Достапни линкови

Вести

Касим: Хезболах ќе избере нов лидер што поскоро

Наим Касем, заменик шеф на Хезболах
Наим Касем, заменик шеф на Хезболах

Хезболах „во првата можност“ ќе избере наследник на убиениот генерален секретар Сајед Хасан Насрала и ќе ја продолжи борбата против Израел, изјави на 30 септември заменик-шефот на групата поддржана од Иран, Наим Касем.

Како што јавува Ројтерс, тој ова го изјавил во телевизиски настап, што е прво појавување на функционер на Хезболах, чие воено крило САД го смета за терористичка организација, откако беше убиен Насрала.

Хезболах, милитантната група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан, рече дека Насрала бил убиен во израелските воздушни напади врз главниот град Бејрут на 27 септември.

Смртта на Насрала е „голема загуба и срам“ за Иран, рече Али Фатолах-Неџад, директор на Центарот за Блискиот Исток и глобален поредок со седиште во Берлин.

Тоа е „најтешкиот удар за регионалната позиција на Техеран“ од убиството на иранскиот врховен командант Касем Сулејмани во американски воздушен напад во Ирак во 2020 година, изјави Фатолах-Неџад претходно за Радио Фарда, иранскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Насрала беше избран за шеф на Хезболах кога имаше 32 години. Со значителна финансиска и политичка помош од Техеран, тој го претвори Хезболах во моќен политички и воен ентитет во Либан и главен играч во регионот.

види ги сите денешни вести

Шест лица загинаа во напади во јужен Иран

илустрација
илустрација

Шест лица загинале во два напади во јужен Иран, јави иранската државна телевизија.

Се додава дека меѓу убиените се локалниот командант на Револуционерната гарда, двајца нејзини доброволци и претседателот на градскиот совет.

Првиот напад се случил по училишна прослава во Никшахар, 1350 километри југоисточно од Техеран, додека двајца полицајци беа убиени во напад во Каш.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападите.

Претходно во септември, четворица граничари беа убиени во два напади во Иран. Одговорноста за еден од нив ја презеде Џаиш ал-Адл, група која бара поголеми права за етничкото малцинство Балочи.

Провинцијата Белуџистан е еден од најнеразвиените делови на Иран, граничи со Авганистан и Пакистан и претежно населена со сунитски муслимани.

Тоа е место на повремени судири меѓу милитантните групи и шверцерите на дрога со иранските власти.

Германија уапси кинеска државјанка осомничена за шпионажа

илустрација
илустрација

Германските власти уапсија кинеска државјанка осомничена дека пренесувала информации за аеродромот во Лајпциг на човек осомничен дека шпионирал за Кина.

Како што соопшти федералното обвинителство во Германија на 1 октомври, Иаки Кси била уапсена во понеделник (30 септември) во Лајпциг под сомнение дека на кинеската разузнавачка служба и давала информации за летови, патници и товар, вклучително и воена опрема.

Се наведува дека таа е вработена во логистичка компанија која обезбедува услуги и за аеродромот Лајпциг/Хале, кој главно е центар за карго.

Соопштено е дека податоците на кои се однесува овој случај првенствено вклучуваат информации за транспорт на воена опрема и луѓе поврзани со германска одбранбена компанија.

Обвинителите тврдеа дека меѓу август 2023 година и средината на февруари, осомничената постојано му пренесувала информации на Џијан Гуо, германски државјанин уапсен во април, кој бил соработник на десничарскиот европратеник Максимилијан Крах.

Се вели дека Гуо бил обвинет дека работел за кинеската разузнавачка служба и пренесувал информации за преговорите и одлуките во Европскиот парламент, како и за следење на кинески дисиденти во Германија.

Во текот на истрагата е извршен претрес на станот и на работното место на осомничената, а судот и одреди мерка притвор до поднесување на обвинението.

update

Руте вети силна поддршка за Украина

Марк Руте, генерален секретар на НАТО
Марк Руте, генерален секретар на НАТО

Поранешниот холандски премиер Марк Руте вети силна поддршка за Украина откако денеска и официјално ја презеде функцијата шеф на НАТО. Тој застанува на чело на Алијансата во клучно време во историјата на воениот сојуз, односно додека руската инвазија на Украина се приближува до 1000-тиот ден.

Руте, најдолготрајниот премиер во историјата на Холандија, се сретна со генералниот секретар во заминување Јенс Столтенберг во седиштето на НАТО во Брисел, каде што положија венец на починатите припадници од Алијансата додека беа опкружени со знамињата на нејзините 32 земјите членки.

„Не може да има трајна безбедност во Европа без силна, независна Украина“, рече Руте во салата во својот прв говор на функцијата, потврдувајќи ја заложбата преземена од лидерите на организацијата во 2008 година дека „заслуженото место на Украина е во НАТО".

„Мораме да се погрижиме Украина да преовладува како суверена, независна, демократска нација“, им изјави Руте на новинарите потоа.

НАТО, основан во 1949 година за да одврати и да се брани од каков било напад врз нејзините членки во Западна Европа од страна на Советскиот Сојуз, повторно се најде во дипломатското внимание поради војната во Украина и Русија, предводена од нејзиниот претседател Владимир Путин.

Се чини дека Руте ужива блиски односи со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот лидер го поздрави преземањето на кормилото на Алијансата од страна на Руте, велејќи дека „со нетрпение очекува да работат“ заедно на зајакнување на евроатлантската безбедност додека Украина продолжува на својот пат кон полноправно членство во НАТО.

„Само заедно, Украина и нејзините сојузници, можеме вистински да гарантираме мирна, стабилна и безбедна Европа“, напиша Зеленски на платформата X.

Но, 57-годишниот политичар роден во Хаг, сега се соочува со незгодно прашање, а тоа е дали Украина ќе добие покана за членство во НАТО.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите во Москва изјави дека Путин добро го познава Руте од претходните состаноци и дека не се очекува промена во политиката.

„Нашите очекувања се дека Северноатлантската алијанса ќе продолжи да работи во истата насока во која работеше“, рече тој.

„Едно време постоеја надежи за можност за градење добри прагматични односи, барем се водеше таков дијалог, но знаеме дека Холандија зазеде прилично непријателска позиција, став за целосно исклучување на какви било контакти со нашата земја“, додаде тој.

Дополнително со улогата за балансирање, Руте го презема НАТО нешто повеќе од еден месец пред одржување на претседателските избори во САД, најголемиот извор на финансирање на Алијансата.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше критичен кон НАТО и не кажа дали сака Киев да излезе како победник во одбивањето на инвазијата на Кремљ. Харис го поддржува продолжувањето со испраќање оружје за да и помогне на Украина да го возврати ударот.

„Ги познавам многу добро и двајцата кандидати... Ќе можам да работам со двајцата. Каков и да е исходот од изборите“, рече Руте.

„Работев четири години со Доналд Трамп. Тој беше оној кој нè туркаше да трошиме повеќе (за одбрана) и тоа се постигна затоа што навистина, во моментов, сме на многу повисоко ниво на трошење отколку кога тој ја презеде функцијата, додаде Руте, истакнувајќи дека Харис има „фантастично досие“ како потпретседател и дека е „многу почитувана лидерка“.

НАТО, основан во 1949 година за да одврати и да се брани од каков било напад врз нејзините членки во Западна Европа од страна на Советскиот Сојуз, повторно се најде во дипломатското внимание поради војната во Украина и Русија, предводена од нејзиниот претседател Владимир Путин.

Турција повикува копнената офанзива на Израел во Либан веднаш да заврши

Последици од израелските воздушни напади на Либан, септември 2024 година
Последици од израелските воздушни напади на Либан, септември 2024 година

Турското Министерство за надворешни работи денеска (1 октомври) соопшти дека израелската копнена офанзива на Либан е нелегален обид за окупација што го нарушува либанскиот територијален интегритет и додаде дека операцијата мора веднаш да заврши со повлекување на израелските сили од Либан.

Во меѓувреме израелските падобранци, команданти и оклопни единици започнаа рации на почетокот на копнената офанзива во јужен Либан, додека во вторникот избија интензивни борби со милитантите на Хезболах.

Хезболах е и милитантна група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. Хезболах е означена како терористичка организација од страна на Соединетите Држави, додека Европската унија го става на црната листа неговото вооружено крило, но не и на политичка партија. Политичката партија на Хезболах има места во либанскиот парламент.

Во соопштението, Министерството за надворешни работи на Турција додава дека израелската офанзива е насочена и кон безбедноста и стабилноста на регионалните земји и дека е „многу веројатно“ дека по борбите ќе се појави нов мигрантски бран.

Министерството за надворешни работи на Турција го повика Советот за безбедност на ОН „да го направи она што е неопходно“ во согласност со меѓународното право.

Путин нареди регрутирање на 133 000 војници во есенската мобилизација

Руски војници (илустрација)
Руски војници (илустрација)

Рускиот претседател Владимир Путин нареди да се регрутираат нови 133 000 војници во есенската регрутација што започнува денеска и ќе трае до крајот на годината, а според шефот на канцеларијата за регрутирање, новите регрути нема да одат на боиштата во Украина.

Декретот на Кремљ, објавен вчера (30 септември) од рускиот државен весник „Росискаја газета“, повикува на мобилизација на граѓаните „на возраст меѓу 18 и 30 години, кои не се во резерва и се предмет на воена служба во согласност со федералниот закон), а станува збор за вкупно 133 000 лица.“

Шефот на руската канцеларија за регрутирање, вице-адмирал Владимир Цимлјански, рече дека условите за регрутирање остануваат исти - 12 месеци стаж во воените единици во Русија.

„Би сакал да забележам дека регрутите нема да бидат поканети да учествуваат во специјална воена операција во новите региони“, ги цитира весникот зборовите на рускиот вицеадмирал.

За Русија војната во Украина, што започна со инвазијата во февруари 2022 година, е специјална воена операција, додека Киев и неговите сојузници тоа го нарекуваат брутална агресија и неиспровоциран, империјалистички обид за заземање на земјата.

Британските медиуми потсетуваат дека во потегот што го осуди поголемиот дел од западниот свет, Русија кон крајот на 2022 година анектираше делови од југоисточна Украина, нарекувајќи ја земјата „нови региони“.

Наведувајќи ги зголемените закани на западните граници на Русија, Путин нареди во септември руската армија да се зголеми за 180 000 војници, на 1,5 милиони активни војници, што ќе ја направи втора по големина во светот, по кинеската.

Украина го одбележува „Денот на бранителите“ во услови на нови руски напади

илустрација
илустрација

Украина на 1 октомври го прославува Денот на бранителите во услови на нов бран напади со руски беспилотни летала и сè потешка ситуација на бојното поле на исток, каде што руската офанзива постепено напредува.

Во 9 часот по локално време низ целата земја се одржа едноминутно молчење во спомен на сите Украинци кои ги дадоа своите животи бранејќи ја независноста на својата земја.

Во порака на Телеграм, главниот воен командант на Украина, генералот Олександр Сирски, им честиташе на украинските војници, кои ги нарече „нескротливи воини“, кои ги презедоа напаѓачките руски сили и во изминатите 2 и пол години „се бореа со таканаречената „втора армија на светот“ и ја запреа“ во својата намера.

Министерот за одбрана Рустем Умеров, исто така, издаде изјава во која се заблагодарува на секој украински војник за нивното единство, храброст и издржливост.

„Знаеме за што се бориме: за нашиот дом, за нашите роднини кои сонуваат за мирно небо. За градовите и селата кои чекаат ослободување. За идните генерации кои ќе живеат на својата земја без страв. И за споменот на оние кои низ вековите ги дадоа своите животи за слободата на синовите и ќерките на Украина, кои ги жртвуваа своите животи за нашата држава“, рече Умеров во своето обраќање.

Први октомври беше прогласен за Ден на бранителите во 2014 година, неколку месеци откако Русија незаконски го окупираше украинскиот полуостров Крим и делови од источните региони Доњецк и Луганск.

Инаку „пригушените“ прослави се случија во време на обновени руски напади со беспилотни летала.

„Воздушната одбрана собори 29 од 32 беспилотни летала лансирани од руската војска во седум украински региони рано на 1 октомври“, соопштија од украинското воздухопловство на Телеграм.

Беспилотните летала беа соборени во регионите на Черкаси, Кировохрад, Миколајев, Херсон, Полтава, Суми и Дњепропетровск, соопштија од военото воздухопловство, додавајќи дека три други беспилотни летала „го изгубиле патот“ и не предизвикале било каква штета.

Последниот напад се случи еден ден откако украинската противвоздушна одбрана беше принудена да уништи повеќе бранови руски беспилотни летала насочени кон главниот град Киев.

На 30 септември, украинскиот претседател Володимир Зеленски уште еднаш ја призна како што рече, „многу тешката“ ситуација со која се соочува неговата војска на исток, каде што руските сили со месеци се обидуваат да го заземат логистичкиот центар Покровск во регионот на Доњецк.

Започнува со работа терминалот за течен природен гас во Александруполи

илустација
илустација

Терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во грчкиот град Александруполи од денеска (1 октомври) започнува со комерцијална работа. Преку овој терминал низа земји од југоисточна и централна Европа, меѓу кои и Северна Македонија ќе се снабдуваат со природен гас, јави дописничката на МИА од Атина.

Од „Гастрејд“, компанијата-оператор велат дека станува збор за еден од наважните енергетски проекти на европско, регионално, национално и локално ниво и ќе придонесе за енергетската безбедност и развој, за диверзификација на изворите и рутите за снабдување со енергија на Југоисточна и Централна Европа.

„Терминалот за ЛНГ Александруполи, освен од пловната единица за складирање и регасификација (FSRU), се состои и од подморски и копнен гасовод за пренос на природен гас, кој го поврзува FSRU со грчкиот преносен систем и преку него ќе испорачува природен гас надвор од Грција и до Бугарија, Романија, Северна Македонија, Србија, на исток до Молдавија и Украина, како и до Унгарија и Словачка на запад. Пловната единица, „АЛЕКСАНДРУПОЛИС“ именувана во чест на градот и неговите жители, кои го прифатија овој амбициозен проект од самиот почеток, располага со најсовремена технологија, со максимален капацитет за регасификација од 5,5 милијарди кубни метри годишно“, соопштија од „Гастрејд“.

Оттаму додаваат дека веќе 14 грчки и меѓународни компании комерцијално учествуваат во проектот, искористувајќи го речиси целиот капацитет најмалку до 2030 година и додадоа дека паралелно „почетокот на комерцијалната работа на проектот го означува проширувањето на иницијативата Вертикален коридор, со што значително ја зајакнува својата динамика со цел да се создаде центар за трговија со природен гас во Централна и Југоисточна Европа“.

Во мај 2022 година во присуство на тогашните премиери на Северна Македонија, Грција, Бугарија, на претседателот на Србија, како и на претседателот на Европскиот совет во Александруполи се одржа свечена церемонија по повод започнување на реализацијата на изградбата на терминалот за течен природен гас (LNG).

На крајот на март 2021 година, Северна Македонија официјално стана дел од проектот за изградба на терминалот за течен природен гас, откако беа потпишани Меморандуми за соработка на АД ЕСМ и АД Национални енергетски ресурси со компании од Грција,

Тогаш, од тогашната македонска Влада соопштија дека „согласно договорот нашата земја учествува со 25 отсто во гасната централа на природен гас во Александруполи која е 800 мегавати, а проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра“ и дека е предвидено учество и „со 10 проценти од вкупната вредност од 370 милиони евра во инвестицијата во гасниот терминал

Руте стапува на функцијата генерален секретар на НАТО

Марк Руте
Марк Руте

Поранешниот холандски премиер Марк Руте денеска (1 октомври) ја презема функцијата шеф на НАТО. Тој стапува на функцијата во критичен момент за развојот на војната во Украина и наближувањето на клучните претседателски избори во САД.

На церемонијата во седиштето на НАТО во Брисел, Руте ќе ја преземе функцијата генерален секретар од поранешниот шеф Јенс Столтенберг, кој ја надгледуваше организацијата во текот на турбулентната деценија обележана пред сè со руската инвазија на Украина во 2022 година.

Претставниците на НАТО и дипломатите очекуваат Руте да ги задржи приоритетите на Столтенберг во 32-члената алијанса, а тоа се поддршката за Украина, притискање на земјите од НАТО да трошат повеќе за одбраната и да ги задржат Соединетите Држави ангажирани во одржување на европската безбедност.

Шефот на Агенцијата за атомска енергија Гроси во посета на Белорусија

Рафаел Гроси, шеф на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ)
Рафаел Гроси, шеф на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ)

Рафаел Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), ќе ја посети Белорусија на 1 октомври, соопштија од Агенцијата.

„Гроси ќе одржи „состаноци на високо ниво“ во Минск и ќе ја посети нуклеарната централа на земјата во Астравец, во северозападна Белорусија“, соопшти МААЕ.

Гроси и неговиот тим „ќе ја проценат ситуацијата на локацијата речиси четири години откако таа беше поврзана со мрежата и нејзиниот напредок по наодите од прегледот на оперативната безбедност на МААЕ во 2021 година“, се вели во соопштението.

Исто така се додава дека патувањето на Гроси има за цел да покаже дека Агенцијата „се фокусира на обезбедување нуклеарна безбедност и безбедност во регионот“.

Зеленски: Ситуацијата на фронтот е „предизвикувачка“

Украинскиот претседател Володомир Зеленски
Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека ситуацијата на фронтот е „многу предизвикувачка“ и оти армијата мора да направи сè што може во следните месеци.

„Најважно е да извршиме притисок врз Русија користејќи ги сите расположливи средства и алатки за да ја постигнеме нашата цел за вистински и праведен мир за Украина и за целиот наш народ што е можно поскоро. Се што може да се направи оваа есен, сè што можеме да постигнеме, мора да постигнеме. И тоа зависи од сите во украинскиот тим“, посочи Зеленски.

Тој додаде и дека Украина се подготвува за престојаната високата средба во германската воена база Рамштајн, на која ќе присуствуваат претставници на 50 држави, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден.

„На средбата ќе ги добијат сите детали и аргументи од наша страна за тоа како да се обезбедат резултати во наредните месеци и на фронтот и во дипломатијата“, наведе Зеленски.

По руската инвазија врз Украина во Рамштајн се одржаа повеќе средби, но досега беа на ниво на министри за одбрана. Целта на средбите е да се координира воената помош за Украина.

Зеленски постојано ги повика своите западни сојузници да обезбедат повеќе системи за противвоздушна одбрана, за да можат подобро да ги заштитат украинските градови од постојани руски напади со беспилотни летала и ракети.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG