Достапни линкови

Младите ретко користат контрацепција


Мал процент од младите користат некаков вид на контрацепција, а како причини се наведуваат недоволната информираност и пристап до контрацепција, како и предрасудите и срамот за тоа отворено да се зборува.

Само 1,6 проценти од младите до 29 години во Македонија користат орална контрацепција, односно анти-беби пилули, а помалку од 3 проценти од паровите користат какво било средство за модерна контрацепција. Овие податоци беа соопштени на трибината за сексуално преносливите инфекции и контрацепцијата што во организација на Асоцијација за здравствена едукација- ХЕРА и МКЦ се одржа неодамна во Битола.

„Овие бројки укажуваат на недоволна информираност и на недоволен пристап до средства за контрацепција кај младите. Ние во нашата земја ги немаме сите контрацептивни средства, а и тие што ги има, не се на позитивна листа. Младиот човек треба да си ги плати, а сите знаеме каква е општата финансиска состојба во земјава. Укажува и на недоволна застапеност на функционални младински центри низ целата земја каде младите можат да се информираат и да добијат поддршка. И на крај на стравот од осуда и на срам, односно за стигмата која постои околу оваа тема за преносливите инфекции и контрацепцијата“, рече Андријана Папиќ-Манчева од ХЕРА.

Само во Скопје има два младински центри отворени од ХЕРА кои нудат здравствени услуги за сексуално и репродуктивно здравје, бесплатно и доверливо 24/7 низ целата година. Такви центри нема низ другите градови во Македонија.

Младите од Битола кои зборуваа на трибината не сакаа да бидат снимени. Но, рекоа дека се срамат за сексуалните проблеми и инфекции да зборуваат со родителите, а не сите посетуваат гинеколози за таму да можат да добијат совет. Сознанијата ги црпат најчесто од форуми на интернет. И тие признаа дека ретко користат контрацепција и дека за тоа немаат навика.

Гинекологот Владимир Трајковски кажа дека сексуално преносливите инфекции прилично се застапени кај младата популација.

Предрасудите, односно недовербата тоа да се сподели со некого, а потоа правилно да се постапи, да се најде решение ако настанал проблем со пренос на инфекции кои можат да носат последици и понатаму во животот, тоа е најголемиот проблем. Тоа не се во права смисла болести, туку едни состојби кои потоа можат да повлечат една хронична состојба и на крај да носат последици и по репродуктивното здравје“, рече Трајковски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG