Достапни линкови

Ни двојно повеќе тестови за ковид во Битола не се доволно


Лабораторија за ковид тестирања во Битола.
Лабораторија за ковид тестирања во Битола.

Во ковид лабораторијата во Битола првин се правеа по 50 тестови, сега по 130, но и тоа не е доволно да се задволат потребите на жителите од регионот што го опфаќа Центарот за јавно здравје Битола. Битолската лабораторија беше првата во земјава што се отвори надвор од Скопје за тестирања на ковид-19.

За пет месеци опфатот на работа на Лабораторијата за ковид тестови во Битола се зголеми повеќе од двојно. Дневно се прават и по 130 тестови, но сепак се премалку за да ги задоволат потребите на жителите од регионот на Битола, Кичево, Демир Хисар и Ресен, територијата што ја опфаќа Центарот за јавано здравје од Битола кое врши тестирања.
Повеќето битолчани кажуваат дека за да бидат тестирани чекаат неколку денови за да се добие термин.

„Се чека неколку дена, гужва е.“

„Преку матичниот лекар имавме закажано термин за тестирање. Неколку дена имавме покачена телесна температура. Почекавме три дена за термин, нè тестираа и за среќа, тестот излезе негативен“, велат битолчани.

Кога во јуни беше отворена лабораторијата за тестирања на ковид-19 во Центарот за јавно здравје во Битола отпочнаа со 50 тестирања дневно. Сега бројот е зголемен за плус 80. Директорката Елизабета Крстевска вели дека се прават обиди да им се излезе во пресрет на сите пациенти, но капацитетите и технички и кадровски им дозволуваат да направат по 130 тестирања дневно.

„Досега не сме имале застој. Од 50 до 60 тестови зголемивме на 70 и 80, а сега и по 120 до 130 работиме тестови на ден. Имаме обем трипати зголемен, но работиме за цел регион и потребите на граѓаните се многу поголеми отколку што можеме тоа да го апсорбираме. Навистина се обидуваме да излеземе во пресрет, но толку многу е зголемен бројот, не дека сите се позитивни, некои бараат да се тестираат од страв, од други причини. Барањата се многу поголеми од она што можеме да го сервисираме“, вели Крстевска.

Битолската лабораторија беше првата во земјава што се отвори надвор од Скопје за тестирања на коронавирус. Апаратурата за тестови беше донација на компанија од Битола во износ од 30.000 евра. Средства донираше и Општина Битола во износ од 10.000 евра за обезбедување на просторни услови според потребните стандарди каде сѐ се изведува бесконтактно. Општина Битола пред две недели донираше и 10 000 евра за апаратура за кислородна поддршка во Клиничката болница во Битола, а деновиве уште 20 000 евра од општинскиот буџет за набавка на брзи ковид тестови.

„Поддршка на Центарот за јавно здравје во висина од 20 000 евра наменети за набавка на најмалку 2000 брзи тестирања со кои граѓаните ќе можат да имаат дијагноза на својата состојба во многу кратко време од 15 до 20 минути. Имајќи во предвид дека броевите на заболените се зголемуваат катадневно не само во нашиот град, туку и во земјата и светот, чинам дека поддршката со вакви тестови е потребна зашто брзото детектирање на состојбата со граѓаните, може да доведи до брза интервенција во делот на тоа кој треба да биде изолиран и се штитат и граѓаните околу нив“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Битола е шеста на листата градови по број на активни случаи со ковид -19 во земјава. Пациенти кај кои болеста е во тек има околу седумстотини, а педесетина ја изгубија битката со болеста од почетокот на пандемијата до денес. Повеќе од половина од вкупниот број на починати битолчани од ковид-19 се од овој месец.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG