Иран лансираше проектили кон Израел

Израелската војска соопшти дека Иран истрелал проектили врз Израел, додека сирените за воздушен напад се слушале низ целата земја, а на жителите им било наредено да се засолнат, јавуваат неколку меѓународни новински агенции.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија на мрежата X дека биле истрелани проектили, а иранската официјална новинска агенција ИРНА на Телеграм објави дека лансирала десетици балистички ракети кон Израел.

Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари рече дека армијата нема информации за повредени во нападот, но објави околу еден час по нападот дека е безбедно за Израелците да ги напуштат засолништата. Тој го опиша нападот како сериозен и рече дека ќе има „последици“.

Еден Палестинец загинал од пресретнат проектил, изјави градоначалникот на градот Ерихон, окупиран од Израел, на Западниот Брег, додека израелската полиција извести дека најмалку шест лица загинале, а девет се ранети во напад со пиштол и нож во Тел Авив.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Иранските проектили ја активираа израелска воздушна одбрана

Американскиот претседател Џо Бајден ѝ наредил на американската војска да помогне во соборување на иранските ракети, соопшти Белата куќа по почетокот на нападот.

Бајден и американската потпретседателка Камала Харис го следат нападот од Белата куќа и добиваат редовни ажурирања, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност Шон Савет на мрежата Х.

Видете и ова: Голем број на повредени во вооружен напад во Тел Авив

Ројтерс, Би-Би-Си, Си-Ен-Ен и АП, меѓу другите агенции, објавија дека биле истрелани проектили од Техеран на 1 октомври и покрај предупредувањата од Вашингтон и Израел дека ќе има „тешки последици“ доколку го стори тоа.

Претходно на 1 октомври, израелската војска соопшти дека започнала „целни и прецизни“ напади во Либан во, како што го нарече „ограничен“ копнеен упад што започна во текот на ноќта, додавајќи дека нејзините војници биле вклучени во „тешки борби“ со Хезболах.

Израелскиот противракетен систем „Железна купола“ пресретнува ракети, гледано од Ашкелон, Израел, 1 октомври 2024 година

Иран вети дека ќе се одмазди за израелските воздушни напади во последниве недели во кои загинаа највисокото раководство на неговите сојузници од Хезболах во Либан, вклучително и Хасан Насрала - шефот на милитантната група која САД ја прогласија за терористичка организација.

Европската унија го стави на црната листа на своето вооружено крило, но не и неговата политичка партија, која има места во либанскиот парламент.

Видете и ова: Висок претставник на САД вели дека Иран подготвува балистички ракетен напад врз Израел

Иран се подготвува „неизбежно“ да изврши напад со балистички ракети врз Израел, претходно соопшти висок претставник на американската администрација кој предупреди на „тешки последици“ доколку се случи.

Сирените за воздушен напад се огласија во централниот дел на Израел на 1 октомври, откако портпаролот на израелската војска рече дека потенцијалниот ракетен напад се очекува да биде широко распространет.

Американскиот функционер, кој сакаше да остане анонимен, рече дека САД активно ги поддржуваат израелските одбранбени подготовки.

Американски бродови и авиони се позиционирани во регионот за да му помогнат на Израел во случај на напад.

Видете и ова: Израелската армија започна копнена акција во јужен Либан

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант претходно разговараше со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин за заканата од напад од Иран, се вели во соопштението на израелското Министерство за одбрана.

Тие разговарале за „оперативната подготвеност на Израел да ги брани своите граѓани и воени средства, како и за положбата на американските сили во регионот“, се вели во соопштението.

Иранските државни медиуми не сугерираа дека е неизбежен напад.

Развојот доаѓа откако израелската војска на 1 октомври ги предупреди луѓето да се евакуираат од речиси дваесетина либански погранични заедници, неколку часа откако објави дека започнува, како што наведе, ограничени копнени операции против Хезболах.

Поектили кои Израел ги пресретнува над Тел Авив на 1 октомври 2024 година.

Израелската војска соопшти дека започнала „целни и прецизни“ напади во Либан во, додавајќи дека нејзините војници биле вклучени во „тешки борби“ со Хезболах поддржан од Иран, милитантната група која контролира голем дел од областа.

Нападите на Израел започнаа и покрај тоа што САД се противеа на таквиот потегот поради стравувања од поширок конфликт на Блискиот Исток.

Хезболах, која беше означена како терористичка организација од страна на Соединетите држави, соопшти дека одговорила на израелската офанзива со истрелување на низа проектили кон Израел, вклучително и на нејзината разузнавачка агенција во близина на Тел Авив.

Претставник на израелската безбедност изјави дека елитните командоси и падобрански единици биле вклучени во упадите во јужен Либан, кои поминале само кратко растојание преку границата.

Видете и ова: Иран е во дилема како да одговори на атентатот на лидерот на Хезболах

Претходно, Авичај Адрае, портпарол на израелската војска, во порака објавена на арапски на Телеграм напиша дека во јужен Либан се водат „тешки борби“.

„За ваша лична безбедност ве замолуваме да не патувате со возила од север кон јужниот дел на реката Литани“, наведе Адрае.

Тој рече дека операцијата е вклучена елитната 98-ма дивизија, која неодамна беше распоредена на северот од Газа, и дека ќе ги таргетира упориштата на Хезболах.

Проектили кои Израел ги пресретнува во близина на северниот град Бака ал-Гарбија на 1 октомври 2024 година.

Израел вети дека ќе го продолжи притисокот врз Хезболах и прогласи воена зона во делови од северната граница со Либан, и покрај повиците од целиот свет за деескалација на ситуацијата.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами рече дека Израел не треба да се „заглави во мочуриште“ во Либан.

Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес изјави дека Израел треба да престане со копнените напади во Либан за да избегне ескалација на конфликтот.

На 30 септември, францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро исто така го повика Израел „да се воздржи од каков било копнеен упад и да го прекине огнот“.

Тој, исто така, го повика Хезболах „да го стори истото и да се воздржи од каква било акција што може да доведе до регионална дестабилизација“.

Видете и ова: Израел ги нападна Хутите во Јемен, расте стравот од сеопфатна војна на Блискиот Исток

Хезболах е означен како терористичка организација од страна на Соединетите држави, додека Европската унија го стави на црната листа неговото вооружено крило, но не и на неговата политичка партија која има пратеници во либанскиот парламент.

„Во согласност со одлуката на политичкиот ешалон, пред неколку часа, ИДФ (израелските одбранбени сили) започнаа ограничени, локализирани и насочени копнени напади врз основа на прецизни разузнавачки информации против терористичките цели и инфраструктурата на Хезболах во јужен Либан“, соопшти ИДФ во соопштение доцна на 30 септември.

„Овие локализирани копнени напади ќе бидат насочени кон упоришта на Хезболах кои им се закануваат на израелските градови, кибуци и заедници долж нашата граница“, рече воениот портпарол Даниел Хагари рано на 1 октомври.

Започнувањето на копнената операција дојде само неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден, на прашањето дали се чувствува удобно што Израел презема таков потег во Либан, рече: „Сега треба да имаме прекин на огнот“.

Подоцна, како што се зголемија тензиите, Белата куќа соопшти дека Вашингтон верува дека начинот за постигнување на израелско-либански прекин на огнот е да се има дипломатска резолуција.

Видете и ова: За Нетанјаху убиството на Насрала бил неопходен чекор, додека Иран бара итен состанок во ОН

Израел во последните неколку недели започна со воздушни напади врз Хезболах, вклучително и ракетни напади во кои беше убиен долгогодишниот водач на групата, Хасан Насрала, а беа убиени и други лидери на Хезболах и членови на санкционирани милитантни групи.

Израелските напади во Либан и Јемен против бунтовниците Хути поддржани од Иран и тврдењата на милитантите од Хезболах кои се сојузници на Техеран, дека пукале во Израел со нивната нова „ракета Нур“ -- за која набљудувачите велат дека можеби е балистичка ракета, доведоа до зголемени стравувања дека може да има сеопфатна војна на Блискиот Исток.

Исто така, Иран соопшти дека нема да распореди сили во Либан или во Појасот Газа за да се бори против Израел поради засилените напади против Хезболах во Либан.

„Нема потреба да се испраќаат дополнителни или доброволни сили на Исламската Република Иран“, рече на 30 септември портпаролот на Министерството за надворешни работи Насер Канани, велејќи дека Либан и борците на палестинските територии „имаат способност и сила да се одбранат од агресијата“.

Видете и ова: Касим: Хезболах ќе избере нов лидер што поскоро

Изјавата на Канани дојде додека Наим Касем, заменик-шефот на Хезболах, во видео порака рече дека замената за Насрала ќе биде избрана „порано, а не подоцна“.

Во пораката тој рече дека изборот ќе се изврши во рамките на редовните механизми на Хезболах. Тој не даде повеќе детали.

Насрала беше убиен минатата недела во израелски воздушен напад врз јужниот команден центар на Хезболах.

Израелската војска, исто така, ги прошири своите напади врз милитантните групи поддржани од Иран, напаѓајќи го јеменскиот пристанишен град Ходеида, кој е под контрола на бунтовниците Хути, сојузници на Техеран, иако ги интензивираше воздушните напади врз упориштата на Хезболах во јужен Бејрут и на други места во Либан.

Загубите што ги претрпе Хезболах се чини дека се најтешки откако Корпусот на Исламската Револуционерна Гарда на Иран помогна во создавањето на милитантната група во 1982 година за да се успори израелската инвазија на Либан.

Насрала се приклучи на Хезболах за да се бори во тој конфликт и во 1992 година стана негов водач, градејќи ја групата како најмоќна воена и политичка сила во Либан.