Зимата се приближува, руските сили напредуваат и неизвесна е идната поддршка на најмоќниот поддржувач на Киев, Соединетите Држави, затоа што се приближува и датумот на оддржувањето на американските претседателски избори.
Украина се бори за својот опстанок и суверенитет, така што секој ден, седмица или месец е потенцијално клучен за судбината на земјата.
Земјата се соочува со притисок на повеќе фронтови, не само на вистинската линија на фронтот од североисток кон југ. Московските трупи одат напред, во источниот регион Донбас, каде што минатата седмица го зазедоа градот Вухледар.
Со наближувањето на зимата, немилосрдните руски напади значително го намалија капацитетот за производство на електрична енергија на Украина, зголемувајќи го обемот на енергетската криза.
Оваа седмица, дури и временските неприлики на другата страна од светот се чинеше дека функционираат против Киев: американскиот претседател Џо Бајден го откажа патувањето во Германија бидејќи ураган ја зафати Флорида. Ова предизвика откажување на состанокот на највисоко политичко ниво, закажан за 12 октомври, меѓу лидерите на западните земји кои и даваат воена поддршка на Украина и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Не беше одреден нов датум за собирот на Контакт групата за одбрана на Украина, кој требаше да биде прв досега на ниво на шефови на државите. Веројатно тоа би била последната средба лице в лице меѓу Бајден и Зеленски пред изборите во САД, на 5 ноември, чиј исход би можел да има големо влијание врз текот на војната по целосната инвазија на Русија врз Украина, која почна во февруари 2022 година.
Состанокот ќе беше шанса за Зеленски да им го претстави на западните држави неговиот „план за победа“. Во посетата на САД минатиот месец, тој му го претстави планот на Бајден, како и на ривалите за претседателското место, поранешниот републикански претседател, Доналд Трамп, и демократската потпретседателка, Камала Харис.
Одговорот беше под очекувањата, а Зеленски се врати дома без една од главните работи што Киев ги бара: дозвола за употреба на проектили испорачани од САД, за напад на воени цели подлабоко во Русија.
Изборен ден
Тесната трка за Белата куќа ја зголемува неизвесноста околу шансите да се добие таа дозвола, како и околу снабдувањето со оружје од САД и американската политика кон Киев и војната. Се смета дека победата на Харис ќе донесе континуитет, но дали таа би можела да се движи понатаму или побрзо за да ја поддржи Украина е нејасно. Трамп постојано изјавуваше дека тој би ја завршил војната многу брзо, што доведе до загриженост во Украина дека Киев може да биде принуден да направи големи отстапки.
На бојното поле, во меѓувреме, напредокот ја чинеше Русија изгубени животи на нејзините војници и воена опрема, а аналитичарите посочуваат дека и двете земји се борат да пратат повеќе војници на фронтот.
Но, настрана од ненадејниот упад во рускиот регион Курск, и Украина напредуваше бидејќи повторно зазеде големи делови од територијата на исток и југ.
Овие факти на теренот служат како проверка на реалноста за Украина и нејзините поддржувачи во странство, што сугерира дека целта на Киев да ја врати целата своја територија окупирана од Русија, што е околу една петтина од земјата, е недостижна во сегашните околности.
Оваа пресметка придонесува за зголемен притисок врз Зеленски засега да ја остави настрана целта за територијален интегритет и да размисли за барање договор што ќе ги запре борбите и ќе донесе безбедносни гаранции од Западот, но ќе остави делови од земјата во руски раце, не формално туку физички.
Некои од разговорите за таквата промена на целите доаѓаат од истакнати личности кои биле меѓу најгласните поддржувачи на Киев.
„Финска водеше храбра војна против Советскиот Сојуз во 39 година. Тие и наметнаа на Црвената армија многу поголеми трошоци отколку што се очекуваше. Војната заврши со тоа што тие отстапија 10 проценти од [својата] територија. Но, добија сигурна граница“, изјави за Фајненшал Тајмс, Јенс Столтенберг, екс генералниот секретар на НАТО.
Чешкиот претседател, Петр Павел, изјави за „Њујорк тајмс“ кон крајот на септември дека Украина ќе мора да биде „реална“ и дека „најверојатниот исход од војната ќе биде дел од украинската територија да биде под руска окупација, привремено“, додавајќи дека оваа привремена ситуација може да трае со години.
„Обезбедување на безбедноста на Украина“
Забелешките предизвикаа негодување во Украина, каде што мнозинството граѓани се противат на какви било територијални отстапки за Русија. Но, како што војната продолжува, бројот на Украинци кои се подготвени да отстапат територии заради мирот и независноста се зголеми - од 10 проценти или помалку во мај 2023 година на 32 проценти во мај 2024 година, според анкетата на Меѓународниот институт за социологија во Киев. (КИИС).
Таа бројка остана речиси иста во последните анкети, изјави за РСЕ, Антон Хрушецки, извршен директор на КИИС.
Украинците „се подготвени да одложат поголема сигурност за територијалното прашање, но само ако се уверени во безбедноста на земјата“, рече тој.
Зеленски возврати дека секое „пазарење“ за суверенитет или територија е неприфатливо.
Во исто време, сепак, Зеленски го истакнува „планот за победа“ како план за да ја седне Русија на маса за преговори.
Тој и неговата администрација „не зборуваат за отстапки на територија или нешто слично во нивниот победнички план. Тие велат ‘дајте ни ги алатките што ни се потребни за да се ставиме во подобра ситуација за да дојдеме до точка на преговори кога тоа ќе треба да се случи“, изјави за РСЕ, Олга Онуч, професор по компаративна и украинска политика на Универзитетот во Манчестер.
Тешки разговори во Кремљ (преку медиумите)
„Она што се дискутира во Вашингтон и на други места не е она што некои го нарекуваат договор ‘земја за мир’, туку договор во кој Украина би можела да добие трајни безбедносни гаранции, вклучително и потенцијална интеграција во НАТО и ЕУ, дури и пред да ја врати целосна контрола на нејзината територија“, напиша Сем Грин, професор на Институтот „Кралска Русија“ на 6 септември.
„Но, она што е важно е како се гледа приказната, а тоа придонесе за растечката украинска вознемиреност дека Западот се подготвува да ги остави на сè повоинствената Русија, и покрај (или можеби токму поради) фактот дека Русија станува уште повоинствена“, напиша Грин.
Тој коментар допира до прашање на кое понекогаш му се посветува малку внимание во дискусиите надвор од Украина, за можноста за прекин на огнот или мировен договор: ако некогаш Москва биде подготвена да разговора за помалку од сопствените услови кои, меѓу другото, вклучуваат и признавање на нејзиниот суверенитет над петте украински региони за кои неосновано тврди дека и припаѓаат.
Напис од 3 октомври во медиумот на руски јазик „Појаснителнаја записка“, во кој се цитираат, како што се наведува таму, неколку извори на високо ниво блиски до претседателот Владимир Путин и луѓе запознаени со „преговарачките процеси“ меѓу Русија и Украина, се чинеше дека укажува на тоа дека Кремљ сака да претстави тврд став за Украина.
Откако Украина испрати војници во регионот Курск, каде што останаа два месеца по прекуграничниот напад, „Кремљ дојде до заклучок: Ќе ја уништиме државата Украина. Изворот додаде дека во моментов нема изгледи за мировни преговори, се вели во соопштението.
(Во соработка со Александер Паликот)