По деценија повторно се отвори темата за оправданоста на изборот на локацијата Жабени во Битола за индустриска зона. Изборот го направи претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и покрај тогашните критики на опозицијата дека одлуката е лоша зашто местото има подземни води.
Големата германска инвестиција „Кромберг и Шуберт“ кога се отвораше пред десет години, инвеститорите сами кажаа дека вложиле дополнителни 1,5 милиони евра за изградба на насипи поради големо количество вода, за што добиле помош од државата.
Деновиве локалната власт мораше да оддели 3,2 хектари од Жабени за државна индустриска зона каде тампонирањето на земјиштето ќе го направи државата на свој трошок зашто се работи за прилично висока сума, а целта е да се привлече нова странска инвестиција.
„Уште еднаш се потврди после многу години дека локацијата избрана за ИЗ Жабени не е погодна за изградба на индустриски капацитети и не ги задоволува стандардите и потребите на било кој што сака да инвестира. Но, желбата на тогашната власт да создаде свој тотем, по примерот на Скопје 2014, по нешто што ќе бидат запаметени со децении, како во фаронски стил си го остварија. Во тоа време кажуваа бројки дека потенцијални инвеститори купиле парцели, а зад нив се луѓе од највисоките структури во ВМРО-ДПМНЕ купиле парцели, но до денес ништо не инвестирале. Тоа потсетува на процесот Талир“, рече советникот Борче Корлевски од СДСМ.
Во 2013 година на прес конференција екс градоначалникот Владимир Талески изјави дека во Жабени се продадени 49 парцели, па за продажба останала само уште третина од зоната. Покрај фабрики ќе се градеше и хотел, но до денес се подигна само германската инвестиција на „Кромберг и Шуберт“ која обезбедува работа за неколку илјади лица.
„Она што претставува главен проблем кај Жабени е носивоста на земјиштето и можноста на него да се гради фабрика. Поради огромните средства потребни за тампонирање на тоа земјиште, ние одделуваме дел од таа индустриска зона и ќе ѝ овозможиме на Владата да формира во тој дел државна индустриска зона, а со тоа трошоците и подготовката на тлото ќе падната на товар на Владата“, вели Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ пак, обвинија дека во изминатиот период локалната власт не вложувала средства во подобрување на инфраструктурата и атрактивноста на „Жабени“, па затоа сега мора да презема чекори за нови поволни услови.
„Германската инвестицијата Кромберг и Шуберт од 2012 година до денес инвестирала околу 72 милиони евра во Жабени, а Општина Битола во изминатите три години нема вложено ни 72 денари во делот на подобрување на инфраструктурата и зголемување на атрактивноста во индустриската зона. Срамота и греота е кога имате ваков бренд како Кромберг и Шуберт да не ја искористиш таа приказна за да залепиш нови инвеститори. Претпоставувам дека поради нивната политичка суета ваков игнорантски однос имаа зашто во едно минато време зборуваа дека таму има само трња и сончогледови полиња“, рече Иванчо Тошевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Битола е меѓу локациите кои се разгледуваат за инвестирање од страна на американската компанија „Jennmar“ со седиште во Питсбург која произведува рударска опрема.