Маргиналците едноставно ме фасцинираат. Секогаш е тоа онаа борба на поединецот против колективот. Кај нив најмногу можам да извлечам некакви длабоко човечки хумани карактеристики бидејќи тие никогаш не се опиени од денешниот виор на успех, на пари, на страст што не обзема сите.
Ние живееме се уште во време каде што не само физичкото насилство туку и реториката и начинот на меѓучовечко однесување се базира врз насилство. Тоа не може да донесе ништо друго сем повратен ефект.Вардан Тозија, режисер и сценарист
Вака говореше Вардан Тозија не многу по добивањето на наградите за „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ на фестивалите во Египет и во Шпанија, а во миговите кога го завршуваше сценариото за „Безимени“. Тогаш велеше дека „долгометражниот игран филм е она кон кое се стреми секој млад режисер“.
По цели три години „Безимени“ стана „Џган“, филмот што по претставувањето на маркетот во Берлин, ќе ја има својата македонска премиера.
Во пресрет на тој чин, Вардан Тозија, забележува дека ако се има на ум она што досега го потпишал како режисер и сценарист ( краткиот „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“, „Свиркачот“, кој е дел од „Скопје ремикс“, „Исклучок“, „Дома...?“, „Северен лет“, документарецот „Боби“ и интернационалната копродукција „Чекајќи го Годо“, „Лудило“...), „Џган“ по малце отскокнува и дека е показ за неговото тежнение секогаш да се проба во нешто ново. Да не остане во еден жанр и да не работи само еден тип на наративни филмови. Дополнува дека идејата му дошла од нашето сиво секојдневие. Од сознанието дека маргинализираните млади луѓе се горлива тема не само во Македонија туку и во земјите од регионот. Преку истражување и чепкање по таа „скриена вистина на тие млади луѓе“ дошол до некои застрашувачки податоци – пред се од институциите од кај што доаѓаат, но и вон тоа. Вели дека „од светот, од маргините од кои што тие потекнуваат многу често се стигматизирани, се предмет на предрасуди и тоа секогаш генерира и ќе генерира гнев кај нив“.
„Самата премиса на оваа приказна е дека „насилството раѓа насилство“ односно дека „никој не се раѓа насилен“. Ние живееме се уште во време каде што не само физичкото насилство туку и реториката и начинот на меѓучовечко однесување се базира врз насилство. Тоа не може да донесе ништо друго сем повратен ефект кој ќе не внесе сите, како и младите протагонисти во филмот, во една спирала на насилство која што може да доведе до бескрајно лоши последици.“
Во „Џган“, патем копродукција помеѓу македонскиот „Дрим фектори“ и „Ред хеликоптерс филм“ од Албанија, главните улоги ги толкуваат младиот Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски.
Ѓоргоски, инаку ученик во скопската гимназија „Никола Карев“ појаснува дека ова за него е скапоцено искуство и дека на сетовите за снимање во текот на предвидените месец дена, од постарите и поискусни колеги, од професионалците, научил многу повеќе отколку во изминатите 16 години. Тој нагласува дека филмот треба да го погледнат сите оти отвора многу прашања за општеството и за животот што го живееме.
„Во филмот е јасно прикажано дека прв ќе биде казнет тој што украл векна леб за да преживее, а најголемите злосторници остануваат на слобода. Мислам дека најминорните негативци во овој филм се децата кои што се деликвенти. Како би преживеале тие без а го прават она што го прават? За нив нема живот. За нив нема среќа, нема девојки, нема забава, нема диско...за нив нема храна, буквално нема ништо. Експлоатирани на секој чекор, користени како животни, со натоварени обвиненија на грбот...што им преостанува на нив?! И животните ги ловат другите животни. Зарем имаат друг избор? Не. Исто како овие деца“,заклучува Мартин.
Дениз Абдула, пак, истакнува дека ова за него било едно поразлично искуство од сите филмски што ги имал досега. Дека морал да заборави на се*, да не биде актер туку да се обиде да стане „натуршчик“ како и поголемиот дел од неговите партнери на платното.
Покрај нив играат и Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Саша Чиникиќ, Ристо Буразденов и Мартин Живковски.
Инаку, продуцент на филмот е Огнен Антов, сценографијата е дело на Кирил Спасески и Наташа Димитриевска, директор на фотографија е Владимир Самоиловски, монтажер - Атанас Ѓеоргиев, а кастингот го работеше Кирјана Николовска. Од друга страна, дизајнот на шминката и маските ги изработи Горан Игњатовски, костимограф е Жаклина Крстевска, дизајнер на звук - Игор Поповски, а оригиналната музиката ја работеше композиторот Александар Пејовски.
Антов говорејќи за одлуката да го работи „Џган“ знае да каже дека през годиниве не сакал да се впушти во авантура со македонско сценарио и дека за целото тоа време се врткал околу некакви копродукции затоа што едноставно никако не се појавувале „домашни приказни“ кои нему лично би му биле интересни. Во еден момент, според него, се случил т.н „нов бран на македонски режисери на возраст од 35 години....?!“ и конечно и му влетала оваа приказна како една од трите што ги имал Вардан. Неа заедно ја развивале скоро цели две години, за конечно лани за релативно кратко време и да ја снимат.
Ќе видите на премиерата од кај тргнавме и до кај стигнавме на крај и што успеавме да направиме со помош на сите оние што таа вечер ќе бидат во публиката. Во приказната несебично се вложија не само актерите, пријателите, институциите...затоа што реалната вредност на овој филм е многу поголема од буџетот кој што го имаше (16.000.000 денари н.з) и само заради таа помош успеавме да го направивме. „Џган“ го снимевме за 25 дена ...што за еден ваков филм, работен цели две третини со ноќно светло, е апсолутен рекорд. Згора на тоа поголемиот дел од актерите се неискусни и за прв пат се појавуваат на филм – нешто од што се плашевме но се испостави дека и не мора да биде така. Излегоа вистински професионални и секоја чест за нив. “
Кон ова само уште информацијата дека филмот, кој патем финансиски поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија и SEE Cinema network, од 31 март ќе започне да се прикажува во кината во земјава, а неговиот продуцент си пожелува „Џган“ светската премиера да ја има на Интернационалниот филмскиот фестивал во Карлови Вари.