Достапни линкови

Опасни депонии, преполни контејнери и политички игри


Преполни контејнери во општина Центар, на улица Рузвелтова. Скопје 26.01.2024.
Преполни контејнери во општина Центар, на улица Рузвелтова. Скопје 26.01.2024.

Сликата со преполни контејнери во разни делови на Скопје често се повторува, но главната борба е како главниот град да воспостави добар систем за управување со отпадот кој треба да даде решение и за дивите депонии, некои со опасен отпад. Ветувањето за комунална полиција, кое за власта беше приоритет, никогаш не се оствари.

Под сенките на високите згради во Скопје се почестa станува глетката на преполни контејнери од кој се излева комуналниот отпад. Овој проблем, надополнет со стотиците диви депонии во околината на градот и ѓубрето расфрлано низ реките и доловите, го потенцира долгогодишниот предизвик со управувањето со отпадот во главниот град.

За преполните контејнери деновиве меѓусебно се обвинуваат дел од општинските власти во Скопје и Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ кое е под Град Скопје и надлежно да го собира комуналниот отпад којшто доаѓа од домаќинствата и фирмите.

На крајот на јануари скоро низ сите општини во Скопје ѓубрето беше расфрлано на улиците околу преполните контејнери.

Фотографија од преполни контејнери објавена на 27 јануари од граѓани во општина Аеродром во групата насловена „Општина Аеродром - пријави проблем.
Фотографија од преполни контејнери објавена на 27 јануари од граѓани во општина Аеродром во групата насловена „Општина Аеродром - пријави проблем.

Но, градоначалникот на скопската општина Аеродром Тимчо Муцунски тврди тоа не се случува само периодично. Според него, јавното претпријатие „Комунална хигиена“ постојано ги занемарува своите обврски кои предизвикуваат комунален хаос во општината.

„Ова е спротивно на Законот за управување со отпадот и за жал потврда за нефункционалноста на градските институции. Уште еднаш апелирам до Градот Скопје да ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на комуналниот хаос во кој се наоѓа градот“, вели Муцунски во разговор за Радио Слободна Европа.

Фотографија објавена од граѓани во групата „Општина Аеродром- Пријави проблем“ со контејнери преполни со отпад, на 27 јануари.
Фотографија објавена од граѓани во групата „Општина Аеродром- Пријави проблем“ со контејнери преполни со отпад, на 27 јануари.

И додека траат овие меѓусебни обвинувања, причините за проблемот остануваат нејасни, а Град Скопје не ни даде одговор, ниту дали генерално градот може да го подобри управувањето со отпадот.

Политички игри или проблем со недостиг на вработени

Дали се поради политички игри меѓу градските и општински власти или „Комунална хигиена“ реално се соочува со недостаток на персонал и механизација, нејасно е и за активистите од граѓанските здруженија кои долго време ја следат оваа проблематика.

„Не можеме да знаеме дали навистина има проблем со чистењето на комуналниот отпад или станува збор за политички игри пред избори, вели Блаже Јосифовски од еколошкото здружение „Го Грин“ за Радио Слободна Европа.

Неговите коментари се во насока на тврдењата на општина Аеродром дека во изминатиот период повеќе пати побарале од Град Скопје да ги исчисти површините во негова надлежност.

Од друга страна јавното претпријатие „Комунална хигиена“ одговара дека редовно ги чисти контејнерите во градот и смета дека градоначалникот Муцунски прави обиди „на друг да ја префли неговата неспособност“, како што стои во реакцијата на претпријатието.

Ова препукување е меѓу последните, откако се случи неколкудневната криза со отпадот во Скопје минатото лето, кога градот беше затрупан во ѓубре поради караница меѓу вработени во „Комунална хигиена“ и тогашната директорка на институцијата.

Преполнети контејнери со ѓубре поради протест на вработените во „Комунална хигиена - Скопје“ - 10 јули 2023.
Преполнети контејнери со ѓубре поради протест на вработените во „Комунална хигиена - Скопје“ - 10 јули 2023.

Вработените на „Комунална хигиена“ протестираа и не го собираа ѓубрето, но и не дозволуваа тоа да го направат и останатите вработени. Поради тоа градоначалниците на Аеродром и Кисела Вода, Тимчо Муцунски и Орце Ѓорѓиевски го собраа ѓубрето и го истурија пред влезот на депонијата Дрисла, која е единствена во државата со некакви стандарди за депонирање отпад.

Тогаш, управата на Дрисла, која исто така е под надлежност на Град Скопје, објави дека градоначалниците со тоа сториле кривично дело против животната средина.

Опасни диви депонии

Според Законот за управување со отпадот, за собирањето на комуналниот отпад од контејнерите надлежно е јавното претпријатие „Комунална хигиена“ кое отпадот од домаќинствата и фирмите го носи во Дрисла, како и за соодветно одложување на кабастиот отпад. Самите општини, пак, се надлежни да си ги чистат парковите и пешачките патеки.

Во сите скопски општини постојат диви депонии што не се законски регулирани. За отстранување на друг вид отпад, на пример индустриски или опасен отпад, општините можат да ангажираат приватни фирми.

Отпад и диви депонии во Скопје, пластика во Вардар
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:40 0:00

Во некои од овие диви депонии се одлага и опасен отпад, како што објави Град Скопје на 29 јануари. Инспекторите на градот во населбата Визбегово затекнале камиони и тешка механизација во дива депонија како истураат токсичен смет и градежен отпад во дива депонија.

„Ставаме крај на екоцидот кој го вршат поединци на грбот на здравјето на мнозинството, со цел да заработат некој денар повеќе на загрозувајќи го животот и здравјето на македонските граѓани, и уништувајќи ја животната средина“, соопшти Град Скопје објавувајќи и видео од депонијата.

Претходно на на 8 јануари градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, изјави дека службите на Градот откриле еколошка катастрофа на парцела од 4000 квадратни метри приватен имот и 5000 квадратни метри државен имот на Македонија, во близина на реката Лепенец, на само неколку стотини метри од новата прочестителна станица што ја гради Ѓорче Петров.

Општина Ѓорче Петров демантираше дека депонирала отпад нелегално и дека создавала диви депонии и ја оцени изјавата на Арсовска како „политички мотивирана“

Опасен отпад од стотици тони олово од топени акумулатори беа откриени во ноември 2023 година во скопската населба Ѓорче Петров. Како што изјави Државниот инспекторат за животна средина отпадот бил сличен како оној од топилницата во Велес, а надлежните покренаа постпака за одговорност на една фирма и физички лица во чија сопственост била парцелата каде што се складирал отпадот.

Пропадна идејата за комунална полиција?

Решение за дивите депонии, според Јосифовски можеби е донесување на законот со кој се планираше воведување на комуналната полиција. Ова ветување на власта е од 2021 година кое досега не го исполни.

„Законот за комунална полиција може да биде решение, но под услов тој закон да се спроведува како што треба. Бидејќи некои земји во регионот имаат и лоши искуства со таков закон. Кај нас повеќе градоначалници на седници на ЗЕЛС бараа да се донесе овој закон, но не се донесе. Во сегашната ситуација, полицијата и инспекторатите немаат капацитет да се занимаваат со сите проблеми, а реално и свеста е на ниско ниво“, вели Јосифовски.

Комуналната полиција беше најавувана за да се справува со нелегалното отстранување на отпад и создавањето на диви депонии, што тогаш владата велеше дека тоа за неа е приоритет.

Скопје има и локации кои се дефинирани како еколошки жешки точки, каде со децении е складиран опасен отпад. Жешките точки во Скопје се поради депониите на фабриките „Окта“, „Макстил“ и „Охис“ кои ги загадуваат воздухот водата и почвата. Неодамна државата почна да го чисти линданот во депонијата на „Охис“ - токсичен пестицид складиран во илјадници тони на неколку километри од центарот на Скопје. Загадувањето на „Окта“ е со сулфур и азот диоксид, а депонијата на „Макстил“, содржи тешки метали.

Управувањето со отпадот не е само локален проблем на Скопје, туку одекнува на ниво на цела држава.

Решението преку воспоставување на целосен систем за управување со отпад како што предвидува Законот за управување со отпад со години не се реализира.

Законот предвидува да бидат отворени депонии во сите плански региони на земјата, во Североисточниот, Југоисточниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Скопскиот регион во Македонија.

Овие дел од овие проекти обезбедени се пари од Европска унија, но не се реализирани главно бидејќи општините на чија територија се планираат депониите ја блокираат нивната изградба.

Според Законот за управување со отпад, предвидено е формирање на осум регионални депонии за решавање на проблемот со отпадот во општинските депонии, кои не исполнуваат стандарди за заштита на животната средина, како и со отпадот од бројните диви депонии на стотици локации во земјава.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG