Достапни линкови

Скопје на изјавите од Софија - аргументирано или остро?


Македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија
Македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија

Македонските политичари воздржано одговараат на изјавите од бугарските колеги. Поранешните амбасадори Огнен Малески и Васко Наумовски сметаат дека треба да се има балансиран и аргументиран одговор. Стојко Стојков од ОМО Илинден Пирин, пак смета дека ваквиот однос не носи ништо добро.

Континуираните изјави на повеќе бугарски политичари, најчесто оние поврзани со македонскиот идентитет, дел од јавноста ги доживува како навреда. Македонската влада возвраќа дека за македонскиот идентитет не преговара, а голем дел од изјавите на бугарските владини претставници веќе извесен период ги поврзува со предизборен фолкор пред гласањето што кај источниот сосед треба да се одржи во април.

Според поранешниот амбасадор Огнен Малески гледано димпломатски односот на македонската влада е добар, зошто вели дека ако се одговара со ист тон ќе се подигне температурата и атмосферата ќе се влоши.

„Проблемот е што постои и нешто што се вика домашна јавност, она што се нарекува внатрешен аспект, домашна јавност, која очекува соодветно да се реагира на таквата провокација од другата страна и тука треба да се изнајде баланс“, вели Малески.

Последен пример во низата изјави од бугарските политичари е мапата што ја сподели бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер Красимир Каракачанов. Тој со карта во која се целата денешна територија на Македонија, делови од Србија и мал дел од Албанија честиташе 8 март. Во договорот за добрососедство потпишан меѓу двете земји во 2017 година се наведува дека „двете Договорни страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга.“

На ова реагираше претеседателот Пендаровски, кој оцени дека е прекршување на договорот, а премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Никола Димитров, инсинуираа дека ќе се воздржат од пожестоки коментари оти тоа било дел од предизборниот бугарски фолклор.

Според Васко Наумовски, поранешен вицепремиер и амбасадор на Македонија во Соединетите Американски Држави пристапот што го има избрано владата не само во овој случај туку и во други случаи е да не реагира жестоко кога „ќе бидеме предмет, би рекол, на понижување и исмејување од страна на Бугарија“.

„Тој пристап секако дека не придонесува за зајакнување на нашите позиции и мислам дека би требало аргументирано да се одговори без притоа да се влезе во еден магичен круг на бесконечни навреди и препукувања имајќи предвид дека оваа тема се злоупотребува во предизборната кампања во Бугарија“, вели Наумовски.

Борисов е вознемирен од резолуција на ЕП за македонското малцинство
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:58 0:00

Стојко Стојков, копретседател на здружението на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин, пак, на ваквиот однос на македонските владини претставници гледа негативно. Смета дека колку повеќе се молчи, толку повеќе вели им се дава право на бугарските политичари да настапуваат со агресивни изјави.

Стојков- односот на македонската влада кон Бугарија, обесхрабрува
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:00 0:00
Директен линк

„Не само што не и помага на Македонија таквото однесување, не само што ја охрабрува Бугарија, меѓутоа и ги обесхрабрува сите оние во Бугарија кои што се пријателски расположени кон Македонија, кои повикуваат на умерена и разумна политика бидејќи се покажува дека политиката на порадикалните струи во бугарското општество против Македонија е правилна и успешна“, вели Стојков.

Според него, позициите на официјална Софија немаат никаква врска со престојните избори, оти како што вели тие се исти од времете на поранешниот комунистички бугарски лидер Тодор Живков.

Инаку, официјална Софија често има забелешки дека Скопје го крши Договорот за добрососедство кој го потпишаа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов. Бугарското Министерство за надворешни работи тврди дека македонската страна го прекршила договорот во неколку области меѓу кои- формулациите за историјата и јазикот, застој во работата на историската и меѓувладината комисија, поддршка на претензиите за признавање на македонското малцинство во Бугарија, говор на омраза и пречки за бугарскиот бизнис во Северна Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG