Кочани, град на североистокот на Северна Македонија, овој месец беше сведок на континуирани 24-часовни блокади од страна на граѓани и активисти.
Причина? Градската депонија, која долго време е извор на енормно загадување и неподнослив чад од запален отпад.
Граѓаните 14 дена по ред нон-стоп го блокираа влезот на депонијата, загрижени дека големите количини на запален отпад сериозно го загрозува нивното здравје.
Блокадите не дозволуваа пристап на камионите кои во депонијата носеа отпад од три соседни општини: Зрновци, Чешиново Облешево и Виница.
„Беше донесена одлука на Влада да се носи отпад од три други општини. Кочани нема финансии и механизација за третман на отпадот, а има континуирано чадење од депонијата и затоа е создаден гнев кај народот“, вели за РСЕ активистката Ана Симонова од граѓанската организација Грин.Орг од Кочани.
Симонова вели дека отпадот го палат одредени групи луѓе кои прават профит од препродажба и тоа се случува постојано, бидејќи депонијата нема 24-часовно обезбедување.
Сега блокади кај депонијата веќе нема, откако Советот на Општина Кочани изгласа да запре носењето на отпадот од соседните општини.
Видете и ова: Отпад и депонии - темпирана бомба во земјите од БалканотНови депонии само на хартија
Иако кочанската депонија не е стандардизирана со воспоставен правилен третман на отпад, Владата одлучила отпадот од соседните општини прво прво да се складира во Кочани, а потоа да се транспортира во претоварна станица во Штип.
Планот бил собраниот отпад во Штип потоа да се носи во Мечкуевци, во модерна депонија за целиот Североисточен регион.
Но, нова модерна депонија во Мечкуевци сè уште нема. Има проект кој не е реализиран, исто како и за регионалните депонии за останатите шест плански региони на Северна Македонија.
Проектите, според државниот План за управување со отпад и донесените закони за управување со отпад, постојат со години и се финансирани од европски фондови, како и заеми од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).
И додека плановите со години се само на хартија, гневот кај граѓаните расте, соочени со загаден воздух, нереализирани ветувања и чувство дека нивното здравје и животна средина се на последно место.
„Изградбата на таа фабрика е единствен пат да се среди ситуацијата во која тонеме во отпад. Сега нема фабирика, а ѓубрето стои во Кочани“, вели Симонова.
Сегашните ветувања на властите се дека регионалната депонија во Мечкуевци ќе се изгради за две години.
Но, целиот процес според планот за Управувањето со отпад треба да заврши со изградба на нови депонии за сите седум плански региони:
Освен во Мечкуевци за Источниот и Североисточниот регион, центри за отпад треба да има во Русино за Полошкиот регион, во Мегленци за Југозападниот и Пелагонискиот регион и Доброшинци за Југоисточниот и Вардарскиот регион.
За Скопскиот регион, кој е со најголем број жители се планира отпадот да се третира во Дрисла, која иако е единствена депонија што работи според некакви стандарди, граѓаните во околните населби и од неа велат дека долго време страдаат од загадување.
За дел од проектите веќе се обезбедени средства од ИПА фондовите, Швајцарска влада и ЕБРД и се во различна фаза за секоја од депониите.
Видете и ова: За загадувањето граѓаните можат да тужат, ама тешко ќе добијатНејаснотии околу дел од проектите?
Но, иако со овие проекти се ветува дека ќе се реши проблемот со отпадот и загадувањето, во тоа не се убедени жителите и активисти во други општини.
Градот Струмица, во југоистокот на државата, често се наоѓа на листите најзагадени градови во Европа.
Проблемот е сличен како во Кочани.
Во градската депонија Шапкар отпадот често гори, а чадот се шири низ целата струмичка котлина, за што граѓаните и активистите постојано алармираат им се нарушува здравјето.
Токму на локацијата на депонијата Шапкар е планиран проектот за изградба на регионалната депонија за целиот Југоисточен и за Вардарскиот регион. За тоа е одобрен е заем од ЕБРД од 55 милиони евра.
Активистите од граѓанското здружение Здрава Котлина велат дека регионална депонија, која ќе собира отпад од 19 општини и десет градови со вкупно 300.000 жители, се планира да се изгради на локација во близина на вештачкото езеро Турија од кое цел струмички регион се снабдува со вода за пиење и наводнување.
Ѓорѓи Танушев, активист од Здрава Котлина и советник во Општина Струмица, за РСЕ раскажува дека со овој проект биле запознаени на почетокот на 2022 година, кога консултанти од ЕБРД се заинтересирале за нивните ставови во врска со проектот.
„Она што го добивме како одговор (од ЕБРД) е загрижувачки зошто немаше планови за крајното решавање на отпадот туку планови само за организирано собирање, претоварање, транспортирање, селекција во рамки на депонијата и толку“, вели Танушев.
Во недостаток на информации што ќе се случува после селекцијата на отпадот и кои технологии ќе се користат за финално процесирање на отпадот, Танушев вели дека нивните претпоставки се дека отпадот повторно ќе се складира во земјава.
„Значи стратегијата е прво да направиме планина од отпад до браната Турија, а дури потоа ќе му ја мислиме како финално ќе го решаваме, со каква технологија и кој ќе даде пари за тоа“, прашува Танушев.
Активистите бараат целосна транспарентност и логична гаранција дека нема да има загадување од крајното решение на проектот, а дека во спротивно нема да дозволат да се трујат „со планина насобран отпад собран од 19 општини на едно место“.
„Ние бараме решение за отпадот и негрижата со постапувањето токму преку целосно решавање на проблемот. Ова со нецелосниот процес, на нас ни личи на поголем проблем зошто заемот од 55 милиони е земен од ЕБРД и нешто треба да се случува, целото ѓубре ќе доаѓа овде, но точно што до крај ќе се случува никој не сака да каже“, вели Танушев.
Видете и ова: Дишеме опасни материи, загадувањето на воздухот го мерат „двајца без тројца“Зошто некои општини се против регионални депонии?
Општина Струмица не е единствената каде жители стравуваат дека со изградба на регионална депонија ќе добијат огромни количини отпад и загадување.
Така беше во Општина Дебарца, каде беше планирана регионална депонија за Југозападниот регион, но жителите се противеа.
Регионалните депонии според донесените документи, треба да го решат проблемот со вкупно 54 општински депонии во земјава кои не исполнуваат никакви стандарди, а 35 отсто од нив се високо ризични за здравјето на граѓаните.
Во Северна Македонија дополнително има околу 2000 таканаречени диви депонии, отстранет отпад во долови, покрај патишта и други локации.
Додека реализацијата на овие проекти оди бавно, а властите многу малку го информираат населението и јавноста за деталите и потенцијалните придобивки, па скоро секое населено место во земјата е загадено од нестандардните депонии.
Пари за повеќето проекти за регионални депонии се одобрени, освен за скопскиот плански регион, за што алармираа други граѓански здруженија.
Граѓанската организација О2 Иницијатива наведе дека во Предлог-буџетот за 2025 година државата не предвидела средства за стандардизирање на депонијата Дрисла и за развивање на системот за управување со отпад, иако овој регион учествува со 46 отсто од БДП, според податоците од 2022 година.
„Нашите предлози за амандмани се наменети за скопскиот плански регион и Дрисла, каде е потребно сериозно вложување за да се добие еден современ одржлив центар за управување со отпад, кој жителите го заслужуваат со учество во скоро половина од БДП-то на државава“, велат од О2 Иницијатива.
Додека се чека на проектите, нестандардните, таканаречени диви депонии, чадат и загадуваат во Охрид и Струга, дури и во пикот на туристичките сезони, а депонии редовно горат во Тетово, Гостивар, Кичево...
Иако плановите за регионалните депонии се стари скоро деценија, а за проектите се обезбедени пари и заеми, за решавање на проблемот со загадувањето од отпадот и натаму се чека.
Видете и ова: Како на Дрисла ѝ било дозволено да изгори илјадници килограми опасен отпад?Ќе почне ли да се гради на крај на 2025?
Од Министерството за животна средина и просторно планирање за РСЕ одговорија дека воспоставувањето на системот за управување со комунален отпад е долгорочен процес кој ќе почекаме уште најмалку една година.
„Планираните регионални системи подразбираат набавка на возила и канти за собирање на отпадот и изградба на претоварни станици. Градежните работи е планирано да започнат во последниот квартал на 2025 година. Во моментов се подготвува тендерската документација, по што ќе следи објавување, евалуација и потпишување на договор за градба“, се вели во одговорот на МЖСПП.
Но од Министерството не кажуваат на која регионална депонија или депонии ќе почнат градежни работи.
Оттаму додаваат дека за депонијата за Источниот и Североисточен регион има 40 милиони евра грант од ИПА фондовите на ЕУ, додека за Југозападниот и Пелагониски регион, Југоисточен и Вардарски регион, Полошки регион 55 милиони евра од ЕБРД.
И покрај обезбедените десетици милиони евра, Северна Македонија останува заглавена во отпад: нестандардните депонии чадат,загадувањето е константна закана за здравјето на граѓаните кои губат трпение чекајќи со години на реализација на проектите.