Истражување за менструалната правда

Илустрација - „Музеј на вагината“ во северен Лондон, Велика Британија

Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“, заедно со Реактор – Истражување во акција започнаа истражување за состојбата со менструалната правда во Северна Македонија.

„Со овој прашалник би сакале да Ве замолиме да ги споделите Вашите искуства, доживувања, практики и ставови поврзани со менструалниот циклус, пристапот до менструални средства и одржувањето на менструалната хигиена. Овој прашалник е наменет за сите граѓани и граѓанки без разлика на родот. Вашите искрени одговори ќе ни помогнат да добиеме проценка за тоа кои се најчестите предизвици со кои се соочуваме, колку од нашето секојдневно функционирање е определено од социјалните ставови за менструалниот циклус, колку од месечниот буџет издвојуваме за менструална хигиена и колку од нас не можат да си дозволат основни производи за менструална хигиена.“

Ова е објаснувањето на почетокот од онлајн прашалникот кој е дел од проектот „Крај за менструалната сиромаштија – Застапување за намалување на менструалната сиромаштија во Северна Македонија“.

„Табуто и стигмата околу менструацијата сѐ уште постојат. Патот кон менструалната еднаквост и правото на секое лице кое менструира достоинствено да се справува со своите потреби за време на менструација, значи дека достапноста и пристапноста до хигиенски продукти не смее додатно финансиски да обременува“, истакнуваат од „Тиииит! Инк.“ објаснувајќи дека целта е да се отвори и продлабочи дискусијата за менструалната хигиена и репродуктивно здравје.

Прашалникот има за цел, информираат организаторите, да ги мапира искуствата, да ја направи видлива состојбата во однос на инфраструктурните услови за соодветно одржување на менструална хигиена, како и да ги дознае ставовите на пошироката јавност во однос на оваа физиолошка појава.

„Оданочувањето на менструалните продукти има огромен удел во веќе дискриминирачкиот розов данок (pink tax). Тешката достапност на квалитетни и безбедни менструални продукти можат да ја направат менструацијата скапо секојдневие, а за голем дел од популацијата во Северна Македонија – луксуз. За среќа, во неколку земји низ светот, постојат исчекори во последните години, од кои се издвојува прогресивниот закон донесен во Шкотска, кој изминатата недела е изгласан после четиригодишната кампања на Моника Ленон, членка на Лабуристичката партија. Преку донесувањето на овој Закон локалните власти во Шкотска се обврзани да обезбедат бесплатни продукти за менструална хигиена на оние на кои им се најпотребни. Во борбата против менструалната сиромаштија, неопходно е и нашата држава да ги следи овие успешни практики кои ќе се пресликаат во политики со кои ќе се унапреди достапноста на производите за менструална хигиена, а со тоа ќе се унапреди и женското здравје“, велат од Здружението на граѓани за промоција на женската активност Тиииит Инк.

Проектот е финансиски поддржан од Програмата за поддршка на граѓанското општество Цивика Мобилитас на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Посочуваат дека истражувањето е предвидено да даде сеопфатна слика за повеќе аспекти од менструалниот циклус и тоа, достапност до продукти, менструални искуства и практики (стигма, срам, менструални болки) и услови за одржување на менструална хигиена, проценка на индивидуалните месечни трошоци за санитарни производи и др.