„Набуко“ од Верди за затоплување на односите меѓу Скопје и Софија

Илустрација.

Посетата на Сиљановска-Давкова на Софија е дел од културна дипломатија преку која може да се затоплат заладените односи со Бугарија, сметаат дипломатите, и да се создаде атмосфера во која би се отвориле и чувствителни прашања. Официјална потврда за средба на двата претседатели, стигна и од нивните кабинети. Во меѓувреме владата во Скопје прави обиди да ја убеди ЕУ за уставни измени со одложено дејство.

Борбата на Израелците против Набуко, кралот на Вавилон, која завршува со негово преобраќање и обединување на Израелците и Вавилонците ќе ги „обедини“ и претседателите на Северна Македонија и Бугарија, Гордана Сиљановска-Давкова и Румен Радев.

Гостувањето на Националната опера и балет со „Набуко“ од Џузепе Верди во Софија в петок, 13 септември, ќе ја однесе и претседателката Сиљановска-Давкова во бугарската престолнина што ќе биде искористено и за нејзината прва средба со Радев по стапувањето на функцијата во мај годинава.

Потврда за средбата, на 12 септември, испратија од кабинетите и на Сиљановска-Давнова и на Радев.

Последната официјална средба на претседатели на двете држави се одржа во октомври 2022 во Софија, каде Радев се сретна со тогашниот шеф на државата Стево Пендаровски.

Сегашната посета на Сиљановска-Давкова, нема да донесе чудо, само е дел од таканаречената културна дипломатија која, според дел од дипломатите, ќе донесе затоплување на заладените односи меѓу двете држави.

„Тоа е една добра форма за затоплување на односите и создавање една подобра атмосфера во политичката комуникација и секако дека како нова претседателка на Македонија, Сиљановска-Давкова има сопствена иницијатива за подобрување на нашите билатерални односи што е во рамките на нејзините надлежности“, вели за Радио Слободна Европа, поранешниот вицепремиер за европски прашања и ексамбасадор во САД, Васко Наумовски.

Видете и ова: Историската комисија со Бугарија со нови луѓе ќе се справува со стари политички проблеми

Својот пристап кон источниот сосед Сиљановска-Давкова го најави на Мајските оперски вечери во Скопје кога од публика ја проследи изведбата на „Валкира“ на софиската опера и балет.

„Уживам во културна дипломатија и верувам дека таа е помоќна од традиционалната“, рече претседателката тогаш за бугарските медиуми.

Во Бугарија со неа ќе бидат и министрите за надворешни работи и надворешна трговија и за култура и туризам, Тимчо Муцунски и Зоран Љутков.

И Муцунски во пресрет на патувањето, на 10 септември, за посетата рече дека е „користење на културната дипломатија како алатка за подобро разбирање меѓу двете држави во период кога постои една непотребна тензија во билатералните односи“.

Следува отворање на чувствителните прашања?

А, затоплувањето на односите меѓу двете држави е еден од аспектите кои и даваат важност на оваа посета. Тука се и евроинтеграциите на Северна Македонија. Посетата доаѓа во период кога по промената на власта во Скопје, Северна Македонија најавува обиди за промена на условите за продолжување на преговорите со Брисел – уставните измени за вметнување на бугарската заедница во Преамбулата од Уставот кои треба да ги изгласа македонскиот парламент, наместо веднаш, да стапат на сила во моментот кога земјата ќе стане членка на ЕУ.

„Верувам дека после оваа посета ќе имаме една шанса за нови посети, нов начин на комуникација, зачестени средби кои евентуално може да резултираат со некаков напредок во иднина“, вели Наумовски.

И амбасадорот Мухамед Халили посочува дека посетата е продолжена активност во рамки на т.н. културна дипломатија на Сиљановска-Давкова и смета оти со ваквите заеднички настапи на претседателите на двете држави се создава пријателска клима за понатамошен дијалог за чувствителните прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија. Според него, добро е и што Муцунски патува во Софија за да се создадат „мостови на комуникација“, без разлика дали таму има техничка или политичка влада.

„Мое мислење е дека заемниот билатерален контакт основан врз личните сознанија и искуства е многу покорисен отколку да спроведуваш туѓи искуства на поранешни влади во кои не си бил учесник односно соучесник на разни договори или преговори. Согласно личните искуства кои ќе ги разменат, потоа ќе се изгради заеднички владин став, тука подразбираме и консултација на опозицијата, а се со цел на крај проблемот да се реши во полза на брзо зачленување на државата во ЕУ“, вели Халили.

Видете и ова: Релациите со соседите само на маргините на самитот на НАТО

Северна Македонија чека политичка влада во Бугарија за разговор

Но, дали тоа ќе донесе напредок или не, зависи и од бугарската страна каде Скопје засега не гледаат кредибилен соговорник во техничка влада.

Во Бугарија на 27 октомври ќе се одржат седми по ред парламентарни избори во последните три години бидејќи досега ниту една партија не можеше да формира стабилна Влада. Во моментов, со земјата раководи техничка влада.

Од тие причини, според премиерот Христијан Мицкоски, сега „апсолутно ништо не може да се случи во преговорите со Бугарија“.

„Да почекаме да се случи таму политичка Влада, за да видиме дали постои желба за дијалог. Ние сме подготвени да разговараме, сакаме да разговараме и тоа го пренесуваме на нашите соговорници, кои доаѓаат од Брисел. Инаку што се однесува до нашите предлози, тие во јавноста се познати, коментирани многу пати до сега“, изјави Мицкоски на 11 септември.

Последна официјална средба на премиери од двете држави, исто како и во случајот со претседателите, имаше во октомври 2022 кога тогашните претседатели на владите, Димитар Ковачевски и Галаб Донев, присуствуваа на церемонија за продолжување на градбата на на пругата кон Бугарија.

Видете и ова: Агелер: Нема одново преговори ниту за Преспа, ни со Бугарија за ЕУ

Можна ли е одложена примена на уставните измени?

Тој на 19 септември ќе патува за Брисел кога, како што најави ќе го претстави предлогот за одложена примена на уставните измени.

Во меѓувреме, шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, вели дека за евроинтегративниот пат на земјава разговарал со неколку негови европски колеги – од Австрија, Хрватска, Унгарија, Холандија … За ова разговараше и со италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Антонио Тајани кој пред два дена беше во официјална посета на Северна Македонија, но не даде прецизен одговор дали Италија би поддржала промена на преговарачката рамка.

„Ќе ги почекаме предлозите и формулациите на Република Северна Македонија. Мислам дека се дискутира на оваа тема, треба секако да се најде договор со Брисел, ние секако го поддржуваме дијалогот и од стратешки аспект ќе продолжиме да го поддржуваме пристапувањето на Република Северна Македонија во што поскоро време“, одговори Тајани во Скопје.

Муцунски, пак, не смета дека за одложена примена на уставните измени се потребни промени ниту на преговарачката рамка ниту на заклучоците од Брисел.

„Тоа е прашање на правно толкување. Јас, на пример, сум застапник на ставот е дека тоа може да се направи без никаква промена. Ние имаме за цел прво да имаме предвидлив пат кон европските интеграции, а второстепено и да ја заштитиме политиката на проширување врз основа на вредности и принципи“, рече Муцунски на 10 септември.

Видете и ова: Изборите ги засенија уставните измени

Бугарската страна, пак, досега испраќаше јасни пораки дека без разлика каква Влада има во Софија, нивните позиции не се менуваат и очекуваат исполнување на договореното.

Пораките од Брисел, пак, досега беа јасни дека нема услови за промена на преговарачката рамка.

„Не гледам можност за промена на преговарачката рамка и таа позиција не е променета по изборите“, беше една од изјавите што евроамбасадорот Дејвид Гир, чиј мандат заврши неодамна, дадена по средба со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, на 1 јули годинава.

Бугарија во ноември 2020 година стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.

Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање. По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.