Созревањето на младите, притисокот врз девојчињата да ја загубат невиноста што поскоро зашто во спротивно ќе бидат исмевани од околината, начините на забава со пијанки и лудување по напуштени објекти, сајбер булингот, снимањето и објавувањето на интимни односи меѓу млади луѓе на интернет, а со тоа стигматизација на девојката, а добивање популарност на момчето. Ова се само дел од проблемите на младите што, преку македонските филмови кои имаа премиера на годинешното издание на Фестивалот на филмска камара „Браќа Манаки“, испливаа на површина.
Видете и ова: Почна судењето за случајот „Јавна соба“За разлика од претходните изданија кога преовладуваше историјата, минатото, овој пат „Браќа Манаки“ дозволи отворено да се проговори за проблемите на младите.
„Од темите кои ме интересираат од претходните филмови и сега е недостигот на комуникација кај младите, темата на идентитет, припадност, кои сме, каде сме, каде сакаме да бидеме, а кои се наметнати норми. Би сакала да создавам филмови кои оставаат прашања и ја оставаат публиката со некое чувство на недореченост. Верувам дека филмот е дијалог меѓу публиката и авторите“, рече Марија Апчевска, режисерка на краткометражниот филм „Северен пол“, кој беше во официјална конкуренција за Златна палма на Канскиот фестивал.
Во филмот е прикажано созревањето на средношколка која е притисната од средината што поскоро да впушти во интимни односи зашто е исмеана доколку тоа се случи подоцна или во бракот.
Далеку посуров проблем обработува долгометражниот филм „Сестри“ на режисерката Дина Дума. Во него е прикажано како еден клик на интернет може да уништи нечиј живот. Другарки тајно снимаат интимен однос на друга девојка, која е попопуларна од нив и го објавуваат на интернет, а кога таа ќе ги нападне, за да се одбранат, без да сакаат, ја туркаат во река. Една навидум банална случка, им го уништува животот на сите.
Видете и ова: „Џган“ – Никој не се раѓа насиленРежисерката Дума очекува дека филмот ќе отвори дискусија во општеството зашто снимањето и објавувањето на интимните односи на младите на социјалните мрежи е насилство со кое институциите не се занимаваат. Филмот е инспириран од вистинска случка додека била средношколка, само што не завршила фатално.
„Девојка и дечко беа снимени додека имаа односи и заврши инцидентот дури и на вести. Таа доживеа друштвено исклучување, ги изгуби сите другарки и на крај се пресели во друга земја, а дечкото остана во школото и стана фраер. За мене тоа беше неправда што остана до денес, зашто никој ништо не направи, ниту јас, пријателите, институцијата, професорите, педагозите. За жал, тоа уште е така. Тинејџерите користат многу социјални мрежи. Овие генерации се родени со телефоните и тоа многу, многу не е добро, а не сме свесни за тоа“, рече Дума.
Дури и актерката Антонија Балазелкоска, која игра главна улога во двата македонски филма вели:
„Нема од нашата генерација некој што не познава таква приказна, можеби не лично, туку околу неговите пријатели и темата е многу блиска на младите“, вели таа.