Достапни линкови

Зеленски во Дубровник - Стабилноста на Европа зависи од случувањата на Балканот и во Украина


Украинскиот претседател Володимир Зеленски и премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ во Дубровник, Хрватска. 09.10.2024.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ во Дубровник, Хрватска. 09.10.2024.

Одбраната од руската агресија не е само прашање на солидарност со Украина, туку клучен геополитички интерес за сите, порачаа украинскиот претседател Зеленски и претставниците на земјите од регионот на Самитот на Украина и земјите од Југоисточна Европа во Дубровсник.

Ако Европа не е обединета, не можеме да очекуваме мир, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во Дубровник на 9 октомври, каде што се одржува Самитот на Украина и 12 земји од Југоисточна Европа.

„Никој во Европа не треба да се потсетува колку е скапоцен мирот, особено овде на Балканот. Што се случува на Балканот и што се случува кај нас во Украина на некој начин ја одредува стабилноста на цела Европа. Ви благодариме за поддршката и за тоа што застанувате против напорите на Русија да го дестабилизира и овој регион“, рече Зеленски на почетокот на Самитот.

Во февруари 2022 година, Русија започна инвазија врз соседна Украина.

Украинскиот претседател рече дека од јули работат на документ кој ќе ги содржи условите што „треба да се исполнат за праведен крај на војната“ и ги повика учесниците на Самитот да се вклучат во тој процес.

На состанокот присуствуваат претставници на земјите од регионот - Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Косово и Северна Македонија, како и членките на Европската унија Словенија, Грција, Бугарија и Романија, како и Молдавија и Турција. .

Домаќинот на Самитот, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, истакна дека руската инвазија врз Украина трае речиси 1.000 дена.

Одбраната од руската агресија не е, како што рече, само прашање на солидарност со Украина, туку клучен геополитички интерес за сите.

„Така (помагајќи ѝ на Украина) ние инвестираме во иднината за нашите деца во цела Европа... Неосудувањето на Русија во овој напад врз Украина би ги охрабрило другите режими да прават слично или исто. Во Југоисточна Европа, не смееме дозволи ова да се случи“, рече Пленковиќ.

Пред почетокот на Самитот, двајцата лидери потпишаа билатерален договор за долгорочна поддршка и соработка.

Договорот е фокусиран на искуствата на Хрватска во гонењето на воените злосторства, поддршката на воените ветерани и отстранувањето мини.

Зеленски ѝ се заблагодари на Хрватска за поддршката на Украина, како што рече, дека таа е со украинскиот народ од почетокот на руската агресија во 2014 година.

Во 2014 година, Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим.

Се очекува учесниците на самитот да ја потпишат Декларацијата од Дубровник.

Според ХРТ, декларацијата треба да содржи осуда на руската агресија, поддршка за територијалниот интегритет на Украина и мировниот план на украинскиот претседател.

Тоа ќе го вклучи и барањето за гонење на воените злосторства во Украина, поддршката за европската интеграција на Киев и членството во НАТО кога ќе се исполнат условите.

Декларацијата се очекува да вклучи поддршка за енергетската безбедност и обновата на Украина по крајот на војната.

Инаку, средбата во градот под заштита на УНЕСКО, која е проследена со високи безбедносни мерки, е трет Самит на Украина и Југоисточна Европа.

Првиот беше во Атина во 2022 година, а вториот во Тирана во февруари годинава, на кој присуствуваше и украинскиот претседател.

Во таа прилика тој повика на поголема поддршка за украинските напори за одвраќање на руските сили.

XS
SM
MD
LG