Ексклузивно: Белоруска државна фирма била руски „филтрационен“ камп за Украинци

Руски воен филтрационен камп на почетокот на 2022 година во градот Нарулија јужно од Белорусија на почетокот на 2022 година

Еден државен објект во Белорусија бил користен од руската војска за да управува со таканаречен „филтрационен“ камп кадешто повеќе извори велат дека украинските војници и цивили биле подложени на тортура и други злоупотреби, покажа истражувањето на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Локацијата контролирана од владата во белорускиот град Нарулија, во близина на украинската и руската граница на југоистокот на земјата, беше една од неколкуте кадешто Русија ги „проверувала“ цивилите по нејзината целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Сведоците и анализата на сателитските снимки на „Планет Лабс“ и снимките од руската телевизија и овозможија на РСЕ и нејзините партнери за прв пат јавно да утврдат дека руските сили управувале со локацијата Нарулија врз основа на компанија која на крајот е контролирана од Советот на министри на авторитарниот лидер Александар Лукашенко.

Иако Лукашенко, сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, и дозволи на Москва да ја користи белоруската територија за транзитирање на силите и да изврши смртоносни напади врз Украина, тој јавно ја минимизира улогата на неговата влада во руската агресивна војна.

Но, Јулија Полехина, адвокатка на украинската група за човекови права „Сич“, рече дека Лукашенко ја сноси одговорноста за злоупотребите извршени во објектот во Белорусија, управуван од Русија.

„Овие филтрациони логори не можат да се создадат без овластени владини службеници кои мора да дадат согласност за тоа. И кога луѓето се тепани, мачени и не добиваат медицинска помош, ова е воено злосторство. И тоа не може да се случи без согласност на властите“, рече Полехина.

„Таму беа тепани цивили. Мислам, слушавме постојано врескање“, вели Бохдан Лисенко, украински војник кој беше однесен во Нарулија по неговото заробување во март 2022 година.

До објавувањето на текстот, Лукашенко не одговори на прашањата за Нарулија кои ги испративме до неговиот портпарол.

„Некоја голема колективна фарма“

Кон крајот на март 2022 година, околу еден месец откако Владимир Путин ја започна сеопфатната руска војна против Украина, двата сина на Лариса Јаходинска беа заробени од руската војска и одведени во Белорусија.

Јаходинска и нејзиното семејство се жители на украинското село Оране, на околу 45 километри од границата со Белорусија. Во времето кога и биле одземени нејзините синови, селото, како и другите села северно од Киев, биле под руска окупација.

„Тие рекоа дека моите синови се саботери и ги одведоа“, изјави Јаходинска за украинската истражувачка новинарска група Слидство.Инфо, набргу по нивното приведување.

Помладиот син Владислав бил малолетен кога го одвеле, но успеал да се врати дома откако бил сместен во сиропиталиште во Белорусија. Се верува дека неговиот постар брат бил одведен во Русија.

Според Јаходинска, Владислав бил тепан додека го држеле руските сили, а на неговиот постар брат му биле скршени ребрата додека го тепале со безбол палка.

Видете и ова: Ексклузивно: Неколку дена по инвазијата, Русија предложила мировен договор за „капитулација“ на Украина

Новинарите разговараа со Владислав, кој рече дека руските војници го спакувале него и неговиот брат во комбе и ги однеле во Белорусија.

„Таму имаше граничари и ги прашав каде сме. И тие ми рекоа: „Белорусија, Нарулија“, се сеќава Владислав.

Владислав рече дека местото каде што бил задржан по влегувањето во Белорусија наликувало на напуштена советска колективна фарма. Тој опис се совпаѓа со оној што го дал еден украински војник кој бил заробен од руските сили во исто време со Владислав и неговиот брат, но подоцна се вратил дома во размена на затвореници.

„Ни беа врзани очите. Нè превезуваа со полициски комбиња. А друг другар со кој бевме рече дека изгледа го слушнал Нарулија“, рече војникот, кој побара да биде анонимен.

Тој рече дека биле сместени во „некоја голема колективна фарма“ каде што како што вели, „имаше многу опрема“, вклучувајќи тенкови и советски противвоздушни пушки.

Користејќи индиции дадени од Владислав и украинскиот војник, новинарите користеа сателитски снимки од „Планет Лабс“ за да ја бараат локацијата во Нарулија каде што двајцата мажи веројатно биле држени.

Задачата беше комплицирана поради кластери воена опрема расфрлани низ градот. Но, катастарските записи прегледани од новинарите покажуваат дека областите во Нарулија кадешто руската војска ја складирала својата опрема и воспоставила операции - вклучително и теренска болница - биле регистрирани во белоруски државни претпријатија.

Кампот за филтрирање кадешто беа одведени Владислав и другите Украинци можеше да биде поставен на која било од овие локации. Но, „пробивот“ во лоцирањето на локацијата дојде од неочекуван извор: руската телевизија.

„Пропагандна слика“

На 22 март 2022 година, руската телевизиска мрежа НТВ лојална на Кремљ емитуваше прилог за украинските војници кои беа заробени. Извештајот наслика хуман портрет на руските сили кои освојуваат, а украинските војници беа прикажани на медицински третман и рутински прегледи.

Видете и ова: Незаконски трансфер: одземените украински деца во рускиот систем на посвојување

Во извештајот не се споменува каде се држат војниците. Но, новинарите го забалежаа во кадар еден од заробените Украинци-Лисенко, кој рече дека бил одведен во Нарулија и дека слушал „постојано врескање“ од цивили за кои тврди дека таму биле тепани.

Тој го опиша извештајот на НТВ како „пропагандна слика“.

„Тие не покажаа како таму биле испрашувани цивили“, рече Лисенко.

Слично на Владислав и украинскиот војник кои побараа анонимност, Лисенко го опиша местото кадешто бил држен во Нарулја како „најверојатно некаква поранешна колективна фарма или тракторска база“.

Новинарите испратија линк до извештајот на НТВ, на Владислав и на украинскиот војник. Тие потврдуваат дека заробените војници се прикажани на истата „колективна фарма“ кадешто биле држени.

Благодарение делумно на уникатната зграда со уништен покрив прикажан во еден кадар на НТВ, како и воените шатори видени на неколку видеа, новинарите кои ги анализираа сателитските снимки на Планет Лабс успеаја да утврдат дека извештајот е снимен на улицата Камсамолскаја во Нарулија, во тоа време во сопственост на компанија наречена „Pripyat Alliance“.

Крајниот сопственик на државната компанија е Белоруската републиканска унија на потрошувачки општества (Белкоопсојуз), која е надгледувана од Советот на министри на Александар Лукашенко.

Директорката на Алијансата Припјат, Зинаида Мирутенка, упати прашања за кампот до шефот на извршниот комитет на областа Нарулија, Улаџимер Антоненка, поранешен воен офицер кој работел во безбедносните служби на Лукашенка.

Видете и ова: Tриесетина деца од Русија вратени кај своите семејства во Украина

Ја добивме по телефон и кога ја прашавме за кампот за филтрирање, Антоненка рече: „Имате погрешен број“ и ја спушти слушалката.

„Таму беа мачени“

Полехина, адвокатот за човекови права на Сич, рече дека еден од нејзините клиенти бил 24-годишен маж кој бил приведен заедно со неговиот татко од руските сили надвор од Киев во март 2022 година и бил „насилно депортиран“ во Нарулија, каде што двајцата мажи биле „држени во филтрационен камп“.

„Таткото сведочи дека таму биле мачени“, рече Полехина.

Ваквите присилни депортации сами по себе може да претставуваат кршење на Женевските конвенции, наведува The Reckoning Project, украинско-американска организација која ги евидентира кршењата на човековите права во руската војна во Украина.

Извештаите за тортура и злоупотреба од страна на руските сили во Нарулија почнаа да се појавуваат неколку месеци по руската инвазија во февруари 2022 година.

Во интервју во јули 2022 година, Ирина Баданова, експерт од координативната група на украинската војска за ослободување затвореници, рече дека Нарулија е местото на „филтрационен логор каде што се случува најголемата злоупотреба против цивилните заложници“.

„Сигурна сум дека и Белорусија ќе сноси одговорност“, изјави Баданова за украинскиот медиум „Суспилне Днипро“.

Јаходинска, пак, вели дека слушнала од некој кој поминал повеќе од една година во затвор со нејзиниот постар син во Русија, дека тој не бил обвинет за кривично дело.

„Тој рече дека мојот син се третира како сведок“, рече Јаходинска.

Повеќе од две години по притворот и насилната депортација на нејзиниот син во Русија преку Нарулија, Јаходинска вели дека нема други информации за неговата состојба или за тоа каде се наоѓа.