Владејачката Социјалистичка партија е во благо водство на парламентарните избори во Албанија, покажуваат излезните анкети, но резултатите се премногу тесни за да може да се прогласи победа.
„Никој не знае кој победи на изборите, треба да почекаме 48 часа“, рече претседателот на Државната изборна комисија Илиријан Целибаши по завршувањето на гласањето, повикувајќи си сите страни да се воздржат од прогласување победа.
Според излезните анкети на телевизијата Топ Ченел, Социјалистите освоиле 46,9 отсто од гласовите, со што премиерот Еди Рама може да добие трет мандат по ред. Опозициската демократска партија, според предвидувањата, освоила 43,5 отсто од гласовите, додека помалата опозициска партија Социјалистичко движење за интеграција освоила 6,9 отсто од гласовите. Излезноста беше 48 отсто.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
На изборите учествуваат 16 политички субјекти (два помалку од претходните) и двајца независни кандидати или за 140-те пратенички места во трка се 1.841кандидати, од нив 39,7 отсто жени.
Право на глас имаат 3,6 милиони граѓаните, меѓу кои големата дијаспора. Главни кандидати се социјалистите на премиерот Еди Рама и Демократската партија на Љуљзим Баша, која беше поддржана од обединетата опозиција.
Се бираат 140 пратеници за новиот парламентарен состав, кој треба да избере влада која ќе владее во наредните четири години.
Вашингтон и Брисел внимателно ги набљудуваат изборите кои се сметаат за клучни за надежите на Албанија за членство во ЕУ. Европската унија како услов за отворање на преговорите со Албанија го постави одржувањето на избори кои се во согласност со меѓународните стандарди.
Корупцијата и економијата беа главни теми во жестоката предизборна кампања.
Единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција на овие парламентарни избори нема своја кандидатска листа. Затоа пак нејзиниот лидер и актуелен пратеник, Васил Стерјовски е на кандидатската листа на Социјалистичката партија за округот Корча, каде го доби првиот мандат, кога партијата беше во коалиција со ЛСИ.
Минатата година Брисел даде зелено светло Албанија и Северна Македонија да ги отворат преговорите, но се уште не е одреден датум за првата меѓувалдина конференција.
Шефот на делегацијата на ЕУ во Албанија, Луичи Сореца изјави дека изборите на 25 април се клучни за следниот чекор на патот на Албанија кон членство во ЕУ.
Водечките албански партии во 2020 се договорија за изборните реформи, после дводневниот состанок во резиденцијата на амбасадорот на САД во Тирана.
Новите закони се во согласност со препораките на ОБСЕ. Организацијата ги надгледуваше изборите во Албанија во посткомунистичкиот период и секогаш забележуваше неправилности.
Набљудувачите на ОБСЕ и претставниците на амбасадите во Албанија внимателно го следат процесот на гласање. Изборниот процес го набљудуваа 50 екипи на ЕУ и 25 на САД, додека ОБСЕ/ОДХИР, има 274 набљудувачи од нив 24 долгорочни, останатите 250 само денеска.