Достапни линкови

Ексклузивно: Неколку дена по инвазијата, Русија предложила мировен договор за „капитулација“ на Украина


илустрација
илустрација

На почетокот на мировните разговори кои започнаа неколку дена откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во 2022 година, Москва предложила договор чии еднострани услови значеа предавање на Киев. До овие сознанија дојде истражувачката единица на рускиот сервис на Радио Слободна Европа, Система (Systema).

Според нацртот документот во кој имаше увид Система, прифаќањето на предлогот би ја оставило Украина неутрална нација со мала армија „без заби“, без можност за заштита од земјите на НАТО и без шанси да ја врати контролата врз Крим или Донбас, таа би морала да ја признае независноста на регионите Доњецк и Луганск во целост, вклучувајќи ги и големите делови што сè уште беа под контрола на Киев во тоа време.

Предложениот пакт фрла светлина врз целите на рускиот претседател Владимир Путин во целосната инвазија на Украина, од кои тој ниту еднаш јавно не се откажа и за кои тој постојано тврдеше дека ќе се постигнат. Сега сеопфатната војна, која трае скоро три години, јасен знак за крај, но во услови на индикации дека мировните преговори потенцијално би можеле да бидат на картата во 2025 година или подоцна.

Нацртот кој е насловен „Договор за решавање на ситуацијата во Украина и неутралноста на Украина“ датира од 7 март 2022 година, односно 11 дена откако Русија ја започна инвазијата и една недела по почетокот на разговорите меѓу Украина и Русија.

Составен во Москва и предаден на украинската делегација на 7 март 2022 година, на третата рунда разговори, во град во шумата Белавежа во Белорусија, тој е првиот познат документ кој ги поставува условите на Русија за мировен договор по почетокот на целосната инвазија.

Нацртот, Система го добила од украински извор запознаен со преговорите, а руски извор близок до разговорите ја потврдил неговата автентичност. И двајцата зборуваа под услов да останат анонимни, бидејќи не беа овластени јавно да разговараат за ова прашање.

Разговорите започнаа на 28 февруари 2022 година, во време кога руските сили зазедоа делови од територијата на југ, исток и север од Украина, каде што напредуваа блиску до Киев, откако ја поминаа границата од Русија и Белорусија. Некои сесии се одржуваа лично, а други онлајн.

Процесот заврши кон крајот на април истата година, додека страните се расправаа околу главните точки на спорот, по што следуваше и откривањето на злосторствата извршени од руски војници во Буча, град надвор од Киев, кој напаѓачите го напуштија додека се повлекоа од северна Украина, откако не успеаја да го заземат Киев и да ја принудат Украина на капитулација.

Рускиот предлог поставува услови за неутралност на Украина, статус кој Киев изгледаше дека е подготвен да го прифати во тоа време.

Но, Ерик Сиарамела, висок соработник во програмата за Русија и Евроазија во Карнеги фондацијата за меѓународен мир, вели дека Путин најверојатно бара „нешто порадикално, не неутралност, туку неутрализација на Украина како независна држава. Целта на Русија од самиот почеток беше да ја уништи способноста на Украина да се брани“.

„Една земја „може да биде неутрална и да има многу силна армија и да биде способна за самоодбрана... Но, тоа не е она што Русија го имаше на ум овде“, рече тој.

„Документот беше структуриран како Украина да е агресорот поразен на бојното поле, што, се разбира, не ја одразува реалноста“, рече Сиарамела за рускиот нацрт од 7 март 2022 година, кој го прочита на барање на Система.

„Тешко е да се каже дали ова беше вистински обид за преговарање, бидејќи таквите услови би биле неприфатливи за секој Украинец. Ќе ја неутрализираа Украина до тој степен што ќе ја направат беспомошна“, смета тој.

Во нацрт документот се бара Украина да ја намали својата армија на не повеќе од 50.000 лица, или околу пет пати помалку, отколку што имаше во 2022 година, и да и се забрани на Украина да развива или распоредува ракети со дострел од над 250 километри. Москва ќе може да забрани и други видови оружје во иднина.

Исто така, тој повикува на отстранување на сите санкции наметнати на Русија од Украина или Западот од 2014 година, кога Русија го зазеде Крим и поттикна војна во Донбас.

Украина ќе беше принудена формално да го признае Крим како руски, а регионите Доњецк и Луганск како независни. Киев ќе мораше да плати за реконструкција во Донбас.

Пактот би ја оставил „намалената“ Украина многу ранлива, при што руските сили ќе останат на свое место и нема начин Киев да се брани или да бара западна безбедносна поддршка.

Украина користи роботи на бојното поле
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:30 0:00

Документи од подоцнежните фази на разговорите, вклучително и нацрт-договорите од 17 март и 15 април кои беа објавени од Њујорк Тајмс претходно годинава, покажуваат дека како што напредувале разговорите и како што Украина ги победувала московските сили на север, така и страните се приближувале во ставовите по некои прашања.

Статусот на Крим ќе беше оставен за идни преговори, а руските барања за промени во законодавството што ги вклучува јазиците и жестоки историски спорови беа ставени во втор план.

Двете страни разговарале за безбедносните гаранции за Украина од страна на западните нации, иако главна тема за расправа била како тие всушност ќе функционираат.

Сепак, Сиарамела сугерира дека во суштина, многу малку се променило од првичните преговори.

„Верзиите за кои се дискутираше неколку недели подоцна во Истанбул и на виртуелните сесии сè уште се засноваа на длабоко погрешната руска логика што продре во првичниот текст“, изјави тој за Система.

„Да беше потпишан договорот, неговата конечна форма во април ќе беше само помека верзија на украинска капитулација“, уверен е Сиарамела.

Последователните нацрти сè уште опфатија некои од клучните барања на Русија, како што е трајната забрана за членство во НАТО за Украина, нешто што ниту Киев, ниту западната алијанса не се подготвени да го прифатат. НАТО постојано тврди дека Украина на крајот ќе се приклучи, а претседателот Володимир Зеленски бара брза покана како дел од „Планот за победа“ што им го претстави на Украинците и поддржувачите на земјата во странство во последните неколку недели.

Во меѓувреме, наведените услови за мир на Русија станаа поагресивни отколку што беа на 7 март 2022 година.

Во септември истата година, Путин тврдеше дека пет украински региони – Крим, Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, сега се неотуѓиви делови на Русија. Неоснованото тврдење ги вклучуваше деловите од оние региони кои останаа, и сè уште остануваат, под контрола на Киев, а Путин рече дека руската контрола над тие територии е услов за какви било мировни преговори.

XS
SM
MD
LG