Албанските граѓани денеска гласаат на деветтите по ред парламентарни избори во плурална Албанија. Овие избори се одржуваат во јубилејна година, 30 години од падот на комунистичкиот режим. За безбеден изборен процес се ангажирани 7.159 полициски службеници. Од петокот 74 објекти од државен интерес обезбедува албанската армија, а високите судски институции ги обезбедуваат припадниците на Националната гарда.
Главната битка се одвива меѓу вечните политички опоненти Рама и Баша
На изборите учествуваат 16 политички субјекти (два помалку од претходните) и двајца независни кандидати или за 140-те пратенички места во трка се 1.841кандидати, од нив 39,7 отсто жени. Главната битка ќе се одвива меѓу вечните политички опоненти Социјалистичката партија на Еди Рама, која е сигурна во обезбедувањето на третиот мандат со две третини од мандатите и Демократската партија на Љуљзим Баша, која е повеќе од сигурна дека ќе го добие првиот мандат, со изборен триумф. Тука е и Движењето за социјалистичка интеграција, на Моника Круемади, сопруга на претседателот Илир Мета, која со ПД имаат потпишано договор за постизборна коалиција.
Право на глас, според единствениот избирачки список имаат над 3.588.869 гласачи, од нив за првпат правото на глас имаат 107.024. Се гласа на 5.199 избирачки места во 61 изборна единица.
Единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција на овие парламентарни избори нема своја кандидатска листа. Затоа пак нејзиниот лидер и актуелен пратеник, Васил Стерјовски е на кандидатската листа на Социјалистичката партија за округот Корча, каде го доби првиот мандат, кога партијата беше во коалиција со ЛСИ.
Албанија минатата година, поради пандемијата забележа пад на БДП-то од 3,31 отсто, а тоа само се надоврза на претходните штети предизвикани од земјотресите кои ја погодија земјата.
Одржувањето на изборите клучно за евроинтеграцијата
Европската унија како услов за отворање на преговорите со Албанија го постави одржувањето на избори кои се во согласност со меѓународните стандарди.
Минатата година Брисел даде зелено светло Албанија и Северна Македонија да ги отворат преговорите, но се уште не е одреден датум за првата меѓувалдина конференција.
Шефот на делегацијата на ЕУ во Албанија, Луичи Сореца изјави дека изборите на 25 април се клучни за следниот чекор на патот на Албанија кон членство во ЕУ.
Водечките албански партии во 2020 се договорија за изборните реформи, после дводневниот состанок во резиденцијата на амбасадорот на САД во Тирана.
Новите закони се во согласност со препораките на ОБСЕ. Организацијата ги надгледуваше изборите во Албанија во посткомунистичкиот период и секогаш забележуваше неправилности.
Набљудувачите на ОБСЕ и претставниците на амбасадите во Албанија внимателно ќе го следат процесот на гласање. Изборниот процес ќе го набљудуваат 50 екипи на ЕУ и 25 на САД, додека ОБСЕ/ОДХИР, има 274 набљудувачи од нив 24 долгорочни, останатите 250 ќе бидат само денеска.
Кој што очекува?
Лидерите на политичките партии еден месец водеа предизборна кампања, што од време на време беше придружена со тензии. Но и покрај политичките собири во земјата за време на кампањата, во изминатите неколку недели паѓа бројот на новозаразени со ковид-19
Актуелниот премиер Еди Рама очекува трет мандат за да ја продолжи работата што е оставена на половина, бидејќи вториот мандат беше скратен за половина поради земјотресот на 26 ноември 2019 и пандемијата на коронавирусот.
Во победата е убеден и опозицискиот лидер Љуљзим Баша, кој рече дека во текот на овој месец ја видел во очите на Албанците желбата за промена, ветувајќи брз влез на земјата во ЕУ. Редовно ги обвинуваше владата и Рама за корупција, криминал, поврзаност со нарко босови.
Од друга страна, претседателката на ЛСИ, Круемади го насочи своето внимание кон враќањето на младите во нивната земја и запирање на емиграцијата, бидејќи според неа ова е еден од најсуштинските проблеми на земјата.
Претседателот на Републиката, Илир Мета, го изостри тонот за време на предизборната кампања, додека во речиси секој негов говор ги повикуваше Албанците да го бранат својот глас и доколку одредени групи се обидат да му наштетат, да ги „изострат секирите и вилите“.
Американската амбасадорка Јури Ким потоа побара од него да ги заборави ваквите изјави, кои како што наведе, се практики кои припаѓаат на минатото и порача дека изборите треба да бидат слободни и фер.
Недипломатска размена на пораки меѓу албанскиот претседател Мета и Ким продолжи. Мета ја обвини Ким дека зазема страна во изборите, односно дека е „во одбрана на Рама“, побара од неа да не се меша во внатрешните работи на неговата земја, дури кажа дека Албанија за него е пред се и оти „ако сака Америка може и да го убие“.
По ова, во својата реакција Ким порача дека „САД не поддржуваат ниту една партија, туку само правото на слободен глас во Албанија“.
Претходно заедничка видео порака до албанските граѓани упатија странските дипломати со посебен акцент да не потпаѓаат под никакво влијание и да не го продаваат нивниот глас.
Задолжителниот карантин за Грција и Македонија може да го намали одѕивот на гласачи
Поради пандемијата, емиграцијата, пред се на младите, која не престанува, но и одлуката на Комитетот на експерти да воведе двонеделен карантин на секое лица кое ќе влезе во Албанија од Северна Македонија и од Грција, поради што илјадници емигранти од Грција не може да дојдат во земјата, одѕивот на гласачите се очекува да биде помал од претходните парламентарни избори(јуни 2017), кога излезноста беше над 45 отсто, што е најниска излезност во сите дотогашни избори или за осум отсто пониска од претходните избори, во 2013 година.
Ќе гласаат и болни од ковид
На денешните избори, кои се спроведуваат според посебно усвоени протоколи правото на глас не ќе може го остварат 23. 021 лице позитивни во моментот на ковид-19, но, како што порача претседателот на ЦИК, Илирјан Цилбаши дома треба да останат и сите оние кои имаат симптоми на опасниот вирус.
На последните парламентарни избори левата коалиција „За Албанија која ја сакаме“ предводена од социјалистите освои 49,62 отсто од гласовите и обезбеди 74 пратенички мандати. Коалицијата на десницата „Нова Република“ предводена од демократите на Љуљзим Баша, освои 43, додека ЛСИ 20 пратенички места, два пратеника партијата за правда и единство (ПДИУ) и еден пратеник Социјалдемократската партија.