Достапни линкови

Изборите ги засенија уставните измени


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Ако партиите договорат датум за избори без да ги направат уставните измени, уште повеќе ќе се влоши политичката и економската состојба во државата, оценуваат политички аналитичари. Според нив, се повеќе станува јасно дека тоа нема да се случи во овој парламентарен состав, но со тоа Северна Македонија ќе прати лоша порака до нејзините партнери во ЕУ и САД.

Додека најголемите политички партии периодов интензивно размислуваат за датуми за претстојните претседателски и парламентарни избори, се чини дека останува во втор план прашањето за уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата.

Роковите што власта ги планираше за уставните измени беа да бидат направени до крајот на годината, кога се очекува да заврши скрининг процесот на Европската комисија (ЕК) за Северна Македонија. Во меѓувреме процесот за уставните измени во Собранието беше започнат на 18 август, но собранискиот спикер Талат Џафери ја прекина седницата со оглед дека вледејачката коалиција на СДСМ и ДУИ засега не успева да го обезбеди двотретинското мнозинство неопходно за отворање на Уставот. Во вакви услови периодов почнаа жестоки изборни препукувања и според изјавите на власта и опозицијата, сега императив е да постигнат консензус за датум на изборите.

Според ова „станува јасно“ дека во овој парламентарен состав не може да се дојде промена на Уставот во рокот до завршување на скринингот на ЕК, до крајот на 2023 година, за да може да почнат преговорите по кластери со Европската унија, вели за РСЕ Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

„Сега станува јасно дека тоа не може да се случи, односно не може да се случи на нормален начин. Може да се проба со закани и со поткуп и изгледа дека тоа се пробува, меѓутоа изгледа дека ниту тоа не може да помине во овие услови, како што помина за Преспанскиот договор. Јас и лани кажав веднаш штом Владата се согласи на промена на Устав, да се отпочне постапката и уште минатата година да имавме јасно дали тоа ќе помине или не и ако не помине, да се оди на избори“, вели Кржаловски.

Премиерот Димитар Ковачевски иако викендов повторно го повтори ставот на владејачката партија СДСМ изборите да бидат одржани во редовен термин, истакна дека може да се разговара во Собранието за времето кога би се одржале.

„Сметам дека тука треба да седнат претставници на политичките партии на работно ниво кои што ќе можат да разговараат за деталите“, рече Ковачевски.

На ова лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски одговори дека прифаќа да бидат направени работни групи кои ќе договараат датум за изборите.

„Нема проблем прифаќаме се' и во Собрание нека биде, еве работни групи нека седнат нека разговараат“, рече Мицкоски кој бара лидерска средба за дефинирање на датумите, бидејќи дискусии се водат дали претседателските и парламентарните избори да се одржат посебно или во еден ист термин.

Ковачевски смета дека нема потреба од лидерска средба, исто како и лидерот на ДУИ Али Ахмети кој е негов коалиционен партнер во Владата. Ахмети на 10 октомври рече дека во моментов парламентарни избори не се решение.

„Приоритет над приоритетите е како да се постигне договор за уставните измени и одржувањето на меѓувладината конференција, што треба да се одржи на крајот на оваа година“, рече Ахмети.

Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека ќе свика лидерска средба ако има договор меѓу партиите.

„Ако има разговори, тие би требало да завршат најдоцна до крајот на година. Се потоа ќе значи течење на роковите и постапките предвидени со закон и Устав за редовните избори“, рече Џафери.

Според политичкиот аналитичар Башким Селмани, изјавите на власта се знак дека во моментов не можат да ги обезбедат гласовите за уставните измени и во таква ситуација изборите се единствена опција. Сепак, тој посочува на ризик дека избори без уставни измени ќе значи дополнително влошување на состојбата на политички и економски план во државата, која, како што вели ќе прати и лоша порака до партнерите во ЕУ и САД.

„Доколку се оди на нови избори тогаш државата ќе добие друга насока и уште повеќе ќе се продлабочи политичката и економската криза. Ние како граѓани се надеваме дека ќе се најде некакво решение за да бидеме дел од Европската унија. Доколку партиите не најдат решение, тогаш во иднина ќе биде уште полошо, и на економски и на политички план“, вели Селмани.

За разлика од ставот ДУИ, опозициската Беса го поддржува барањето на останатите партии од опозицијата за предвремени избори. Претседателот на Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами повика власта што побрзо да свика лидерска средба за да се договори термин за избори, додавајќи дека според него, поисплатливо е претседателските и парламентарните избори да се одржат заедно.

Според законските рокови, редовните претседателски избори треба да се одржат до април 2024 година, а парламентарните во јули следната година. Северна Македонија летото 2022 година ги почна пристапните преговори со ЕУ земјата откако делумно беше надмината блокадата на Бугарија со потпишувањето на францускиот предлог, но услов за официјалното отворање на поглавјата е Бугарите да влезат во Уставот на Северна Македонија. Во моментов ЕУ прави скрининг на 33 поглавја за пристапување и тоа треба најверојатно да заврши наесен, до кога беше планот на власта да ги направи уставните измени.

„Калкулирањето беше со завршувањето на скрининг процесот и ЕУ да констатира дека сме го исполниле условот и дека можеме да ги почнеме преговорите по кластери. Очигледно тоа нема се случи и најверојатно Албанија ќе ги почне тие преговори, а ние ќе останеме да го исполниме тој услов за уставните измени најверојатно со новиот состав на Парламентот“, вели Кржаловски.

Сличен е и ставот на претседателот на државата Стево Пендаровски, кој пред неколку дека изјави дека доколку не биде обезбедено двотретинско мнозинство за уставните измени до крајот на годината, за нив да одлучува идната коалиција во новиот парламентарен состав.

„Ако немаме шанса да дојдеме две третини, ако под претпоставка не можеме да го направиме ова првото денес, утре, задутре, до крајот на годината, да ја мавнеме таа работа, да ја ставиме ад акта и да му дозволиме на утрешниот парламентарен победник и коалиција да се занимава со тоа прашање“, изјави Пендаровски за ТВ Телма.

Во услови кога власта не може да обезбеди 80 пратеници за отворање на Уставот, опозициските партии обвинуваа дека власта тоа сака да го направи со измените на Кривичниот законик, кои според нив, биле направени во договор со поранешниот премиер Никола Груевски, кој наводно со нив требал да биде ослободен од кривичен прогон во замена да го обезбеди бројот на пратеници кои ѝ недостасуваат на власта за уставните измени.

Додека опозициските партии ја обвинуваат власта, владејачкиот СДСМ реагира дека тој доколку се врати веднаш ќе биде уапсен. Но, министерот за надворешни работи и висок функционер на ДУИ Бујар Османи, изјави дека од безбедносен аспект не било добро поранешен премиер да биде „во рацете на друга држава“, додавајќи дека според него најдобро би било ако Груевски овде би се справувал со судските процеси коишто ги има.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG