Достапни линкови

За загадувањето граѓаните можат да тужат, ама тешко ќе добијат


 Аерозагадување во Скопје.
Аерозагадување во Скопје.

Граѓаните можат да ја тужат државата и да бараат надомест на штета ако трпат последици по загадувањето по одлуката на Врховниот суд, но не веруваат судството. Правници за РСЕ објаснуваат и дека за да се тужи државата прво мора да ги донесе неопходните стратегии, а за отштета, треба да се создаде судска пракса.

Скопје се наоѓа на 22-то место на најзагадени градови во светот, измери „Ај кју eр“ (IQAir), светската страница која го мери квалитетот на воздухот на 5 ноември. На оваа непопуларна листа, главниот град на Северна Македонија лани неколку пати го држеше неславниот примат.

И не е само Скопје. Мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање во текот на вчерашниот ден измериле надминување на граничната вредност на ПМ10 честичките на мерните места и во Кичево, Гостивар и Охрид.

Со доаѓањето на зимата граѓаните стравуваат дека ситуацијата ќе се влошува.

„Очекувам дека годинава ќе биде позагадено од претходните години со оглед на тоа дека се дозволува да се согорува секаков отпад. Секоја следна година ќе биде сѐ полоша и полоша ситуацијата. Чаре има, ама корумпираноста си го прави своето„ вели 23-годишниот Дамјан од Скопје.

„Апсолутно стравувам дека и зимава ќе биде загадено. Веќе се чувствува дека е загаден градот, а уште грејната сезона не е комплетно почната. А, пак, кога ќе дојде зимата ќе се гушиме и ќе биде катастрофа“, заклучува пензионерката Олга од Скопје.

Она што е различно од претходните години е што на граѓаните сега им е отворен патот судски да ја тужат државата и да бараат надомест на штета.

Тоа го овозможи одлуката, односно начелниот став на Врховниот суд со кој граѓаните во постапка пред Управен суд ќе може да бараат да се задолжат надлежните државни органи да ги донесат сите потребни документи од Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, но и да поведат спор против државата во управна постапка, ако им е загрозено здравјето. Иницијативата пред Врховниот суд ја поднесоа невладината „Центар за правни истражувања и анализи“ и адвокатското друштво ,,Гоџо, Кичеец и Новаковски".

Дел од граѓаните не знаат дека можат да ја тужат државата за загадениот воздух, други пак не веруваат во судството.

„Не знаев дека можам да тужам, но би ја искористила таа можност ако се здружиме во поголем број, а како единка мислам дека тужбата не би имала ефект“, вели Ана од Битола.

Пензионерката Олга слушнала дека може да се тужи државата, но не би се осмелила заради високите судски трошоци.

„Од медиумите неодамна дознав дека може да се тужи. Но, мислам дека не би тужел бидејќи во нашата држава судските процеси не завршуваат во полза на граѓаните и би било залудно“, објаснува Стефан Јакимовски од Штип.

Државата на потег

И невладината „Центар за правни истражувања и анализи“ не влева надеж во позитивен исход на суд за граѓаните. Тие во изминатиот период имаат поднесено индивидуални тужби за седум општини каде имало најголем процент на загадување според мерните станици повеќе од 35 денови, што е спротивно на Законот за амбиентален воздух.

Затоа, како што вели Никола Јовановски, програмски менаџер на здружението, државата мора да го донесе Националниот план за намалување на последиците од загадениот воздухот, бидејќи последниот е донесен пред осум години.

Во однос на постапките, вели Јовановски, граѓаните ќе може да поднесуваат и поединечна, но и колективна тужба. Сепак, тој е скептик како ќе одлучуваат судовите, бидејќи Врховниот суд им наложи на судовите треба да постапуваат согласно начелниот став, а тие пак мора да и наложат на државата да донесе Национален план.

„Судот треба да и наложи на државата да донесе Национален план бидејќи правото на здрава животна средина државата може да го наруши со преземање или со непреземање чекори. Во овој случај, со неносењето на Националниот план, државата го загрозува правото на здрава животна средина. Во периодот што следува, може само да се добие само некаква судска разврска на тоа што државата што треба да преземе некакви мерки“, објаснува Јовановски.

Додава и дека уште помали се шансите да се добие надомест на штета заради загрозување на здравјето.

„Mислам дека ќе треба да помине одредено време за да дискутираме по ова прашање, бидејќи е потребно да се создаде судска пракса во делот на одлуките кои се носат за заштита на животната средина и воздухот. “, објаснува Николовски.

Според него, ова претставува само отворање на вратата во која треба да се движи судската пракса за заштита на животната средина, во област во која работите се одвиваат прилично бавно.

„Во последните години што има направено државата во однос на загадувањето на воздухот? Или да го свртиме прашањето – дали панелите или климите кои ги имавме како субвенции го намалија загадувањето? Она што е јавна тајна е дека загадувањето на воздухот е пред се горењето на мазут, големите потрошувачи и огревното дрво“, вели Јовановски.

Последниот Национален план за заштита на амбиентниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање е за периодот од 2013 – 2018 година.

Министерството за животна средина „на шкрги“

Проект за реализација на друг проект. Вака во една реченица може да се опише планот на Министерството за животна средина и просторно планирање со кој ќе се носи Национален план за заштита на амбиентниот воздух.

Во одговорот за РСЕ велат дека со поддршка на Европската Унија, преку ИПА 2 програмата во ноември 2024 година ќе започне проектот „Подршка за имплементација на директивите за квалитет на воздухот“. Велат целта на тој проект е поддршка за подготовка на новата законска рамка за квалитет на воздух и подготовка на национални плански документи вклучително и Национален план за заштита на амбиентниот воздух.

„Имајќи ја предвид комплексноста на планските документи во изработка освен технички експети во проектот ќе бидат вклучени и претставници од релевантни министерства и други надлежни институции, кои ги имлементираат и во иднина ќе ги имплементираат мерките во секторите за кои се надлежни како транспорт, енергија, индустрија и земјоделие“.

Во пресрет на грејната сезона од Министерството велат дека постојано работат на спроведување на своите надлежности како мониторинг на квалитет на воздух, имлементација на ЕУ проекти, изготвување на национални документи и поддршка на ЕЛС за изработка на локални планови. Во моментов 21 фиксна и 1 мобилна мониторинг станица се во функција.

Компензација во судска постапка и во земјите на ЕУ

Според статистиките од судовите во кои се воделе постапки за кривични дела против животната средина, во последните четири години судовите имаат донесено 242 правосилни пресуди. Во нив, осудени 280 лица. Пресудите се однесуваат на парични казни, затворски или алтернативни санкции. Поголемиот дел се кривичните дела се извршени со умисла, а некои од небрежност.

Од здравствен аспект, пак Институтот за јавно здравје на почетокот на 2024 година објави извештај „Аерозагадувањето во Р.С. Македонија и ризици по здравјето“, според кој речиси 18 отсто од вкупната смртност во Северна Македонија може да се препише на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички.

Последните податоци на Европската агенција за животна (ЕЕА) средина покажуваат дека загадениот воздух е причина за над 5.000 предвремени смртни случаи во Северна Македонија.

Една недела по начелниот став на Врховниот суд со кој ја обврзува државата да преземе мерки против загадувањето, идентична одлука донесе и Советот на Европската унија на 14 октомври, усвојувајќи Директива со која се воведуваат нови стандарди за квалитет на воздухот и построги ограничувања за најголемите загадувачи.

Новите правила треба да придонесат за целта на Европската унија за нулта загаденост до 2050 година и да помогнат да се спречат предвремените смртни случаи од аерозагадувањето.

Изменетата директива предвидува и дека граѓаните можат да бараат компензација во случаи кога непочитувањето на правилата на ЕУ за квалитетот на воздухот предизвикува оштетување на нивното здравје.

Се проценува дека околу 300.000 луѓе годишно умираат во Европа како резултат на загадениот воздух.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG