За извинувањата, обвинувањата и прекарите на битолската политичка арена

Битолската градоначалничка Наташа Петровска

Градоначалничката на Битола Наташа Петровска се пожали дека од опозицијата ѝ измислуваат прекари, но нема да дозволи лажно да ја обвинуваат дека со општински пари плаќа адвокати за лични спорови. Се работи за лажна вест која беше објавена на фејсбук страница администрирана од советници во опозиција

„Ме нарекуваа фараонката, билјарката, тикварка, Трајанка, ќе го истраам сиот простотилак, но нема да дозволам да кажуваат дека ништо не сум сработила и невистинито да ме обвинуваат дека со општински пари плаќам адвокат за лични спорови“, рече градоначалничката Наташа Петровска онлајн одговарајќи на советнички прашања во битолскиот општински совет.

Таа не посочи кој ја обвинува, но можеше да се заклучи дека се однесува на независната група Поинаку кои пред месец и половина на нивната фејсбук група „Битолски проблеми“ напишаа дека „адвокатот кој е платен од пари на општината, која е на сите нас“ побарал од нив извинување по објава на информација за Петровска што излезе дека не е точна.

„Јас која ја нарекуваа фараонката, билјарката, тикварката, Трајанка ќе истраам во сиот простотилак, но нема да дозволам да си поигруваат со битолчани, со добрите луѓе, кои се многу помногубројни, но не се фрустрирани тапчовци кои се извинуваат кога ќе оплескаат. Сведоци бевме на еден куп извинувања, но во форма кои ќе бараат нови извинувања. Во оваа прилика на оние кои поинаку се извинуваат барам да се извинат дека со општински пари го плаќам адвокатот за лични спорови бидејќи ја имам потребната документација дека тоа не е така и дека фактурата ја имам платено пред датата на нивното обвинување. Да се извинат оти ќе поднесам пријава за клевета“, рече Петровска.

Од Поинаку советничката Габриела Илиевска на седницата која беше онлајн на зум се вклучи додека се возеше во автомобил и рече дека нема да ја прашуваат ништо Петровска зашто и не сработила ништо.

„Апсолутно немаме намера нити да ја прашуваме Петровска, нити сакаме да слушнеме што има да каже бидејќи на 6 месеци пред избори не може да ни објасни зошто 3,5 години ништо не сработи во градот, зошто беше толку арогантна и не соработуваше со советниците во Советот на Општина Битола и не сакаме да слушаме во тајност на лаптоп како ќе ни се фали дека нешто сработиле, а и самите знаеме дека градот пропаѓа. Градот никогаш не бил повалкан, пораспаднат и немал толку незадоволни граѓани“, рече таа.

Едно од многуте несогласувања меѓу локалната власт и Поинаку настана на 10 декември 2020 година кога градоначалничката Петровска се разболе од коронавирус. На фејсбук страницата „Битолски проблеми“ чии администратори се советниците од Поинаку беше објавен пост на битолчанката Д.Џ. дека на Инфективното одделение во Битола беа преместувани пациенти болни од ковид 19 со изговор дека се реновира, а всушност за да се ослободи целиот спрат за да лежи градоначалничката, што било срамота. Ова поттикна лавина од коментари и обвинувања на адреса на Петровска.

Следниот ден истата битолчанка објави дека се работело за лажна вест и се извини на својот профил. Но, тоа не беше пренесено и на групата „Битолски проблеми“ со 13 000 членови.

„Се извинувам за статусот од синоќа во кој изнесов невистини за градоначалничката и предизвикав лавина од невкусни коментари од кои се згрозив самата“, напиша битолчанката.

Дури по месец и половина, на 29 јануари годинава фејсбук групата „Битолски проблеми“ чии администратори се советниците од Поинаку го објавија извинувањето или демантот на битолчанката откако преку правен застапник на Петровска добија барање- како што го објавија постот со обвинувањата од член од нивната група, така според Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, да го објават и извинувањето од истиот член. Но, објавија и коментари дека адвокатот е платен со пари од општината.

Во барањето за објава на демант кое е веќе објавено и на социјалните мрежи, се гледа дека е доставено од Петровска, наведена е нејзината домашна адреса преку ополномоштен адвокат од Битола. Во делот за доставувач не е наведено дека се работи за градоначалник, туку тоа е појаснето само подолу во текстот, а ја нема ни адресата на Општината.