Достапни линкови

Вести

Врховниот суд ќе одлучува дали државата е одговорна за загадениот воздух

Зграда на Врховен суд
Зграда на Врховен суд

Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седница расправаше за тоа дали држaвата е одговорна што македонските граѓани со години дишат загаден воздух. Ова е по иницијатива за утврдување правно мислење, поднесена од Адвокатското друштво „Гоџо, Кичеец и Новаковски“.

Претходно двајца македонски граѓани поднеле тужби до Управен суд за заштита на слободите и правата, каде наведуваат дека дишат енормно загаден воздух и бараат од државата да донесе стратешки акционен план за заштита.

Судијата известител Џемали Саити, вели дека со тужбите се засегнати повеќе државни органи за непостапување, затоа што во нив се наведува дека државата со непреземање на дејствија ги оштетила правата на граѓаните за здрава животна средина.

„Едниот граѓанин е од Скопје, другиот од Струмица. Тие велат дека имаме енормно загаден воздух и бараат од државата да донесе стратешки акционен план за заштита. Практично овде се нападнати сите државни органи за непостапување, почнувајќи од Владата, Министерството за екологија до инспекторатите во рамките на екологијата, и велат дека државата со непреземање на дејствија, со непреземање на мерки ги оштетила правата на граѓаните за здрава животна средина, појасни Саити.

Претседателката на Врховен, Беса Адеми, истакна дека кон прашањата за заштита на здравата животна средина треба да се гледа од аспект на Европската конвенција за заштита на човековите права, според кој правата за заштита на животната средина се признаени граѓански права. Таа посочи на неодамнешна пресуда на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), донесена во април годинава, која се однесува на заштитата на климата како човеково право, каде неколку граѓанки на Швајцарија се јавиле како индивидуални подносители пред ЕСЧП со иста содржина на барање како двајцата македонски подносители пред Управниот суд.

Предметот на ЕСЧП може да биде водилка за идните расправи, рече судијката Мирјана Лазарова Трајковска, бидејќи, вели го покренува прашањето што во ситуации кога законите се недоречени и дали судовите треба да замолчат.

По предлог на Адеми, беше изгласано да се повика професорот Борче Давитковски, како експерт во областа, да присуствува на наредните општи седници на Врховен. Таа истакна дека Врховниот суд ќе започне процес за деловнички измени за унапредување на начелото на јавност и отвореност на Општите седници за јавноста, особено за прашањата од јавен интерес и нагласи дека прашањето кое беше предмет на денешната расправа е од висок јавен интерес.

види ги сите денешни вести

Руте предупреди дека Украина може да се соочи со најтешката зима од руската инвазија

Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Во руски напад врз индустриска фабрика во вториот по големина град во Украина, Харкив, загинаа најмалку две лица, а повеќе од 30 се повредени, објавија локалните власти на 8 октомври, додека новиот шеф на НАТО, Марк Руте, предупреди дека Украина може да се соочи со најтешката зима од почетокот на инвазијата што ја започна Москва во февруари 2022 година.

„НАТО мора и ќе направи повеќе за да и помогне на Украина“, рече Марк Руте на заедничка прес-конференцијата во Брисел на 8 октомври со финскиот претседател Александар Стуб, шефот на најновата членка на Алијансата.

„Колку повеќе воена поддршка даваме, толку побрзо ќе заврши оваа војна“, додаде Руте.

Новиот генерален секретар на НАТО рече дека ќе изврши притисок за дополнителна воена помош за Киев на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина што треба да се одржи на 12 октомври во Рамштајн, Германија.

Руте, кој е поранешен премиер на Холандија, на 1 октомври го замени Норвежанецот Јенс Столтенберг на функцијата генерален секретар на Алијансата. Украина не е членка на НАТО, но повеќето членки на организацијата го поддржаа Киев во неговата борба против руската агресија.

Во меѓувреме, претседателот Володимир Зеленски рече дека украинските сили го одржуваат притисокот врз руските војници во руската област Курск, местото каде извршија ненадеен упат во август годинава.

Украинските сили, наводно, зазеле околу 1.300 квадратни километри руска територија во областа Курск. Иако темпото на упадот е забавено, Зеленски вели дека тоа „во голема мера му помогнало“ на Киев да ги обезбеди најновите воени пакети помош од Запад.

„Борбите во регионот Курск траат веќе трет месец, а ние го одржуваме потребниот притисок врз Русија во овој сектор“, рече Зеленски во своето вечерно видеообраќање.

Пет работи што треба да ги знаете за новиот шеф на НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Москва на 8 октомври продолжи со немилосрдните напади врз украинската инфраструктура и цивилните цели.

Градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, на својот канал на Телеграм објави дека продолжуваат со потрага по лица кои можеби останале под урнатините предизвикани од најновиот напад.

Руските воени блогери рекоа дека нападот бил извршен со ракета Искандер, додека украинските власти велат оти градот бил цел на неколку напади.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија употребила два ракети Искандер и 19 беспилотни летала во напад на јужниот регион Одеса, но нивните системи за противвоздушна одбрана во утринските часови на 8 октомври успеале да соборат 18 дронови.

Жители во регионот Одеса по последниот руски напад, 8 октомври 2024 г.
Жители во регионот Одеса по последниот руски напад, 8 октомври 2024 г.

Во јужниот регион Херсон, пак, едно лице загина во напад на градот Антонивка, информираше регионалниот гувернер Олександр Прокудин на 8 октомври.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните системи за противвоздушна одбрана одбиле напад на украински беспилотни летала утрината на 8 октомври, соборувајќи 16 беспилотни летала.

Четиринаесет од дроновите биле соборени над територијата на Белгородската област која се граничи со Украина, а два други биле уништени во близина на рускиот брег на Црното Море, соопшти Министерството во објава на Телеграм.

Меѓутоа, гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, на Телеграм соопшти дека Украина нападнала девет области во неговиот регион со 45 дронови, при што ранила две лица.

На 7 октомври, украински беспилотни летала, наводно, погодиле складиште за гориво во Феодосија, најголемиот таков објект во окупираниот Крим, при што предизвикале огромен пожар.

Шефот на администрацијата на Феодосија, поставена од Москва, Игор Ткаченко, посочи дека на 8 октомври огнот сè уште гори, а на фотографии на социјалните мрежи се гледаат густи облаци од црн чад што се издигаат во воздухот.

Ткаченко рече дека вкупно 1.047 цивили биле евакуирани од Феодосија поради пожарот.

Путин и Пашинијан најавија повлекување на руските трупи од граничниот пункт меѓу Ерменија и Иран

Путин и Пашинијан, 8 октомври 2024 г.
Путин и Пашинијан, 8 октомври 2024 г.

Ерменскиот премиер Никол Пашинијан и рускиот претседател Владимир Путин на 8 октомври објавија договор според кој руските граничари од 1 јануари 2025 година ќе се повлечат од контролниот пункт на границата меѓу Ерменија и Иран.

Според договорот, ерменските граничари ќе ја преземат целосната операција на контролниот пункт, а трупите на Ереван ќе бидат вклучени и во чувањето на ерменската граница со Турција заедно со постојните руски сили.

Со децении, границите на Ерменија со Турција и Иран беа чувани исклучиво од руски војници.

Ваквиот развој на настаните сигнализира промена во безбедносните ангажмани на Ерменија според она што беше договорено во мај кога двајцата лидери одлучија руските сили да се повлечат од одредени региони на Ерменија. Сепак, руските трупи ќе останат распоредени долж границите на Ерменија со Иран и Турција.

Договорот помеѓу Путин и Пашинијан за повлекување на руските сили од контролниот пункт, доаѓа откако Ереван почна се повеќе да се дистанцира од својот долгогодишен сојузник по незадоволството од улогата на руските мировници во конфликтот во Нагорно-Карабах.

Ерменските власти ја критикуваа Русија за неуспехот да ја спречи брзата офанзива на Азербејџан во Нагорно-Карабах во септември 2023 година, што на крајот резултираше со тоа што Азербејџан ја врати контролата врз овој регион по речиси три децении владеење на етничките Ерменци.

По воениот успех на Азербејџан, етничката ерменска сепаратистичка влада во Нагорно-Карабах се распушти, што доведе до нови дискусии меѓу Ереван и Баку за воспоставување траен мир.

Пашинијан на самитот на Комонвелтот на независни држави во Москва на 8 октомври објави и дека Ерменија е подготвена да потпише нацрт мировен договор со Азербејџан до крајот на месецот.

Предложениот договор вклучува заемно признавање на територијалниот интегритет, посветеност да се воздржи од територијални претензии, немешање и воспоставување дипломатски односи, што сигнализира потенцијално решение за долгогодишниот конфликт меѓу лутите ривали.

Експертите сметаат дека ова би претставувало голем чекор кон стабилизирање на овој регион по долгогодишни тензии.

Орбан: Сегашната стратегија за Украина не функционира

Орбан на прес-конференцијата во Стразбур, 8 октомври 2024 г.
Орбан на прес-конференцијата во Стразбур, 8 октомври 2024 г.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој беше нападнат од Западот поради неговиот често пријателски став кон Русија, смета дека Украина не може да ја добие војната со Русија и повторно вршеше притисок за преговори, дури и кога унгарската опозиција ја прекина неговата прес-конференција во Европскиот парламент (ЕП) во Стразбур.

„Ние не сакаме да блокираме ништо. Само сакаме да ги убедиме европските лидери да ја променат својата стратегија [во однос на Украина] бидејќи сегашната стратегија не функционира“, рече Орбан пред новинарите на 8 октомври.

„Ако не можете да победите на бојното поле, мора да комуницирате, мора да преговарате, мора да имате прекин на огнот“, додаде унгарскиот премиер.

Орбан отпатува во ЕП во Стразбур за утре (9 октомври) да се обрати пред парламентот по повод шестмесечното ротирачко претседателство со ЕУ, кое во моментов е во рацете на Унгарија.

Популистичката влада на Орбан ги задржа врските со Москва и покрај целосната инвазија на Русија врз Украина која започна во февруари 2022 година. Орбан се спротивстави на помошта за Киев, а ја налути ЕУ и со неговото авторитарно владеење и врските со Кина.

Обезбедувањето го отстрани унгарскиот опозиционер кој ја прекина прес-конференцијата на Орбан во Стразбур, 8 октомври 2024 г.
Обезбедувањето го отстрани унгарскиот опозиционер кој ја прекина прес-конференцијата на Орбан во Стразбур, 8 октомври 2024 г.

Неговата прес-конференција ја прекина Мартон Гјекицки, активист и градски советник од редовите на унгарската опозициска Демократска коалиција (ДК), фрлајќи куп банкноти кон премиерот.

„За колку ја распродадовте државата? За колку ја предадовте државата, господине премиере? Тој му се распродаде на [рускиот претседател Владимир] Путин. Тој му се распродаде на [кинескиот лидер] Кси Џинпинг!“, извикуваше Гјекицки.

На видеото објавено на интернет, се гледа како Гјекицки му приоѓа на Орбан пред да биде отстранет од салата.

На прес-конференцијата Орбан, исто така, рече дека доколку на изборите во САД победи републиканскиот претседателски кандидат во САД, Доналд Трамп, нема да чека до инаугурација на 20 јануари, туку веднаш ќе почне да работи на мировен договор за Украина.

Лидерите на ЕУ, порача унгарскиот премиер, треба да бидат подготвени на тоа.

И според законот и според традицијата, новоизбраните претседатели на САД не се ангажираат во поставувањето владини политики пред официјално да ја преземат функцијата.

Орбан долго време го поддржува Трамп, за кој критичарите велат дека ќе се обиде да ја принуди Украина да се согласи со условите на Русија кои се неприфатливи за Киев.

Европскиот парламент го критикува руското мешање во Молдавија во пресрет на изборите

Зигфрид Муресан, шеф на делегацијата на Парламентот на ЕУ за односи со Кишињев (десно) и молдавскиот министер за надворешни работи Михаи Попшој.
Зигфрид Муресан, шеф на делегацијата на Парламентот на ЕУ за односи со Кишињев (десно) и молдавскиот министер за надворешни работи Михаи Попшој.

Русија да престане со своите „провокации и обиди за дестабилизација“ на Молдавија пред клучните претседателски избори и референдумот, е предупредувањето кое се испраќа до Кремљ во нацрт-резолуцијата на Европскиот парламент.

Исто така, со документот се повикуваат земјите-членки на ЕУ да му ја дадат на Кишињев „целата потребна помош“ за да се спротивстави на дезинформациите на Москва.

Резолуцијата, исто така, ја повикува ЕУ да воведе дополнителни санкции за поединци и субјекти „одговорни за поддршка или за спроведување дејствија кои го поткопуваат или загрозуваат суверенитетот и независноста на Република Молдавија“.

Прозападната претседателка на Молдавија, Маја Санду, се кандидира за нов мандат на изборите закажани за 20 октомври, а Молдавците истиот датум ќе гласаат и на референдум за пристапување во Европската Унија (ЕУ).

Тоа се смета за клучен момент за иднината на една од најсиромашните земји во Европа, каде што Русија сè уште има огромно влијание и има повеќе од 1.000 војници во сепаратистичкиот регион Придњестровје, 33 години откако Кишињев прогласи независност од Советскиот Сојуз.

За време на мандатот на претседателката Санду, која дојде на власт во 2020 поразувајќи го тогашниот претседател поддржан од Русија – Игор Додон, Молдавија се сврте кон Западот, ја осуди инвазијата на Москва врз Украина и се приклучи на санкциите на ЕУ против Кремљ.

Молдавија обезбеди кандидатски статус за членство во ЕУ во јуни 2022 година и ги отвори преговорите за членство на почетокот од оваа година. Ваквите потези ја поттикнаа Русија да ги засили напорите да го поткопа кредибилитетот на молдавската влада и да ја прикаже Москва како подобра алтернатива за иднината на Кишињев.

Во примерок од нацрт-резолуцијата во која РСЕ имаше увид, Европскиот парламент наведува дека „најостро ја осудува ескалацијата на злонамерните активности, мешањето и хибридните операции од страна на Руската Федерација, проруските олигарси и руските спонзорирани локални актери со цел поткопување на изборните процеси, безбедноста, суверенитет и демократските основи на Република Молдавија“.

Во документот се повторува повикот на ЕУ до Москва „да ги почитува независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Молдавија и да престане со провокациите и обидите за дестабилизација на земјата и поткопување на нејзиниот уставен поредок и демократските институции“.

Исто така, ЕП ја повикува Москва да ги повлече своите трупи од Приднестровје и да поддржи мирно решение на конфликтот меѓу Кишињев и сепаратистите поддржани од Москва. Истовремено, со нацрт-резолуцијата се повикува и на политиката за „посилна соработка во безбедноста и одбраната“ меѓу ЕУ и Молдавија, првата земја што потпиша безбедносно и одбранбено партнерство со Унијата.

Со нацрт-резолуцијата се поздравуваат и реформите спроведени од актуелната влада и се повикува ЕУ да помогне „да се изврши притисок врз платформите на социјалните медиуми за Молдавија ефективно да се справи со дезинформациите“ и да и се обезбеди „поконзистентна поддршка“ во нејзините напори за пристапување во ЕУ.

Гласањето за необврзувачката резолуција во Европскиот парламент ќе се одржи на 8 или 9 октомври по завршувањето на дебатата за овие теми.

Мајка и дете пронајдени мртви во тетовско Слатино

Илустрација.
Илустрација.

Мајка, на возраст од 36 години, и нејзината четиригодишна ќерка биле пронајдени мртви во нивната семејна куќа во селото Теарце, тетовско.

Случајот во полиција го пријавил доктор кој претходно бил повикан за интервенција од страна на мајката на починатата жена, која ги пронашла телата на нејзините ќерка и внука.

„Веднаш било постапено по пријавата при што СВР Тетово во содејство со јавен обвинител извршиле увид, а по наредба на обвинителот телата на починатите биле предадени за обдукција. Нејзиниот сопруг Р.Ш. (50) заедно со нивниот малолетен син, ќе бидат префрлени во Клиничка болница Тетово за укажување на лекарска помош, а потоа Р.Ш. ќе биде задржан во полициска станица за понатамошна постапка“, велат од СВР Тетово.

Од понатамошната истрага и обдукцијата се очекува да има повеќе информации за околностите во кои настанала смртта на мајката и детето.

Ураганот Милтон и се заканува на Флорида, Бајден ја откажа посетата на Германија

Сообраќаен метеж за време на евакуацијата во Флорида.
Сообраќаен метеж за време на евакуацијата во Флорида.

Претседателот на САД, Џо Бајден, го одложи патувањето во Германија и Ангола, за да остане во Белата куќа и да ја следи ситуацијата со ураганот Милтон што и се заканува на Флорида.

„Едноставно не мислам дека можам да бидам надвор од земјата во овој момент“, рече Бајден.

Тој предупреди дека Милтон „може да биде една од најлошите бури во последните 100 години“ и посочи дека работи „на зголемување на одговорот“ од страна на федералната влада.

Американскиот претседател рече дека граѓаните кои се во потенцијална опасност треба да ги слушаат локалните власти и да се евакуираат.

„Жалиме за одлуката да се одложи посетата, но секако ја разбираме моменталната ситуација на Флорида“, изјави портпаролот на германската влада.

Бајден требаше да пристигне во Германија во четвртокот.

И Белата куќа претходно соопшти дека Бајден ја одложува посетата на Германија поради ситуацијата на Флорида, која се подготвува за втор ураган за краток временски период.

Во соопштението за медиумите се споменува „одложување“, но не се прецизира кога Бајден, чиј мандат истекува во јануари следната година, би можел да ја посети Германија.

Одложена е и посетата на Ангола, која требаше да следи по посетата на Германија.

Ова требаше да биде прва билатерална посета на Бајден откако тој ја презеде функцијата во јануари 2021 година. Бајден беше во Германија, но како дел од самитот на земјите од групата Г7 во 2022 година.

Тој во саботата требаше да учествува и на самит на НАТО за Украина во американската воена база Рамштајн во сојузната германска покраина Рајнска област-Пфалц.

Жителите на Флорида кои се под закана од Милтон, сè уште не се опоравиле од претходниот ураган Хелен.

Според предвидувањата на американскиот Национален центар за урагани, Милтон би ја погодил областа Тампа, во која живеат околу 3,3 милиони луѓе.

Овој ураган се засили над Мексиканскиот залив достигнувајќи максимална брзина од 270 километри на час, а НАСА го забележа и од вселената.

Доцна во понеделникот, Милтон се наоѓаше на околу 1.015 километри југозападно од Тампа со брзина на движење од 15 километри на час.

Жителите во најзагрозените делови на оваа област имаат помалку од 24 часа да се евакуираат.

Гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, во понеделникот рече дека сите остатоци од ураганот Хелен треба да се исчистат пред пристигнувањето на Милтон за да не се случат поголеми последици.

Ураганот Хелен, кој ја погоди Флорида на 26 септември, нанесе штети и во други сојузни држави на југоисточниот дел од САД. Загинаа повеќе од 200 лица и беше предизвикана штета од милијарди долари во шест држави.

Заврши сведочењето на малолетникот кој го изврши масовното убиство во „Рибникар“

Малолетникот сведочеше во Специјалниот суд во Белград.
Малолетникот сведочеше во Специјалниот суд во Белград.

Малолетниот К. К, кој го изврши масовното убиство на 3 мај 2023 година во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград, заврши со сведочењето во Специјалниот суд на судењето на неговите родители Миљана и Владимир Кечмановиќ.

Судскиот процес беше затворен за јавноста, а К.К. по првпат од убиството беше изнесен надвор од медицинската установа каде што е сместен.

Тој одговараше на прашањата на обвинителството, одбраната и адвокатите на семејствата на жртвите.

Адвокатот на семејствата на убиените, Огњен Божовиќ, по рочиштето за медиумите изјави дека сведочењето на малолетниот К.К. оди „во правец на осудителна пресуда“.

„Ова беше едно од најстрашните судења на кои сум присуствувал во кариерата. Беше многу тешко“, изјави Божовиќ.

Тој додаде дека на рочиштето биле поставени прашања со цел да се утврди мотивот и зошто се случило кривичното дело.

„Останува да видиме дали ќе се најдат дополнителни детали за евентуални дополнителни обвиненија“, оцени Божовиќ.

Тој најави дека сослушувањето на К.К. ќе продолжи на 17 октомври во зградата на Специјалниот суд.

Адвокатката на семејството Кечмановиќ, Ирина Боровиќ, по рочиштето изјави дека во ниту една постапка нема да се дознаат причините поради кои се случило масовното убиство.

„Тие причини очигледно се некаде длабоко во душата на момчето кое, за жал, го направи сето ова, и кое живееше нормален живот од гледна точка на сите што го познаваат“, изјави Боровиќ.

На 3 мај 2023 година, тринаесетгодишниот ученик од основното училиште „Владислав Рибникар“ со пиштолот на својот татко уби девет негови врсници и еден училиштен чувар. Тој рани уште пет ученици и една наставничка.

Во ноември 2023 година, Вишиот суд во Белград го потврди обвинението против родителите на момчето што го изврши масакрот, а судењето започна во јануари 2024 година.

Обвинети се и сопственикот и инструкторот на стрелачкиот клуб каде, според обвинението, малолетниот ученик учел да пука со својот татко.

Малолетникот не може да одговара кривично пред судовите во Србија бидејќи во моментот на нападот имал помалку од 14 години. Тој е сместен во психијатриска установа.

Самит Брдо-Бриони: Лидерите од регионот разговараа за европската перспектива

Лидерите од регионот на Самитот Брдо-Бриони.
Лидерите од регионот на Самитот Брдо-Бриони.

Европската унија (ЕУ) не е целосна без земјите од Западен Балкан, е заедничката порака на претседателите на земјите од регионот од самитот Брдо-Бриони што се одржа денеска, 8 октомври, во Тиват, Црна Гора.

На прес-конференцијата по пленарната седница, која беше затворена за јавноста, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, кој е домаќин на средбата, рече дека долгорочната стабилност на регионот подразбира и добрососедски односи.

„Со разнишаниот светски поредок и растечката глобална нестабилност, лидерите на Западен Балкан се свесни за политичкиот момент и новиот прозорец во ЕУ кога станува збор за проширувањето. Ние сме подготвени уште посилно да ја искористиме оваа можност“, рече Милатовиќ.

Тој рече дека очекува напредокот на Црна Гора кон ЕУ да биде поттик и за другите земји.

„ЕУ не е само потреба и декларирана цел, туку геополитички и морален императив.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ рече дека вредноста на Самитот Брдо-Бриони „е тоа што земјите, од кои некои не се признаваат меѓусебно, комуницираат на овие состаноци“.

Србија и Босна и Херцеговина не го признаа Косово, кое прогласи независност во 2008 година.

Милановиќ истакна дека задачата на Хрватска и Словенија, кои се во ЕУ, е да ги охрабрат земјите од Западен Балкан да не попуштаат на патот кон членство во Унијата, наведувајќи дека ЕУ е инертен систем.

„Постои инертност и слабост на ЕУ во глобалната конкуренција со посилните и побескрупулозни играчи. А тоа се САД и државите од БРИКС, односно Русија, Кина, Индија … Односно, тие што не не сакаат“, рече тој.

Свечен пречек на лидерите од регионот во Котор.
Свечен пречек на лидерите од регионот во Котор.

Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, рече дека Словенија и Хрватска интензивно го поддржуваат процесот на европска интеграција на Балканот:

„Црна Гора постигна најголем напредок и има најдобра перспектива за наскоро пристапување во ЕУ“.

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, пак, порача дека Процесот Брдо-Бриони ќе биде успешен кога целиот регион ќе стане дел од ЕУ.

„Процесот Брдо Бриони треба да ни помогне, оваа чекална наречена Западен Балкан да се испразни преку интегрирање на државите, а не мигрирање на граѓаните. Процесот ќе ја исполни својата цел тогаш кога и последната држава заглавена во овој гео-политички регион ќе стане полноправна членка на Унијата и кога жаргонот Западен Балкан ќе го испратиме во историјата, и тоа не подоцна од 2030-та година“, рече Сиљановска Давкова.

Српскиот претседател Александар Вучиќ не присуствуваше на пленарниот дел од самитот, но подоцна им се придружи на учесниците.

Тема на Самитот во Тиват е подобрување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан и членките на Европската Унија.

На самитот присуствуваат претседателите на Хрватска, Албанија и Србија – Зоран Милановиќ, Бајрам Бегај и Александар Вучиќ; претседателките на Словенија, Северна Македонија и Косово – Наташа Пирц Мусар, Гордана Сиљановска-Давкова и Вјоса Османи; како и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ.

Процесот Брдо-Бриони е словенечко-хрватска иницијатива започната во 2010 година со цел да се зајакне довербата и да им се помогне на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ.

На првиот ден од самитот на 7 октомври, повеќето од учесниците го посетија Котор, каде во нивна чест морнарицата изведе традиционална патека на градскиот плоштад.

Котор е еден од најдобро зачуваните средновековни градови на Медитеранот, додека Тиват е летно одморалиште со луксузна марина, Порто Монтенегро. И двете се наоѓаат во Которскиот залив.

Министерката за финансии го потпиша договорот за унгарскиот кредит

Mинистерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го потпиша договорот за заем со унгарската Експорт-импорт банка
Mинистерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го потпиша договорот за заем со унгарската Експорт-импорт банка

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска (8 октомври) во Будимпешта, во име на Владата го потпиша договорот за заем од унгарската Експорт-импорт банка.

Кредитот е во висина од 500 милиони евра и според власта е по поволни услови – со рок на отплата од 15 години, со вклучен грејс период од три години и каматна стапка од 3,25 проценти.

„Одлуката на Владата да го обезбедиме планираното надворешно задолжување со Буџетот за 2024 година преку билатерален заем од Унгарија, наместо со издавање нова еврообврзница, произлезе како резултат на поволните услови што ги добивме и заштедата што ја правиме само по основ на каматата. Каматните стапки по кои би ја добиле оваа сума на меѓународниот пазар е околу 6 проценти и тоа е голема заштеда по буџетот по овој основ, односно заштеда на годишно ниво од околу 14 милиони евра“, посочила Димитриевска-Кочоска, пренесува МИА.

Парите од кредитот се очекува Северна Македонија да ги добие до крајот на неделата. Владата планира половина од парите да се трошат за проекти во општините, додека другата да биде за заеми за компаниите.

Додека власта смета дека ваквиот билатерален заем се зема по поволни услови, опозицискиот СДСМ обвинува дека договорот за заем е коруптивен бидејќи е направен вонинституционално, а и се сомнева дека зад унгарскиот кредит стојат кинески пари.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, пак, за време на посетата на Северна Македонија на 26 и 27 септември, негираше поврзаност со Кина.

„Кинески заем не можеме да даваме, кинески пари не можеме да даваме. Ние со Кина имаме договор дека сите пари кои доаѓаат од Кина одат за конкретни проекти, кинески пари не можеме да ви даваме, но европски пари може да ви дадеме и тие ќе ви ги даваме“, рече Орбан на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.

Двајцата премиери го договорија кредитот на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон во јули годинава, а Законот за заем беше изгласан во Собранието на Северна Македонија на 17 септември.

ДСЗИ бара стручен надзор за смртта на 14-месечното бебе

Детска клиника.
Детска клиника.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) иницира да се формира Комисија за стручен надзор за смртта на 14-месечното бебе на Клиниката за детски болести во Скопје.

Ова следува откако ДСЗИ направи вонреден инспекциски надзор во трите здравствени установи каде било третирано детето – Клиниката за детски болести, Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ и во ординацијата кај матичниот лекар.

Бебето почина во утринските часови на 5 октомври во Клиниката за детски болести, по што родителите јавно реагираа за несоодветен третман.

Во извештајот што денеска (8 октомври) го објави ДЗСИ од вонредниот надзор, се наведува дека тоа два пати било носено на Детската клиника пред да биде хоспитализирано.

Првично, на 30 септември со симптоми на повраќање било однесено кај матичниот лекар, кој констатирал дека тоа нема температура, но му е зацрвенето грлото. Истиот ден, родителите го однеле и на Детската клиника бидејќи продолжило со повраќање. Таму дежурниот лекар специјалист ја потврдил дијагнозата од матичниот и им рекол да дојдат на контрола следниот ден или по потреба во секое време.


Следното одење на лекар било на 3 октомври кај матичниот лекар кога бебето повраќало и било малаксано. Матичниот издал итен упат за Детската клиника каде му биле направени лабораториски анализи, по што било вратено на домашно лекување.

„По добивање на резултатите повторно било прегледано од специјалист педијатар и дополнително биле издадени упати за лабораторија и за РТГ дијагностика. При преглед наод на везикуларно дишење со пропратен наод на бронхитични хркулки обострано. РТГ наодот покажува нагласен броховаскуларен цртеж билатерално, хипобазално и корелира со аускултаторниот наод. Ординирана и терапија и пратено на домашно лекување“, пишува во извештајот на ДСЗИ.

Наредниот ден, 4 октомври, родителите самоиницијативно го однеле во „Козле“ каде лекарите го задржале на лекување и направиле неколку испитувања.

Состојбата му се влошила и било префрлено на интензивна нега, но поради влошување во текот на ноќта било пренесено на Детската клиника.

Еден час по префрлањето на Детската клиника, и покрај обидите за реанимација бебето починало.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, вчера изјави дека бебето било одбиено за хоспитализација и порача дека одговорност за овој случај треба да има.

„Меѓутоа не очекувајте од мене уште од денеска да судам како било. Дозволете соодветните органи во државата да испитаат сè во детали. На крајот некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи во здравствениот систем“, рече Таравари.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG