Кога гласот на средношколците ќе се слушне

Илустрација - Средношколци од СУГС „Орце Николов“ на настанот за доделување на наградата за средношколско учество – #најГЛАСни!

Дали гласот на средношколците навистина некој го слуша и може ли да предизвика промени? „Орцашите“ со кои разговаравме, велат - да! Нивната ученичка заедница неодамна доби и „потврда за гласност“

„Двајца ученици коишто не се членови на ученичката заедница во гимназијата „Орце Николов“, се обратија кај нас откако забележале дека менталното здравје на учениците е опаднато во периодот на тестови. По наша консултација со педагошко-психолошката служба, се договоривме да се направи анкета во целото училиште. Според добиените одговори се заклучи дека мора да се преземе нешто и ученичката заедница се состана. Потоа, сугериравме на директорот и на стручната служба со кои имаме добра соработка, да се лимитира бројот на тестови во една седмица, на најмногу два. Тоа беше одобрено“, изјави за РСЕ, Анастасија Саша Тофоска, претседателка на ученичката заедница во СУГС „Орце Николов“.

Според неа, ова е еден од примерите со кои се покажува дека гласот на средношколците навистина може да биде слушне и дека младите можат да направат промени и во пракса, а не само на зборови.

Средношколката Анастасија Саша Тофоска

„Во рамките на моето училиште, јас гарантирам дека во многу наврати се покажало дека ние сме слушнати, дека ние имаме можност и сила како ученици да направиме нешто, нешто поголемо. Сметам дека има потенцијал, односно доколку може да се направи во едно училиште, тоа е доказ дека може да се направи и во друг и дека може да се направи и на ниво на држава“, додаде Тофоска.

Средношколката Мартина Ивановска, ученичка во трета година во гимназијата и претседателка на својот клас смета дека првото на глас за секој е она што ги зближува средношколците во нивното училиште.

„Секогаш пробувам да ги поттикнам или да им дадам поддршка на соучениците, бидејќи освен тоа што ние имаме бунтовност во нас, има и луѓе што ќе нè ислушаат. Секој проблем може да се реши и секоја идеја може да се реализира, преку нашата ученичка заедница. Мислам дека учениците имаат едно позитивно чувство дека секој може да си каже што сака“, изјави Ивановска за РСЕ.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Средношколците од „Орце Николов“ се вратија во деведесеттите

Според Ивановска, она што ја издвојува нивната заедница е тоа што наоѓаат начин целото училиште да биде вклучено во настаните кои ги организира ученичката заедница, па така, учениците се сплотуваат и се раѓаат нови пријателства.

„Состаноците се многу динамични, не се формални, не се стегнати, секој може да си ја каже својата идеја и секој ќе го ислуша. Вака се зближуваат учениците, посебно оние од различни генерации. Бидејќи не се гледаме секојдневно со децата од другите генерации, а за време на активностите со ученичката заедница сите сме некако на исто ниво, сите сме заедно. Можам да слушнам што мислат и тие од втора година и тие од четврта година на пример, иако не се со мене во смена“, истакна средношколката.

„Потврда за гласност“

Реализираат настани и проекти од забавен карактер бидејќи како што велат, силно веруваат дека токму тоа влијае врз атмосферата во едно училиште и ги мотивира учениците да се вклучат во организација на такви настани, а потоа и на настани со кои се прави некоја посериозна промена.

Тимот на СУГС „Орце Николов“, составен од средношколците Анастасија Саша Тофоска, Мартина Ивановска, Стефан Дуковски и психологот Ана Поп Ризова

Нивната заедница беше препознаена како една од трите најгласни, па „Орцашите“ како што се нарекуваат, добија наградата за средношколско учество – #најГЛАСни! Но и 10 000 денари, наменети за реализација на училишните иницијативи.

„Заклучно со овој настан ни се јави инспирација да создадеме профил на Инстаграм кадешто средношколците се најмногу активни, за да се промовираат нашите активности. Ние се стремиме и кон таканречено вмрежување, односно соработка со други училишни заедници, за да се подигне целосно средношколското учество“, вели претседателката на училишната заедница во СУГС „Орце Николов“, Тофоска.

Тофоска истакна дека за таа цел, креираат нова иницијатива која се фокусира на токму на вмрежување и можност сите средношколци да го почувствуваат она што се прави во гимназијата „Орце Николов“.

На тридневниот настан за доделување на наградата за средношколско учество – „најГЛАСни!“ , кој се одржа од 29 до 31 март во Скопје и Велес, во организација на фондацијата Конрад Аденауер, Здружението ЛЕАД и Сојузот на средношколци, освен училишната заедница на СУГС „Орце Николов“, за најгласни беа прогласени и заедниците во ОСУ "Св. Климент Охридски" од Охрид и радовишкото СОУ „Коста Сусинов“.