И семејството на министерот Бочварски во бизнисот со струја
Во бизнисот со струја досега влегоа сопругата на екс премиерот Ковачевски, Елена, синот на поранешниот премиер од СДСМ Зоран Заев, Душко, синот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, Шкумбин, како и синот на неговиот сопартиец Муса Џафери, Арјанит.
Наскоро треба да им се приклучи и таткото на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, Венцислав. Иако министерот Бочварски вели дека неговото семејство не е во бизнисот со струја, сепак, компанијата „Техноинвест“ на неговиот татко Венцислав има и фирма “Техноенерџи“ за производство на струја и почнала постапка за урбанизирање на земјиште.
Поголемиот дел од земјиштето на кое се планира изградба на фабрика и фотоволтаична централа се во државна сопственост и подрачје на кое има археолошки локалитети.
Од компанијата „Техноинвест“ не откриваат каков објект ќе градат од лесно загадувачка индустрија, ниту ја прецизираат големината на енергетскиот капацитет, кој може да биде до 10 MW.
За изградба на фотоволтаична електрана е потребно одобрение за градба. Имајќи предвид дека планираната фотоволтаична централа е со моќност до 10 MW, тоа значи дека надлежно за издавање на одобрението е токму Министерството за транспорт и врски, со кое сега раководи Благој Бочварски.
Цената на струјата скоро иста, а сметките се повисоки
Речиси да нема граѓани кои за јануари не добиле значително повисоки сметки за потрошена електрична енергија.
Вишата математика со цените на скапата, евтината струја, таксите за пренос, за пристап до мрежа, и.т.н. се неразбирливи за поголемиот дел од граѓаните, но јасно им е дека сумата за плаќање е се поголема.
Се поставува и прашањето колкави би биле сметките за струја доколку не е и наводната субвенција од владата, односно, колкава е реалната цена на струјата.
Според објаснувањето од Регулаторната комисија (РКЕ), за месец јануари дополнителен трошок во сметките за струја е само новата ставка – „пристап до мрежа“, која изнесува 200 денари, односно 236 денари со вклучен ДДВ. Но, некои граѓани за РСЕ се жалат дека во сметките за првиот месец од 2024 покачувањето им е доста поголемо од најавените 200 денари.
Министерот за економија Крешник Бектеши не верува дека има зголемување на цените на струјата во јануари и минатата недела изјави дека цените во блоковите се многу транспарентни и објавени од Регулаторната комисија за енергетика. На граѓаните им порача да се жалат.
„Ако сметаат дека има некоја грешка или злоупотреба граѓаните секогаш имаат право на жалба до РКЕ“, наведе Бектеши.
Фондот за иновации го почестил внукот на Али Ахмети, Дрин, со над 80 илјади евра
Антикорупциската Комисија побара разрешување на раководството на Фондот за иновации. Се сомневаат во незаконитости при доделување на државни пари на фирми на Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Од вкупно 6 милиони денари на еден повик за проекти, пет милиони добиле фирмите на младиот Ахмети.
Антикорупционерот Нури Бајрами, презентирајќи го предметот, побара од Владата да ја преиспита целата работа на Фондот затоа што постои, како што вели, основано сомневање за несовесно и противзаконско работење на сите негови органи. „Ако за двата проекти се доделени 5 милиони денари, а вкупно биле предвидени 6 милиони денари, останува нејасно дали некоја друга компанија воопшто добила пари од Фондот за иновации, изјави Бајрами.
Дрин Ахмети и стана познат на македонската јавност по објавување на договорот за купопродажба на бизнис центарот Соравиа во Скопје, вреден над 30 милиони евра.
Името на Дрин Ахмети повторно се појави во јавноста и кога вечерта пред Нова година, беше приведен од специјалната полициска единица Тигар затоа што во автомобил марка „ренџ ровер“ било пронајдено поголемо количество петарди.
Неговиот брат Бесијан Ахмети беше предмет на разгледување во Антикорупциската комисија поради тоа што како помлад соработник за геолошки истражувања во Министерството за економија, со измени на закони, му се овозможило да стане секретар во амбасадата во Брисел и претходно да биде назначен за економски промотор во Хаг.
Кој пат ќе го фати Алијанса за Албанците?
Јавните конфронтирања помеѓу актуелниот и поранешниот партиски лидер, физички пресметки помеѓу двата табора, оставањето порака со неиспукан куршум пред врата, разрешување директори и можни разрешувања на министри во изминатите денови ги насочија сите погледи на политичката сцена кон Алијанса за Албанците (АА).
Ескалацијата на внатрепартиските тензии доаѓа во период кога партијата, која е актуелен партнер во владата, одлучува како ќе се позиционира за претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај. На која страна ќе натежне вагата во Алијанса, сметаат политичките аналитичари, може да биде клучно за тоа кој ќе влезе во идната влада.
Лидерот на партијата Арбен Таравари смета дека треба да му се приклучат на опозицискиот блок „Европски сојуз“, во кој се Билал Касами (Беса), Африм Гаши (Алтернатива) и Изет Меџити (Демократско движење).
Претходниот лидер и актуелен претседател на партиското Собрание, Зијадин Села, е на став дека треба да се настапи самостојно, што се толкува во отворена или скриена соработка со ДУИ.
Поделени се и министрите за правда, за здравство и за информатичко општество, кои се од Алијанса - Кренар Лога, Фатмир Меџити и Азир Алиу. Лога го подржува ставот на Села, а Меџити и Алиу се за насоките на Таравари.
Иако Таравари одржа состанок во Куманово со партиски истомисленици, на кој било одлучено Алијанса да оди со опозициониот блок партии, дефинитивно во кој правец ќе се движи партијата се очекува да стане јасно по седницата на Централното собрание, која Зијадин Села ја свика за в сабота (10 февруари) кога, како што најави, ќе се одлучува за одговорноста на Таравари како претседател.
Продавач на списанието „Лице в лице“: „Никој не веруваше во мене, но јас успеав“
Деветнаесетгодишниот Кристијан Пешевски веќе една година на скопските улици го продава списанието „Лице в лице“. Списанието го промовира моделот на социјално претприемништво за лица од ранливи категории.
Ова искуство, вели Кристијан, му го сменило животот на многу подобро. Има нови познанства, финансии за остварување на желбите, но и чувство дека оди во добар правец.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Некој ни по низина, а некој на вулкан со велосипед
Никола Нешкоски, планинар, велосипедист, екологист и едукатор. Личност која ужива во предизвици, но и човек кој сака младите да ги научи на здрав живот, на спорт и на љубов кон животната средина. Со него во поткастот Зошто разговараме за задоволствата, успесите, но и предизвиците со кои тој се соочува во остварувањето на неговата мисија.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5