Достапни линкови

Скопје и Атина пак „се фатија“ за името


Архивска фотографија од потпишувањето на преспанскиот договор, 17 јуни 2018
Архивска фотографија од потпишувањето на преспанскиот договор, 17 јуни 2018

Нови искри меѓу Грција и Северна Македонија околу името. Атина предупредува на „сериозни последици“ поради непочитување на Преспанскиот договот, а идниот премиер Христијан Мицкоски соопшти дека има право да го користи само името „Македонија“. Дел од аналитичарите оценуваат дека тоа на Северна Македонија може да ѝ донесе проблем во евроинтеграциите, додека за други заканите немаат тежина бидејќи преговорите со ЕУ секако се блокирани.

По шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор, уставното име на Северна Македонија се врати во фокусот на надворешната политика на земјава откако ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на парламентарните и претседателските избори на 8 мај. Ако до 2018, речиси три децении летаа искри меѓу Атина и Скопје за името на државата, деновиве остри реакции се разменуваат околу тоа како и кога треба да се употребува новото уставно име - Северна Македонија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како иден премиер, најави дека ќе го следи патот на новата претседателка на државата, Гордана Сиљановска Давкова, која во својата заклетва го користеше само името „Македонија“ и јасно порача дека не се откажува од тоа во јавните настапи бидејќи е нејзино лично право на самоопределување.

И ВМРО-ДПМНЕ и Нова демократија во Грција беа во опозиција кога беше потпишан Договорот во Преспа и се изјаснија дека се против него, но дека ќе го почитуваат како меѓународен договор.

Најави за нови блокади на евроинтеграциите

Од грчка страна, експресно пристигнааа остри реакции и од премиерот Кирјакос Мицотакис и од членови на неговата влада.

„Нова демократија не го гласаше Договорот од Преспа и изразивме сериозни приговори кога тој се ратификуваше во грчкиот Парламент. Но, рековме со апсолутна искреност, никогаш не ве измамив, дека штом се изгласа овој Договор, практично не може да се смени и ќе бидеме принудени, и покрај проблемите што ги има, да го почитуваме. И ова го сторивме. Ако некои веруваат дека може од нивна страна да не го почитуваат Договорот, да знаат две работи: прво нивниот пат кон Европа ќе остане затворен и второ, меморандумите што треба да ги ратификуваме, нема да се ратификуваат, сè додека нема апсолутното усогласување“, порача денеска (17 мај) грчкиот премиер Мицотакис на собир со граѓани во градот Верија.

Мицкоски не сака покажување „политички мускули“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, ден претходно од Скопје повика да нема веќе закани и враќање во минатото. Беше дециден дека ќе го користи термините само „Македонија“ и македонски, а на Грција и порача ако смета дека има прекршување на Преспанскиот договор, да се обрати до Меѓународниот суд за правдата.

„Ако некој очекува од ВМРО-ДПМНЕ да ги повтори грешките од минатото, бидете сигурни дека тоа нема да го направиме. Немаме намера на нивните политички мускули да одговориме со преименување на автопатите и аеродромите или да градиме споменици. Не очекувам односите меѓу двете држави да се темелат на политички мускули, очекувам да имаме одлични меѓусоседски односи, ценам дека ВМРО-ДПМНЕ и тамошната влада предводена од Нова Демократија имаат свој став поврзан со Преспанскиот договор, бидејќи ниту на едните, ниту на другите ни се допаѓа тој договор“, истакна Мицкоски.

Тој излезе и со констатација дека за разлика во Грција, во земјава договорот е имплементиран и е дел од македонските институции.

Пресврт во надворешната политика

Последните изјави и реторика од македонска страна, за аналитичарите се најава за нова надворешна политика на земјава. За дел од нив, тоа на Северна Македонија може да и донесе проблем во евроинтеграциите, додека други сметаат дека пристапните преговори со ЕУ секако се блокирани.

„Јасно е дека новата власт ќе има различни позиции за некои прашања од надворешната политика, што веројатно ќе станат појасни после официјалниот избор на владата“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) поранешниот вицепремиер и ексамбасадор Васко Наумовски.

И политиколог Борјан Ѓузелов за РСЕ посочува дека „ова може да претставува пресврт во надворешната политика, но сè уште е рано да видиме“.

„Вината повторно на наша страна“

Според Ѓузелов, ова претставува отворање на веќе затворено прашање.

„Последиците може да биде големи, може да бидат евентуално враќање назад во евроинтеграциите, иако ние цело време сме во чекална сега вината повторно ќе се префрли на наша страна. Ние решеното прашање со Грција сега го ставаме под знак прашалник, а треба да решаваме друго прашање со Бугарија кое сега ќе дојде во втор план, но нема да исчезне“, вели Ѓузелов.

По потпишувањето на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018, помеѓу Атина и Скопје, државата го смени уставното име во Северна Македонија и стана членка на НАТО. Исчезна грчкото вето и за преговорите со ЕУ, но земјава сè уште не ги отворила кластерите од преговорите со Брисел иако ја одржа првата меѓувладина конференција. Овој пат, поради блокада од другиот сосед, Бугарија. Со “францускиот предлог“ зад кој застана ЕУ спорот двете земји се согласија за продолжување на преговорите, потребно е да се направат уставни измени со кои бугарската и други заедници ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.

Поради ваквите долгогодишни препреки, Наумовски, кој беше вицепремиер во една од поранешните влади на ВМРО-ДПМНЕ, нагласува дека македонскиот пат кон полноправно членство одамна се блокира, па предупредувањата за нови проблеми веќе ја немаат истата тежина.

„Европската унија не успеа да најде начин да се оневозможат еднострани блокади на процесот на проширување, што резултираше со намален ентузијазам кај граѓаните од државите кандидати, како и пораст на евро-скептицизмот. Реалноста е дека нашите евроинтеграции се веќе загрозени од страна на членките на ЕУ, заради што заканите за некакво ново вето од Грција немаат иста вредност каква што имаа пред 10 или 15 години“, вели Наумовски за РСЕ.

Според него, спроведувањето на Преспанскиот договор има повеќе аспекти меѓу кои и тоа дека внатрешната употреба на новото име „треба да го следи отворањето на соодветните поглавја со ЕУ“.

„Ние досега немаме отворено ниту едно поглавје, што значи дека минатата власт избрза со имплементацијата“, додава Наумовски.

Предизборен период и во Грција

Острите реакции од Грција, доаѓаат и во време кога и премиерот Мицотакис и и останатите грчки политичари се подготвуваат за избори. На 9 јуни треба да се одржат изборите за Европскиот парламент.

Коментирајќи го предизборниот период и во Грција, политикологот Ѓузелов смета дека таму веројатно се користи прашањето со Преспанскиот договор и за некаква внатреполитичка мобилизација, но, како што вели, „ние (Северна Македонија) им даваме причина за тоа“.

Инаку, покрај од Грција, реакции до идната власт на Северна Македонија испратија и од Европската Унија и поеднично од дел од земјите членки во кои порачуваат оти се очекува Сиљановска Давкова и идната влада да ги исполнат обврските што ги има земјава и да ги почитува меѓународните договори.

Сиљановска Давкова на 8 мај со над 300.000 гласа предност го победи поранешниот претседател и нејзин противкандидат Стево Пендаровски со што стана првата жена шеф на државата. ВМРО-ДПМНЕ, која ја поддржа нејзината кандидатура, оствари голема победа и на парламентарните избори. Според првичните резултати, партијата со коалицијата „Твоја Македонија“ ќе имаат 58 пратеници во 120-члениот парламент.

Преговорите за формирање влада, со албанските опозициски партии, се во тек. Рокот за нова влада истекува на крајот на јуни, но очекувањата се дека ВМРО-ДПМНЕ со идните коалициските партии ќе го постигне тоа порано.

Преспанскиот договор го потпишаа поранешните влади во Северна Македонија и Грција предвоцени од Зоран Заев и Алексис Ципрас. Потписите ги ставија ексминистрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас.

По повод шест годишнината од потпишувањето, „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Зоран Заев“ најавија дека во јуни во Атина ќе организираат дводневна меѓународна конференција за „Мир и одржлив развој“. На неа, специјалниот претставник на ОН во преговорите меѓу двете држави, Метју Нимиц, ќе ја добие наградата за мир, т.н. „Награда од Преспа“.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG