Во времето кога руските воени сили ја започнаа инвазијата врз Украина во февруари 2022 година, Јулија живеела во јужниот град Херсон со својот втор сопруг и трите деца, од кои две се од првиот брак. Непосредно пред избувнувањето на конфликтот Украинката која во нашиот текст ја потпишуваме под псевдоним Јулија, ја испратила својата најстара, 8-годишната ќерка Марина во посета на нејзиниот татко во блискиот кварт.
Но, кога руските сили нападнаа, брзо окупирајќи голем дел од регионот Херсон, Јулија брзо го напушти градот со нејзините две други деца, барајќи безбедност за своето семејство на западот на Украина. Во тој момент таа вели дека изгубила контакт со Марина и нејзиниот поранешен сопруг.
По седум месеци подоцна Јулија беше запрепастена кога откри каде завршила нејзината ќерка Марина, на полуостровот Крим, окупиран од Русија. Поранешниот сопруг на Јулија ја оставил нивната ќерка кај соседот, а соседот, кој ентузијастички ја поддржувал руската окупаторска администрација, го однел девојчето на Крим.
На Јулија и беа потребни уште три месеци за да стигне до информацијата каде точно е сместена нејзината ќерка. Осумгодишното девојче било сместено во училишен дом на полуостровот, на пристаништето Феодосија. На сета мака и требало дополнително време до јануари годинава за да најде начин како да ја земе и успешно да си ја врати назад.
Случајот на Јулија и Марина е симбол на една од пошокантните димензии на 13-месечната инвазија на Русија, а тоа е преселувањето или депортацијата на илјадници украински деца на териториите контролирани од Русија. Некои Украинци тоа го нарекуваат со еден збор- киднапирање.
Според официјалните податоци на украинските власти, од 24 февруари 2022 година, најмалку 19.505 деца биле однесени од Украина во Русија и во деловите на Украина окупирани од Русија.
Шефот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, Андриј Јермак, во април изјави дека бројот надминува 20.000.
„До 31 мај, вратени се само 371 дете“, изјави Зеленски.
Но, тоа се само случаите кои што им се познати на украиските власти затоа што до нив пристигнала пријава од родители или старатели кои биле сведоци на настани во кој руските воени сили одземаат украински деца.
Украински активисти за заштита на човекови права тврдат дека постои сериозна можност бројките на одземени украински деца да достигнува дури и стотици илјади деца кои можеби се насилно однесени на руска територија или на територијата под контрола на Русија, како Мариупол и од регионите Херсон, Харкив и или Крим.
Истражувањето на рускиот истражувачки тим на Радио Слободна Европа покажува дека децата од Украина биле испратени во најмалку 88 сиропиталишта или слични установи за социјални услуги низ Русија и Крим. Некои од летните кампови кои служеа како транзитни точки или привремено сместување се крајно неопремени да се справат со приливот на деца и тинејџери.
Со оглед на тоа што владата на рускиот претседател Владимир Путин врши натрупување со што создава притисок врз сопствениот систем на Русија со преместување на голем број украински деца во земјата, руските власти, исто така, се обидоа да ги олабават правилата за нивно посвојување со цел да ги извлечат од тој систем и да им најдат посвоители што е можно побрзо.
Откритијата на РСЕ укажуваат на големиот опсег во импровизиран и честопати непредвидлив процес во кој руските сили ги преселуваат украинските деца кај руски посвоители. Овој процес, според многу експерти, значи прекршување на меѓународното право. Ова прашање покрена и политички последици во март годинава кога Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Путин, обвинувајќи го за воени злосторства за „незаконска депортација“ и „незаконско префрлање на децата од окупираните области на Украина во Руска Федерација."
Второобвинета за ова беше руската комесарка за заштита на правата на децата, назначена од Кремљ, Марија Лвова-Белова.
„Ова не е ништо повеќе од чин на геноцид врз украинскиот народ преку децата“, изјави за Радио Слободна Европа Дарија Херасимчук, комесарка за правата на децата на украинската влада.
„Бидејќи тие не само што крадат деца, туку и ги убиваат, им нанесуваат физичка повреда, психички ги трауматизираат. Односно, тие прават се за да ги уништат идентитетите, припадноста на овие деца на нивната родна земја, Украина,“ изјави Херасимчук.
Голема, систематска мрежа на кампови
Доказите сугерираат дека властите во деловите на регионот Доњецк, кои се под контрола на Русија, сметаат дека децата чии што местото на родителите или законските старатели не е познато се „оставени без грижа“, статус кој формално им дозволува на руските власти да ги доделуваат овие деца на семејства во Русија.
Во писмото од јуни 2022 година, кое го доби РСЕ, советник на регионалниот лидер Денис Пушилин, поддржан од Русија, предложил систем според кој децата кои пристигнуваат во регионот без родител или старател ќе се сметаат за „оставени без грижа“ доколку нивниот родител или старателот не може да се лоцира во рок од 10 дена.
Одговорот на ваквиот предлог засега е непознат, но писмото од советничката Елеонора Федоренко можеби ја постави основата за официјализирање на практиката што веќе беше во употреба на територијата во Украина, која е под контрола на Русија.
Многу пред објавувањето на потерниците за приведување од Меѓународниот кривичен суд, украинските власти, со помош на меѓународни правни експерти, се обидоа систематски да документираат колку украински деца биле отстранети од руските власти. Некои од децата кои завршија во руски притвор беа насилно или неволно одвоени од нивните родители или старатели.
Некои од децата останаа сираци, кога нивните родители биле убиени во руските напади или битките меѓу инвазивните руски сили и украинските бранители.
Руските власти постојано тврдеа дека отстранувањето на украинските деца од конфликтните зони е направено поради грижа за нивната безбедност.
Но, ако има други преживеани роднини, како тетки, чичковци, братучеди, баби или дедовци, со кои децата можат да се обединат, тогаш преместувањето на украинските деца преку меѓународната граница во Русија е нелегално, велат експертите кои додаваат дека тоа е веќе воено злосторство.
Во извештајот објавен во февруари, истражувачите од Универзитетот Јеил заклучија дека руската влада работи со „голема, систематска мрежа на кампови и други објекти во кои се сместени најмалку 6.000 деца од Украина“ од февруари 2022 година. Истражувачите идентификувале 43 објекти, во Русија и во окупираната област Крим од руските сили.
Според истражувањето на ЈЕИЛ најмалку 350 деца кои биле испратени во Русија по инвазијата биле префрлени во згрижувачки семејства, од кои некои се преселиле со цел легално посвојување. Меѓу другото, украинските власти тврдат дека Русија направила малку или ништо за да ги врати децата земени од Украина кај нивните украински старатели или роднини, дури и кога им е претставена јасна правна документација.
Мисијата за проверка на факти овластена од Организацијата за безбедност и соработка во Европа, меѓувладина организација со седиште во Виена, беше поостра во критиките.
„Практиката на присилно префрлање и/или депортирање на украински деца на привремено окупираните територии и на територијата на Руската Федерација може да претставува злосторство против човештвото „депортација или насилно пренесување на населението““, соопшти мисијата на ОБСЕ во извештај претставен на 4 мај.
Сираци
Кога започна инвазијата, Володимир Сахајдак управуваше со центар за заштита на децата во регионот Херсон каде беа сместени педесет деца, на возраст од 3 до 17 години. Овие деца сместени во објектот на Центарот за социјална и психолошка рехабилитација биле сираци, или биле напуштени од нивните родители или биле во привремено згрижување поради тешки семејни услови.
Некои од вработените во Центарот побегнале кога руските сили зазедоа дел од регионот, додека други, пак не можеа да работат поради ограничувачкиот полициски час. Сахајдак вели дека се преселил да живее во објектот со полно работно време. Некои од постарите деца се јавија да помогнат, со оглед на недостатокот на персонал. Волонтерите и соседите помогнаа да се обезбеди храна и други материјали.
Руските воени претставници првпат дојдоа во Центарот во јуни, неколку месеци откако руските сили ја презедоа контролата врз поголемиот дел од регионот Херсон.
„Тие ни предложија да соработуваме со нив. Тие рекоа дека ќе ни бидат донесени руски учебници, дека ќе работиме според нивните програми. За време на окупацијата ни беше тешко да кажеме не. Само рековме: „Ќе размислиме за тоа“, рече Сахајдак.
„И така беше до ослободувањето“, кога украинските сили повторно зазедоа голем дел од регионот Херсон минатата година.
„Да кажевме не, веројатно повеќе немаше да бидеме“, рече тој.
Сахајдак се надеваше дека ќе ги евакуира децата од териториите окупирани од Русија. Тој рече дека руските воени претставници, вклучително и разузнавачките агенти, периодично го посетувале Центарот и во еден момент ги конфискувале неговите досиеја за децата.
Во јуни, 15 деца од друго сиропиталиште во блиската област беа донесени во објектот на Сахајдак. Тој рече дека децата биле сместени во подрум неколку месеци, принудени да се капат во кофа и да готват храна на отворен оган.
Конечно, на 19 октомври, во Центарот на Сахајдак пристигна руски воен автобус и сите деца беа однесени.
„Ми рекоа дека ако се спротивставиме, војниците би можеле да се вратат и да не испратат заедно со децата. Нема многу што можете да направите кога ќе се соочите со автоматско оружје“, рече тој.
Децата биле однесени прво на Крим, а потоа во рускиот црноморски град Анапа, каде што очигледно биле чувани во пристојни услови, а подоцна биле преместени во Грузија, рече Сахајдак. Нивната моментална локација не е позната.
Кампови во Крим
Сложеноста на прашањето се надополнува со фактот што, во некои случаи, родителите доброволно дозволиле децата да бидат однесени на териториите окупирани од Русија, главно за да ги извлечат од вкрстен оган во борбите меѓу руските и украинските сили.
Минатиот октомври, Алина, Украинка која живееше во градот Херсон и која побара да не се користи нејзиното вистинско име, рече дека таа и нејзиниот сопруг ја прифатиле понудата нивниот 13-годишен син Андриј да присуствува на спортски камп на руски јазик во окупирниот Крим.
Претходните месеци под руска окупација, рече таа, беа непријатни и збунети, школувањето беше онлајн, но службениците во образованието ја сменија наставната програма од украински на руски. Во септември, директорот на фудбалскиот клуб со кој играше Андри му наложи тој лично да се врати во училиштето поврзано со клубот.
Следниот месец, директорот на клубот понуди да ги однесе момчињата на Крим.
„Никој не ги зеде децата на сила, но, се разбира, организаторите многу не молеа“, рече Алина.
„Директорот рече: „Ќе има фудбал, тренинзи, децата ќе имаат пауза од пукањето, ќе се хранат, таму ќе им биде добро. Нека одморат 10 дена, па потоа ќе ги вратат“. Генерално, самите родители одлучуваа дали да ги испратат своите деца во кампот или не. И мислам дека ние самите сме виновни што ги пуштивме децата да одат на Крим“, рече таа.
На крајот од патувањето, директорите им понудиле на децата да останат подолго. На родителите како Алина кои не сакаа да го продолжат патувањето им беше кажано дека ќе мора да дојдат сами за да ги возат своите деца дома.
„Таму каде што си ти има војна, но тука е безбедно. Нема да ги вратиме децата“, рече Алина ѝ рекол директорот.
Алина рече дека таа и нејзиниот сопруг почнале да штедат пари и да се обидуваат да организираат патување до кампот за да го земат Андриј. Потоа беше уништен клучниот мост над реката Днепар во Херсон, веројатно од украинските сили кои сакаа да ги отсечат руските трупи, претворајќи го она што би било пет часа возење во нешто многу подолго.
Добротворната фондација „Спасете ја Украина“ и помогна да добие пасош и виза, а заедно со 13 други мајки кои бараа да ги соберат своите деца, Алина отпатува за Крим, преку Киев, потоа низ Полска, Белорусија и Москва за да продолжи со воз до Крим. Беше потребна една недела да се стигне до таму и уште една недела да се вратиме, патувајќи со автобус.
„Андреј не кажа ништо лошо за кампот“, рече таа.
„Ги хранеле и им давале вода, оделе на прошетки, таму никој не ги понижувал“, додаде таа. Но, посочи и дека никој не ги принудувал да зборуваат руски, ама тие самите се плашеа да зборуваат украински“.
Меѓутоа, други деца пријавиле злоупотреба. Момче кое беше меѓу 17-те деца кои кон крајот на март беа вратени на своите родители по шест месеци во камп на Крим, во видео-извештај рече дека одговорните Руси ги тепале децата со метални прачки ако речат „Слава на Украина!“ или на друг начин покажале патриотизам кон својата земја.
Организацијата„Спаси ја Украина“ соопшти дека знаела за најмалку два случаи на злоупотреба меѓу оваа група деца. Нивните родители есента ги испратија во камп на Крим на престој од 10-14 дена, но окупаторските власти одбија да ги вратат дома по украинската контраофанзива во регионот Керсон, стои во соопштението на оваа организација.
Систем за филтрирање
Додека се верува дека сираците сочинуваат значителен процент од украинските деца кои завршиле во руски установи, друга категорија на деца се оние насилно одвоени од нивните родители или старатели.
Кога руските сили почнаа да го бомбардираат пристаништето Мариупол во првите недели по инвазијата, Евхен Межевој, самохран татко на син и две ќерки, првично се криеше во засолниште за бомби во напуштена болница.
Тогаш руските војници им наредиле да се евакуираат, заканувајќи се дека чеченските војници кои наскоро требало да пристигнат ќе бидат многу побрутални во нивната тактика, изјави Межевој за украинската служба на РСЕ во февруари.
Меѓутоа, на контролен пункт, руските војници забележале дека Межевој, оператор на кран, претходно служел во украинската војска. Тој беше одвоен од неговите три деца и на крајот одведен во такаречен „филтрационен логор“, што е впечатлив термин кој опишува објекти каде руските власти ги проверуваат и испрашуваат Украинците за воени или политички врски, во Оленивка во регионот Доњецк.
Межевој изјави дека старателството над децата и го препуштил на една Украинка што ја сретнал на контролниот пункт. Тој помина 45 дена во кампот во Оленивка пред да биде ослободен.
Неговите деца, како што подоцна дознал, биле испратени во Москва на крајот на мај, заедно со 28 други украински деца, и биле привремено сместени во санаториум надвор од руската престолнина.
Според документот од Комитетот за семејни и детски прашања под руските наметнати власти во регионот на Доњецк, кој подоцна го доби РСЕ, децата на Межевој биле означени како „оставени без грижа“.
Преку врски со властите поддржани од Русија во окупираниот дел од регионот Доњецк, Межевој конечно стапил во контакт со својот син Матвиј, околу две недели подоцна, во средината на јуни. Тој рече дека Матвиј му кажал дека за пет дена тој и неговата сестра ќе бидат сместени во сиропиталиште или ќе бидат посвоени од руско семејство.
„Тато, дојдоа социјалните служби. Сакаат да не посвојат“, се сеќава Межевој на зборовите на неговиот син.
„Не можат да не донесат во Доњецк бидејќи таму има многу пукање. Или одиме во интернат или ќе бидеме посвоени. Тие рекоа дека имате најмногу пет дена“, вели Межевој пренесувајќи ги зборовите на неговиот син.
Межевој не сакаше да патува во Русија, но немаше избор. Собрал пари за билет за воз и со дозвола на руските окупаторски власти отпатувал за Москва за да си ги пронајде своите деца.
Неколку недели подоцна, тој и неговите деца успеаја целосно да ја напуштат Русија, преселувајќи се во главниот град на Летонија, Рига, каде што рече дека се обидува да се вклопи, а неговите деца посетуваат локални училишта.
Преполна куќа
Руски систем за социјална заштита, особено за сирачињата, но и за возрасните со посебни потреби и други корисници на некаква социјална помош, долго време се сметаше за застарен, коруптивен и недоволно финансиран отоварен со бирократија. Оваа состојба дополнително ја продлабочи загриженоста за тоа како властите се обидуваат да се грижат за децата кои се земени од Украина.
Двајца функционери поврзани со руската служба за старателство за РСЕ изјавија дека во најмалку еден регион на Русија, домовите за сиропиталишта и интернати се преполни поради големиот број деца донесени од украинските региони за кои Русија тврди дека ги припоила. Тоа ги натера властите да брзаат да ги префрлат украинските деца во руски згрижувачки семејства што е можно поскоро.
Доополнително за дел до Украинците им се отежнува враќањето на нивните деца па и во ситуација кога имаат легален доказ за сродство. Бирократијата екстремно им го отежнува правото да го преземат старателството над детето кое е испратено во Русија.
Привремено одведување на деца од една земја во друга, на пример, од Украина во Русија, за медицински третман само по себе не претставува кривично дело според меѓународното право, рече Илја Нузов, адвокат и директор на одделот за Источна Европа и Централна Азија на Меѓународна федерација за човекови права.
Меѓутоа, според Женевските конвенции кои беа ажурирани во 1977 година кривилно дело е невраќањето на детето.
Меѓународното право предвидува некои ограничени исклучоци, рече тој, но предвидува конкретни процедури што мора да се следат, вклучително и известување до Меѓународниот Црвен крст, кој се смета за надзорник на Женевските конвенции.
„Руската Федерација не само што постојано ги наруши најдобрите интереси на овие деца, таа исто така го ускрати нивното право на идентитет, семејство, нивното право да се обединат со своето семејство, како и ги повреди нивните права на образование, пристап до информации, право на одмор, слободно време, игра, рекреација и учество во културниот живот и уметност, како и правото на мисла, совест и религија, право на здравје и право на слобода и безбедност“, се вели во извештајот на мисијата на ОБСЕ.
Откривањето каде точно е однесено детето е само еден чекор кон враќањето дома и тоа е напор што бара од родителите или старателите да ги надминат сериозните пречки, рече Адријана Лито, психолог од меѓународна организација со седиште во Израел која помага луѓето да добијат психолошка поддршка. Тие пречки се уште пострашни во време на војна.
„Војната им претстави на луѓето цела низа апсолутно луди задачи, а многу од нив беа неподготвени“, изјави Лито за РСЕ. Воените стравови и вознемиреност го прават тоа уште потешко.
Покрај тоа, правилата се менуваат или се применуваат ад хок, рече таа, а руските власти „учат од нивните „грешки“, ако се објават информации за начинот на кој украинските родители ги вратиле своите деца, тој канал потоа се затвора и станува потешко за останатите“. Парите, или недостатокот од нив, исто така може да бидат фактор.
„Родителите -- многу од нив, кои не се богати, а исто така шокирани и трауматизирани, мора да надминат толку голем број бариери“, вели Лито.