Ревизија на работењето на претходната локална власт која беше предводена од досегашниот градоначалник Владимир Талески, најави новоизбраната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска од СДСМ. Ќе се проведува и дали локалната власт во заминување ги испочитувала обврските кон инвеститорите во индустриската зона „Жабени“ и во новата населба во битолската касарна за каде општината подигна кредит за да ја изгради инфраструктурата. Петровска вели дека по согледување на состојбата, јавноста ќе биде информирана за сите затекнати проблеми, но ќе се бара и одговорност.
„Она што е најважно, особено кога работите со парите на граѓаните е како ги трошите. Отчет дефинитивно треба да се дава. Оние кои се огрешиле во изминатиот период, видливите и невидливите, зашто според мене сигурно ќе има и невидливи, но тоа ќе го видиме кога ќе влезам во Општина Битола и заедно со мојот тим кога ќе можеме да согледаме и други околности, дефинитивно оние кои се огрешиле ќе настојувам да бидат казнети, зашто само така можеме да тргнеме напред како држава“, рече Петровска.
За време на кампањата нејзиниот противкандидат Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ запрашан дали ќе бара одговорност од претходната локална власт доколку забележи евентуални неправилности, одговори дека ако стане градоначалник негово е да се грижи за проблемите во градот, а за другото постојат правни институции.
„Си има институции кои треба да ценат кој што згрешил, да си поведат постапка и нормално адекватно на доказите да бидат казнети. Но, морам да посочам дека целата оваа криза излезе од прислукувани материјали, а имаше и судски процес „Пуч“, кој јавното обвинителство по некоја игра на случај го тргна настрана и не го процесуира“, рече Илиоски.
Во меѓувреме веќе започна и судскиот процес против досегашниот градоначалник на Битола, Владимир Талески за случајот на СЈО наречен „Транспортер“. Тој е првообвинет заедно со уште 22 лица, меѓу кои и секретарот на општина Битола за злоупотреби со превозот на учениците, кои се проценуваат во износ од околу 360.000 евра.
Минатиот месец Битолското јавно обвинителство отвори нов случај „Транспортер2“ каде Талески повторно се сомничи за злоупотреби на службената положба поради тендери за превоз на ученици во учебната година 2013-2014 и 2015-2016 година по цени повисоки од реалните.
Талески за овие случаи пред изборите рече дека е невин и дека новинарите со шарлатанско известување им дале публицитет.
„Благодарение на многу шарлатанство, непрофесионализам, тенденциозност во вашата фела, тој настан доби голем публицитет. Ние исто така кога ќе се заврши тоа ќе го објавиме до крај. Нашата работа е чесна во сите предмети, а не само во Транспортер“, рече Талески.
Тој како кадар на ВМРО- ДПМНЕ со Општина Битола владееше три мандати, по што годинава ја загуби власта, па на негово место доаѓа градоначалничка од СДСМ.