Уставните измени не загрозуваат ниту едно идентитетско македонско прашање, ниту пак се правени под диктат на некого, рече премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски на седницата во Собранието за уставни измени.
Образложувајќи зошто Уставот треба да се отвори и во него да се вметнат Бугарите и уште пет други народи, Ковачевски рече дека предлогот е наш, напишан е во земјава, и доби поддршка од Европската унија и стратешкиот партнер Соединетите Американски Држави (САД).
Уставните измени се услов земјава да продолжи со интеграцијата во Европската унија.
„Ова е историска можност да направиме нешто добро, да донесеме одлука не да стоиме во место, да не каскаме и да не чекаме, туку да чекориме во полноправно членство и да ја оствариме поставената цел за полноправно членство во 2030“, рече премиерот.
Тој е дециден дека нови барања на патот кон ЕУ нема да има и дека билатералните прашања понатаму нема да бидат пречка.
Седницата траеше неполни три часа, по завршуваше на неколкуте дискусии, гласање немаше. Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата, а гласањето дополнително ќе биде закажано. Тој и претходно рече дека ќе се гласа кога за тоа ќе има услови, односно кога ќе бидат обезбедено двотретинско мнозинство, или кога „за“ ќе гласаат 80 од вкупно 120-те пратеници. Доколку, пак, за време на гласањето нема потребно мнозинство, завршува процесот за уставни измени.
Официјална Софија лани го повлече ветото на македонските евроинтеграции наметнато поради поради историски, јазичен и идентитетски спор со Скопје. Но за да почне земјава да отвора кластери во преговорите со ЕУ треба да го промени Уставот и во него да ги вклучи и Бугарите.
Но со нивното додавање во Уставот, не се загрозува, намалува и релативизира македонскиот народ, вели премиерот.
Освен бугарскиот народ, во Уставот влегуваат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и еѓипќанскиот народ.
„Да живее европска Македонија“, порача по 30 минутниот говор премиерот, што беше проследено со аплауз од пратениците од владејачкото мнозинство.
Сиљановска - Давкова: Ги искшија рацете менувајќи го Уставот
Седницата иако закажана за во 11 часот на 18 август, почна со речиси час задоцнување. Доцнењето на премиерот го прокоментира и независната пратеничка Гордана Сиљановска – Давкова, која е дел од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Доаѓате како Гари Купер точно напладне, наместо да бидете тука во 11 часот“, рече таа споредувајќи го премиерот со шерифот Вил Кејн во улога на Купер од вестерн класиката „Точно напладне“.
Сиљановска која е и професор по уставно право рече дека на студентите секогаш им вели дека Уставот ретко треба да се менува.
„Тоа треба да се прави со рака што трепери од одговорност, а пратениците различни во овој Парламент рацете ги искршија менувајќи го Уставот. И ако промената на Уставот била евроинтегративен фактор, па ние денеска ќе претседаваме со ЕУ“, рече Сиљановска – Давкова.
Македонскиот Устав како највисок правен акт на државата е донесен на 17 ноември 1991 година и досега има претрпено 8 измени со 36 амандмани.
Првата измена е направена во 1992 година, а последната во 2019 година.
Сега пратениците дебатираа за нова деветта измена на Уставот.
Со тоа што се додаваат уште шест народи во Преамбулата на Уставот, таа заличува на именик, вели пратеничката Давкова. Треба да се покаже дека земјава е пристојна европска држава, која сака патот кон ЕУ да се одвива како што тоа го правеле и сите други земји, а не да има посебни критериуми за државава, додава таа.
„Не смее патот за Брисел да води преку Софија“, рече Сиљановска, велејќи дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не е против Европската унија и против Бугарија. Таа вели дека предлогот за уставни измени не треба да се поддржи, туку треба да се прашаат граѓаните на избори.
На седницата за уставните измени ја немаше иконографијата од минатогодишната седница кога се одлучуваше за таканаречениот Француски предлог со кој се тргна бугарското вето за во ЕУ. Тогаш пратениците од опозицијата свиреа со вувузели, гласно негодуваа и носеа маички со паролата „НЕ“.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, заклучи дека сегашната дебата се одвива во европска атмосфера, па затоа повика и да се гласа за денешната седница, во европски дух, како што рече. Потоа опозициските пратеници од место довикуваа – „Ајде да гласаме“, додека зборуваа пратеници од владејачкото мнозинство.
За уставни измени освен партиите од владејачката коалиција се и пратениците од албанскиот опозициски блок. Но тие бараат да има уставни амандмани за бришење на одредницата - 20 проценти, која се однесува на употребата на јазикот, како и корупцијата кај функционерите да биде кривично дело кое не застарува.
Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ, коалиционен партнер во Владата, вели дека тоа што нема протести пред Собранието, е потврда дека граѓаните даваат поддршка на процесот за уставни измени. Тој рече дека денеска паѓаат маските и пратениците ќе си го покажат вистинското лице. „Предлогот за уставни измени е билет за еден правец во ЕУ“, рече тој.
На владејачкото мнозинство му требаат уште осум пратеници за уставните измени.
Додека во земјава трае дебатата за уставните измени, Европската унија прави скрининг на сите 33 поглавја за пристапување: од заштита на потрошувачите, до надворешна политика за да види што Северна Македонија треба да направи на секое политичко поле за да стане членка.
За отворање и за затворање на кое било од поглавјата сите земји членки мора да дадат зелено светло.