Европската унија и Соединетите Американски Држави имаат потреба од вас, вие сте стратешки партнер и близок пријател, некој кој имал директна корист од тоа партнерство и вие сакаме да имате корист од тоа партнерство во носењето на тешките одлуки кои ќе донесат посветла иднина, порача на 25 август заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар за време на посетата на Скопје.
И по средбите на Ескобар со премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, власта и опозицијата останаа на истите спротивставени ставови за уставните измени, според тоа што го соопштија во јавноста.
Ескобар по средбата со неговиот прв денешен домаќин, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека му е мило што во земјава отпочнал процесот на уставни измени во Собранието, се надева дека ќе продолжи.
„Сакам јасно да кажам дека нема никого да го подложувам на тортура овде, Сакам јасно да кажам дека САД не избираат влади на земји членки на НАТО, но поставуваме очекувања и работата за која ќе разговарам ќе биде да ја пратам истата порака која ја изнесував и во регионот – дека САД, како природни партнери, ги гледаат оние кои се посветени на европска интеграција, на НАТО и се посветени на борбата против корупција и тоа сакам да биде јасно“, изјави Ескобар во пресрет на средбата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Мицкоски деновиве изјави дека нема да дозволат тортура и пристисоци врз партијата од меѓународната заедница, со цел да се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот за уставните измени.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од ВМРО-ДПМНЕ, по средбата со Ескобар што се одржа во американската амбасада во Скопје соопштија дека лидерот на партијата Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот партијата Александар Николоски го повториле ставот за уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ со месеци повторува дека се против уставни измени под бугарски диктат.
„Претседателот Мицкоски потенцираше дека актуелната власт во Македонија за многу внатрешни политички прашања погрешно ја информира меѓународната заедница вклучително и САД. Уште еднаш беше афирмиран ставот на партијата дека суштинската заложба и приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е ЕУ и евроатланските вредности“, се вели во соппштението.
Во него се додава дека на средбата Мицкоски укажал дека единствено решение за излез од „една ваква исклучително тешка ситуација“, се одржување на предвремени парламентарни избори.
По средбата со Мицкоски, американската амбасада во Скопје не соопшти за што разговарале.
Ковачевски: без уставни измени - неизвесна иднина
Ескобар со премиерот Ковачевски разговарале за успешниот скрининг процес и за процесот за отпочнувањето на уставните измени.
„Западен Балкан е најнадежниот дел од Европа со највисок економски развој во многу сектори кои се носечки во развојот. Европа и САД имаат потреба од вас, а вие сте наш стратешки партнер и сакаме да имате корист од тоа партнерство со нас“, рече Ескобар.
Американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер на социјалната платформа Х ( порано позната како Твитер) напиша дека Ескобар и Ковачевски разговарале за предизвиците на македонскиот пат кон ЕУ и долгорочниот просперитет на Западниот Балкан.
„САД силно ја поддржуваат македонската брза интеграција во ЕУ“, напиша таа.
Ковачевски на прес конференцијата повтори дека ЕУ е единствена македонска единствена алтернатива и дека секој друг исход ќе значи изолација, а уставните измени се услов кој треба да се исполни.
„Секој друг исход при гласањето на уставни измени, ќе значи неизвесна иднина за државата. Денес ако се одвоиме од Албанија, Србија, Црна Гора никој не гарантира кога на каков начин ќе станеме членка на ЕУ. Не смее да се држи во заложништво иднината на граѓаните посебно откако се заштитија македонскиот јазик и идентитет“,изјави Ковачевски.
Според него со внесувањето на Уставот и други народи се прави јасно разграничување од македонскиот народ со било кој народ, вклучително и бугарскиот. Тој уште еднаш ги повика пратениците во Собранието да се одважат и да гласаат за европската иднина на државата.
Видете и ова: Мицкоски се жали на притисоци, Ескобар доаѓа во Скопје, а власта во кампања “Ние сме Европа“Ковачевски смета дека билатералните односи со Бугарија се само билатерални и дека тие нема да влијаат на процесот на евроинтеграции, и, како што вели, нови барања во преговарачката рамка нема и не може да има.
Одговарајќи му на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој го критикуваше премиерот дека коленичел пред странци со цел да дошле и да вршеле притисок за да се обезбеди гласање за уставните измени, Ковачевски рече дека посетата на Ескобар не е прва ниту последна, нагласувајќи дека тој е вистински пријател на Северна Македонија.
Првата средба во Скопје на Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави беше синоќа со претседателот на државата Стево Пендаровски.
Пендаровски - потврдена подршката од САД
Доаѓањето на Ескобар во Скопје следува по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската унија.
Дневниот ред на седницата во Собранието за отпочнување на процедурата за уставни измени беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата за предлог-одлуката за пристапување кон измена на Уставот, претседателот на парламентот Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.
Официјална Софија лани го повлече ветото на македонските евроинтеграции наметнато поради поради историски, јазичен и идентитетски спор со Скопје. Но за да почне земјава да отвора кластери во преговорите со ЕУ треба да го промени Уставот и во него да ги вклучи и Бугарите.