„Скролање“ со часови: Што ќе каже телото?

Илустрација

Заедно со бројот на часови поминати со телефон во рака или пред компјутер, расте и бројот на млади со проблеми со видот. Ако е лоша позицијата на телото страда и ’рбетот, предупредуваат докторите.

Во последните четири години расте бројот на домови каде интернет пристапот го користат и малолетници. Ова го покажа Испитувањето на јавното мислење за заштита на корисниците на електронски комуникации, кое оваа пролет го спроведе Агецијата за електронски комуникации (АЕК).

43,2% од испитаниците одговориле дека малолетниците користат интернет во нивниот дом, а кај 85,6% од нив, тие се закачени на интернет секој ден. Според 39% од исшпитаниците во анкетата на АЕК , малолетните во просек минуваат и повеќе од 5 часа на интернет.

Истражување на Агенцијата за млади и спорт, покажа слуични бројки. 67 % од младите на возраст од 15 до 19 години, дневно поминуваат повеќе од пет часа на интернет.

Подолго гледање во екран - поголеми шанси за проблеми со видот

Офталмологот Д-р Ѓулистана Марковска вели дека бројот на помлади пациенти значително е зголемен последниве години.

„Ако претежно имавме пациенти над 45 години кога обично сите носат очила за читање и здрави луѓе доаѓаат за да ги проверат очите, сега бројот на помладите пациенти е многу голем. Причината за тоа треба да се бара во зголемената употреба на сите технички помагала, односно употребата на компјутерите. Особено е погодена тинејџерската група и децата. Веќе имаме пациенти на две или три годишна возраст кои зачестено трепкаат, што значи дека кај нив е намалена секрецијата на солзи“, изјави докторката Марковска за РСЕ.

Тоа што производителите прават уреди со одредена заштита, не е гаранција дека не може да се појави проблем со видот, посочува офталмологот.

„Сината светлина која зрачи од уредите влијае на одредени болести коишто за жал се неизлечиви и порано се јавувале во 70. година од животот, а сега се јавуваат многу порано. Некаде кај 50. или 60. година“, вели Д-р Марковска.

Телефон за „добра ноќ“ и “добро утро“

Навиката да се „скрола“ на социјалните мрежи пред спиење и по будење, освен со очите предизвикува и проблеми со сонот, потенцира Марковска.

„Тоа ги оштетува очите секако, а заради тоа е зголемен и бројот на луѓе кои имаат несоница, бидејќи екранот сам по себе, настрана што зрачи, оневозможува да дојде до акт на заспивање. Затоа и толку голем број на млади луѓе имаат несоница, бидејќи не ги почитуваат правилата на биолошкиот ритам“, вели докторката.

Видете и ова: Лајк за старите, костурче за младите

„Технолошки деформитети“

Ако додека се користи уредот поставеноста на телото е добра, од ортопедска гледна точка, не би требало да има проблем кон ортопедското здравје. Но, доколку телото не се држи правилно, особено подолго време, проблемот ќе се појави, предупредува д-р Антоније Хаџи Антоновски, специјалист ортопед . Тој вели дека бројот на деформитети е пораснат, особено од почетокот на пандемијата. Некои од нив се нарекуваат „технолошки деформитети“.

„Ако зборуваме за дете, кога ќе се задлабочи додека гледа нешто, ја заборава постурата и се „скифлува“, оди со главата кон напред. Тогаш главата почнува многу повеќе да тежи на ’рбетот. На пример, само 15 степени ако отиде главата кон напред, таа веќе три пати повеќе тежи на рбетот, отколку што е нејзината вистинска тежина. Самите пршлени држат многу поголема тежина. Кога ќе отиде главата и до повеќе од 30 степени, тоа оди до 10 пати поголема тежина. И затоа многу зависи како детето стои, како го држи телефонот, како седи пред компјутер, дали е исправено или не“, изјави д-р Хаџи Антоновски за РСЕ.

За деформитетите сепак не е виновно само дигиталното време, бидејќи човек може да се задлабочи и во добра книга, но „заробувањето“ со телефоните е многу поголемо од она со книгите, потенцира ортопедот.

„Тоа и во наше време беше, кога читавме книга нас нè удираа по грб за да се исправиме. Студент без спондилоза немаме. Зошто? Заради тоа таа постура на вратот при читање на книга предизвикува спондилозни промени. Затоа, не е ова нешто ново. Истото го прави и книгата. Не е само до телефонот. Но, телефонот или дигитализацијата нудат премногу забава за очите, за мозокот и заробувањето е многу поголемо во споредба со она на книгата. И добрата книга знае да направи еден човек да се задлабочи, но телефоните и тоа како можат секој човек да го „завлечат“ и да дојде во таа позиција да се искриви“, вели докторот.

Илустрација - „Скролање“ на мобилен

Што „препишуваат“ докторите?

Докторот Хаџи Антоновски препорачува добра позиција и правење на чести, 15-минутни паузи меѓу играњето или читањето, за да се намалат ефектите на модерното време врз телото.

„Препораките се на пример, телефонот да се постави на маса, да биде во висина на очите, да се потпре со лакти или детето на пример да легне исправено кон напред и да се крене со главата како што децата гледаат телевизија со потпрена брада. Добра позиција на телото ќе спречи проблеми во нивниот развој. Треба да се најде еден баланс, помеѓу добрата постура и поминатото време и тогаш би се решиле сите проблеми од ова модерно време“, додаде д-р Хаџи Антоновски.

Ако ви се чини дека гледате добро, не мора да значи дека сте во право, порачува офталмологот.

„Лекот се гледа во превенција, во смисла на почеста посета на офталмолог, дури и тогаш кога се здрави очите. Особено во младешката и детската возраст, бидејќи некогаш можете и сè да гледате, а да имате диоптрија. Треба да се носат и очила со заштита од екраните“, вели офталмологот Марковска.

Таа истакна и дека иако електронските уреди не може да не се користат бидејќи се дел од секојдневието, треба свесно да се влијае на намалување на времето поминато пред компјутер, особено со видео игри, а уредите да се користат единствено за едукативни цели.