и официјализираат денеска попладне (13 јуни) на Самитот на шефови на држави и влади на земјите од ПСЈИЕ, чиј домаќин е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Пораки за целосно интегрирање на регионот во ЕУ

Министерот Османи, во улога на претседавач ја отвори пленарната сесија на министерскиот состанок заблагодарувајќи се за соработката со Советот за регионална соработка (СРС).

Според него, изминатиот период се постигнале значајни резултати во бројни области од регионалната сорабокта. Сепак, и на состанокот и на прес-конференцијата тој упати порака дека мора да се удвојат напорите за да се исполни целта – сите 13 земји учеснички во процесот да бидат полноправни членки на ЕУ.

„Не постои алтернатива за пристапувањето кон ЕУ. Последните неколку години и циклуси на проширување потврдија дека се подобрува стабилноста на земјите кои се приклучуваат на ЕУ. Затоа е од клучно значење да ги удвоивме напорите, да ги комуницираме позитивните влијанија од проширувањето, како и од спроведувањето на кредибилни реформи и добрососедството“, рече Османи.

Регионот, рече министерот, треба да избере „дипломатија наспроти насилство и да работи на зајакнување на довербата и градењето на одржлив процес кој ќе ја направи уште посилна европската безбедносна архитектура“.

Заменик-минисерката за европски и надворешни прашања на Албанија Артемис Мало во обраќањето порача дека ќе продолжат да ги поддржуваат аспирациите за членство во ЕУ. Нејзината држава како претседавач со ПСЈИЕ, потенцираше, ќе се посвети на унапредување на она што досега е постигнато.

„Нашето мото е: Обликување на европската иднина. Претседателството ќе биде целосно посветено на унапредување на постигнатото од ПСЈИЕ, со зајакнување на регионалната соработка вклучително и имплементацијата на заедничкиот регионален пазар, како и на завршување на процесот на европска интеграција“, рече Мало.

Прва посета на грчки министер по прозивките за преспанскиот договор

По министерскиот состанок, пак, следува Самитот на шефови на држави и влади од ПСЈИЕ, чиј домаќин е претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Според најавата од нејзиниот кабинет, присуството го потврдиле претседателите на Црна Гора и Албанија, Јаков Милатовиќ и Бајрам Бегај. Тие се дел од т.н. тројка – Црна Гора како претходен, а Албанија како иден претседавач со ПСЈИЕ. Двајцата со Сиљановска Давкова вечерва ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Од највисоките државни функционери во Скопје се и косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу и претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ.

Како претставник од Грција, пак, ќе биде министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис, што е прва посета на висок грчки функционер по низата прозивки меѓу Скопје и Атина околу Преспанскиот договор кои започнаа со некористењето на уставното име од страна на новата претседателка Сиљановска Давкова на нејзината инаугурација во Собранието.

Сепак, како што кажа Османи, поради обврски, тој во Скопје ќе се задржи само два часа и затоа во улога на шефица на грчката делегација е заменичката на Герапетритис, Александра Пападопуло.

Османи рече дека со неа имал средба, додека со министерот утрото пред министерскиот состанок разговарале телефонски.

„Разговаравме за посветеноста на двете држави, не само за имплементација на договорите туку и за поддршката што официјална Атина ја дава на европската интеграција на Република Северна Македонија. Беше еден добар, конструктивен разговор во кој разменивме ставови дека е важна регионалната соработка, добрососедските односи, продолжување на секторската соработка, како и ставот дека Преспанскиот договор е многу повеќе од само договор за името“, рече Османи.

Името, според министерот, е стожер, но договорот според него, е стратешко партнерство во многу области.

„Бел чад во Скопје“

Во пресрет на министерскиот состанок и на Самитот на шефови на држави и влади, ден претходно во Скопје се одржа и годишниот состанок на Советот за регионална соработка (СРС), кој е извршно тело на ПСЈИЕ.

Токму на него беше постигнат консензусот Амер Капетановиќ од Босна и Херцеговина да биде иден генерален секретар на СРС.

„Денеска во Скопје има бел чад на состанокот на политички директори од 13-те земји учеснички во ПСЈИЕ“, рече Османи на 12 јуни.

Кандидати имало од пет-земји.

„Кандидатурите кои беа претставени беа извонредни, сите се покажаа достојни на задачата и имаа извонредни квалификации. Тоа ја направи напашата задача уште потешка“, рече Османи по завршувањето на министерскиот состанок.

За досегашната в.д. генерална секретарка беше Мајлинда Брегу, која е поранешна министерка за евроинтеграции на Албанија, тој имаше само пофални зборови. Рече дека го издигнала Советот за регионална соработка во едно респектабилно и кредибилно тело кое покрај тоа што е извршно тело на ПСЈИЕ станало и „важно извршно тело и на Берлинскиот процес“.

13-те земји кои се дел од ПСЈИЕ односно РСС се: Северна Македонија, Грција, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Молдавија, Романија, Словенија и Турција.

Покрај споменатите високи гости во Скопје, дел од делегациите од останатите земји се и: министрите за надворешни работи на Србија – Марко Ѓуриќ и на Турција – Хакан Фидан; заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов; државните секретар на МНР на Молдавија – Сергеј Михов и на Романија – Даниела Гитман; како и амбасадорите на Словенија – Грегор Прескер и на Хрватска – Нивес Тигањ.

Учесници на Самитот има и од Европската Унија како заменик-управен директор во Европската служба за надворешни работи на ЕУ, Марко Маковец и претставничката од Европската Комисија, Ана Везироглу.

ПСЈИЕ како форум за регионална соработка беше основан во 1996 година и ги вклучува сите земји од југоисточна Европа. Неговите главни цели се унапредување на политичката и безбедносната соработка, поттикнување на економската соработка и проширување на соработката во областа на човековите права, демократијата и правдата.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG