Нема веќе „балансер“, ќе има правична застапеност
Балансирање е урамнотежување на силите со додавање или одземање за да се постигне рамнотежа. Се балансираат и пневматици на автомобили, па и „резервните“ е потребно да се балансирани, а баланс е потребен и за одење по жица.
Балансерот, беше и алатка во државата, која се користеше при вработувањето во јавната администрација со цел да има соодветна и правична застапеност на етничките заедници, функционираше, но, со тек на времето се претвори и во средство за манипулации при вработувањата. Уставниот суд неделава го укина.
Претседателот на Уставен, судијата Дарко Костадиновски рече дека одлуката што ја донеле исклучиво се темели на уставно-правна анализа.
„Секоја афирмативна акција има времен карактер додека не се постигне легитимната цел. Кога ќе се постигне легитимната цел таа почнува да продуцира класична дискриминација. Тоа е случајот со овој предмет“, изјави Костадиновски.
Додаде дека: „Манипулација е дека судот со своето постапување по ова или кој друг предмет може да ги наруши етничките односи или да биде повод за дестабилизација. Политичарите не треба да ги етнизираат и политизираат одлуките“.
Но,опозициската ДУИ, на вонредна прес-конференција пред Уставниот суд, заедно со стотина симпатизери на партијата, оцени дека одлуката на Уставниот суд е тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот договор и врз мултиетничката стабилност на државата.
Во меѓувреме, од владиниот коалициски партнер Вреди (ВЛЕН) најавуваат дека наскоро и официјално ќе биде предложен нов Закон за правична застапеност кој досега се претставуваше како решение со кое балансерот ќе се унапреди. Засега, ваквиот „алтернативен закон“ не е познат во јавноста.
„Неизбалансирани“ насилства меѓу младите
Насилства и напади меѓу младите, секојдневно ги полнат полициските билтени. Дел од жртвите, велат дека страв им е и да пријават за да не им се одмаздат. Граѓаните, според анкетите, бараат зголемено присуство на полицијата.
Од полицијата велат дека на дневна основа преземаат активности согласно Законот за полиција, кои се однесуваат на заштитата на животот, сигурноста и имотот на граѓаните, спречување на кривични дела и прекршоци, одржување на јавниот ред и мир итн.
„Како критични места во Скопје, каде се вршат кривични дела и прекршоци во однос на врсничко насилство, може да се посочат местата во близина на средни училишта, Градски трговски центар, Трговски центар Бисер, Градски парк, плоштади, паркови, автобуски постојки“, велат од МВР за РСЕ.
Одговорот „зголемен број на полициски патроли“ бил најчестиот што го дале граѓаните на прашањето „Како би сакале полицијата да ве опслужува“, во последното испитување на јавното мислење за работата на полицијата што го спроведе Евротинк – Центар за европски стратегии, во јануари и февруари годинава.
Но, за задоволување на овие барања, како што забележуваат од Евротинк, има одредени пречки.
„Некои од идентификуваните пречки за функционирањето на полицијата во заедницата се: недоволно капацитети, недоволно обуки, недоволна комуникација со општината, недоволно финансиски средства, несоодветно распоредување според потребите на регионот“, вели за РСЕ, Фросина Крушкаровска, која била дел од овој проект на Евротинк.
Дисбаланс меѓу правото на чист воздух и обврските на државата
Граѓаните, во постапка пред Управниот суд можат да бараат да се задолжат надлежните органи да ги донесат сите потребни мерки од Законот за квалитет на амбиенталниот воздух и да тужат во управна постапка ако им е загрозено здравјето, одлучи на седница Врховниот суд на Северна Македонија.
Ваквиот став на Врховниот суд следува откако Управниот суд во неколку наврати ги одби тужбите на граѓани дека Северна Македонија не презема мерки за заштита на животната средина. Со начелниот став се задолжува Управниот суд да постапува поинаку од досегашната пракса.
Видете и ова: Граѓаните ќе може да ја тужат државата пред Управен суд поради загаден воздухИницијативата пред Врховниот суд за утврдување на начелно правно мислење беше поднесено од Адвокатско друштво од Охрид во 2023 година.
Пред донесувањето на начелното правно мислење, претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми истакна дека пристапот до здрава животна средина е фундаментално човеково право и е загарантиран со Уставот на државата и дека е поврзан со унапредување на здравјето на граѓаните.
Официјалните податоци на државниот мониторинг секоја година покажуваат дека градовите како Скопје, Битола и Тетово имаат високи концентрации на ПМ2,5 и ПМ10 честички, особено во зимските месеци.
Според податоците кои ги презентираше претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, добиени од судовите во кои се воделе постапки за кривични дела против животната средина, во последните четири години судовите имаат донесено 242 правосилни пресуди, со кои се осудени 280 лица. Пресудите се однесуваат на парични казни, затворски или алтернативни санкции. Поголемиот дел се кривичните дела се извршени со умисла, а некои од небрежност, рече Адеми.
„Темпирана бомба“ во Скопје
Линданот е пестицид кој некогаш се користел во земјоделството, а се правел во ОХИС, хемиски гигант каде се произведуваа и прашоци за перење, сјај, бои, лакови…
Линданот таму се произведуваше од 1964 до 1977 година.
Линданот се смета за токсична канцерогена супстанца која го загадува воздухот, почвата и подземните води. Во светот тој е забранет за користење од 2006 година.
Неговото склaдирање во кругот на поранешната фабрика, го направи ОХИС „темпирана бомба“ за Скопје. Според податоците, кои во своите истражувања од минатите години ги наведе Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (УНИДО), потенцијално изложени на линданот секојдневно се 470.000 жители на главниот град, со можни канцерогени ефекти врз нивното здравје, како што е рак на црн дроб или на бубрези, но и болести на имунолошкиот систем и други не-канцерогени ефекти.
Видете и ова: Фалат уште 7 милиони евра за да се исчисти малата депонија во ОХИСИма неколку депонии. Малата депонија во која проценките беа дека има вкупно околу 13 илјади тони линдан, е само помалиот дел од работата. Тука е и големата депонија за која се претпоставува дека има 50 илјади тони линдан. Но, и месноста Пеленица во скопско Драчево, каде, исто така, се фрлал линдан, а за каде истражувањата покажаа дека тлеат 40 илјади тони контаминирана почва.
Но, што и како ќе се прави, во моментов нема одлука. Ќе се чека прво да се исчисти малата депонија. Планови има, пари нема.
Проценките на доскорешниот директор на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски, беа дека за чистење на големата депонија кај ОХИС сигурно ќе требаат некаде околу 60 милиони евра, а исто толку и за Пеленица“.
Иако се смета дека е најопасна, ОХИС не е единствената депонија која важи за жешка точка во Северна Македонија. Власта, пак, најавува нова стратегија за справување со нив.
„За жал, не е само линданот во ОХИС. Слично е и со Југохром со отпадот кој е штетен и ризичен. Исто е и со Ваксинце-Лојане, со Велес. Работиме на поширока стратегија како да се спасиме од овие штетни отпади“, вели министерот за животна средина, Изет Меџити, за РСЕ.
Јапонецот Казухиро Котецу на мисија да ја шири македонската песна низ светот
Јапонскиот оперски пејач, Казухиро Котецу, пред 11 години за првпат пред македонска публика ја испеал „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“. За време на пандемијата се присетил на емотивната реакција на публиката за време на првиот настап и почнал да истражува повеќе. Денес, во репертоарот има песни за целовечерен концерт со македонска музика, каков што одржа неодамна во Скопје.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org